Нема равенство меѓу албанскиот и македонскиот јазик


Законот за употреба на јазиците, кој пред неколку дена беше изгласан од парламентарното мнозинство и покрена големи реакции како од внатрешната, така и од надворешната јавност, е многу јасен кога, каде и на кое ниво ќе се употребува албанскиот јазик. Тој ќе се употребува во комуникација со државните институции, како: Собрание, претседател на Република Македонија, Влада, судство, јавно обвинителство, Уставен суд, народен правобранител, во фактурите од институциите, во изборниот процес, образованието, науката, здравството, културата, при примената на полициските овластувања, во радиодифузната дејност, нотаријатот, извршувањето, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата и во сите институции со седиште во Град Скопје.

Според одредбите што добија зелено светло од мнозинството во парламентот, како и според оценките на дел од правните експерти, овој закон не го изедначува албанскиот јазик со македонскиот, а како пример се посочуваат административните обврски во источна Македонија. Имено, граѓаните имаат право да побараат документи на својот мајчин јазик, но истиот документ ќе биде и на македонски јазик. Законот ги обврзува сите општини во Македонија, за секој случај, да имаат вработено преведувачи кои ќе бидат спремни да асистираат ако биде побарано, во спротивно инспекторатот што ќе биде формиран ќе одлучи дали ќе биде казнета општината или не.

Поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаите и фактурите издадени од институциите, според овој закон, исто така ќе бидат и на јазикот што го зборува најмалку 20 отсто од населението, додека пак книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат само симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.

Со законот е пропишано исто така дека униформите на полицијата, на пожарникарите, во здравствените институции во Скопје и во единиците на локалната самоуправа, во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, да бидат

напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот и на писмото што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во Македонија, што значи дека албанскиот јазик нема да биде официјален во места каде што Албанците се под 20 отсто од населението.

Експертот по уставно право, Беким Кадриу, за „Независен весник“ усвоениот закон го оцени како најдобар понуден досега, кој максимално ќе ја зголеми употребата на албанскиот јазик, но истиот не го изедначува со македонскиот.

„Овој закон е најдобриот закон понуден досега, кој видно ќе ја подобри употребата на албанскиот јазик. Во источна Македонија, на пример, по евентуално барање на граѓанинот, институциите се обврзани да му одговорат на бараниот јазик, но со тој исклучок што документите ќе бидат и на македонски и на албански јазик. Но овој закон не го изедначува албанскиот со македонскиот јазик бидејќи, на пример, на сите места каде што Албанците се под 20 отсто од населението не е задолжително да се употребува албанскиот јазик. Исто така, и меѓународните договори на Македонија ќе бидат напишани само на македонски јазик. Но албанскиот јазик, според овој закон, ќе се употребува во законодавниот дом и ќе биде на исто ниво со македонскиот јазик. Не е вистина дека и во поранешна Југославија имало слична употреба на албанскиот јазик бидејќи верзијата на изгласаниот закон е најдобрата понуда досега. Претседателот Иванов нема ингеренции да го спречи применувањето на овој закон, тој само може истиот да го одложи. Кога имаше пари за проект каков што е „Скопје 2014“ во буџетот, сигурно ќе се осигураат финансиски средства и за реализирањето на Законот за употреба на јазиците“, рече Кадриу.

Кадриу потсети дека во рамките на законот ќе се формира Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и Инспекторат за употреба на јазиците. Овие две институции ќе имаат задача да го мониторираат и асистираат процесот на применување на Законот за јазици.

Доколку во рок од една година по донесувањето на овој закон истиот не биде испочитуван од страна на сите надлежни институции и општини, тогаш ќе следуваат глоби во висина од 4.000 до 5.000 евра.

Блерим Исмаили