НАТО-тестови за идните разузнавачи


Агенцијата за национална безбедност (АНБ), која треба да ја наследи досегашната Управа за безбедност и контраразузнавање, треба да започне со работа на први јуни годинава. Дотогаш, законските измени треба да поминат во Собранието, Владата да обезбеди буџет, простории и опрема, премиерот да назначи директор, а комисија за селекција да ги одбере новите вработени во агенцијата, кои ќе мораат да ги исполнат и критериумите на НАТО.
Вакви се очекувањата на водечките луѓе од Министерството за внатрешни работи, кои тврдат дека повеќе немало да има незаконско следење и прислушување. Децидни се и дека претседателот на Владата немало да има преголема моќ, имајќи предвид дека тој ќе го предлага директорот на Агенцијата и ќе раководи со координацијата на националната разузнавачка заедница, во која ќе се разменуваат информации од сите три тајни служби: АНБ, Агенцијата за разузнавање и Военото разузнавање.
„Вработените во новата Агенција нема да смеат да прислушуваат без наредба од јавниот обвинител или без судски налог. Со тоа, можностите за злоупотреба се сведени на минимум, а доколку некој сепак се осмели да го направи тоа, ќе бидеме ригорозни“, тврди висок функционер во МВР.
Двата закона за формирање АНБ и координативното тело, креирани во соработка со службите од четири пријателски земји, допрва треба да минат низ парламентот. За едниот треба двотретинско мнозинство, а за другиот просто. Во МВР сметаат дека е доволно што опозицијата учествувала во работните групи, иако во ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека го поздравуваат вадењето на УБК надвор од МВР, но забележаа оти никој не се обратил до нив да ги дадат своите забелешки.
Колкав ќе биде бројот на вработени во АНБ не се соопштува од безбедносни причини. Ќе биде објавен јавен оглас, сите ќе добијат еднакви шанси, комисијата ќе профилира работни места и услови за кандидатите, а на крајот ќе следува проверка по стандардите на НАТО. Тие што нема да поминат, а досега биле вработени во МВР, ќе добијат отказ.
Дел од купиштата собрани материјали на УБК ќе бидат трансферирани во новата агенција, други ќе бидат уништени. Управата за безбедност и контраразузнавање во моментов располага со техничка опрема, но не и со тактичка.
„Доколку ни дадат пари од Владата, ќе набавиме и таква“, потенцираат во Министерството објаснувајќи дека тоа што го имаат во моментов е доволно за да се гарантира сигурноста на граѓаните.
АНБ ќе може да прислушува и надвор од ОТА кога ќе се процени дека е загрозена безбедноста на државата. Но во МВР и тука не гледаат опасност од злоупотреба.
Од друга страна, дел од безбедносните експерти предупредуваат дека е ризично од премиерот на државата, без оглед кој е и од која партија доаѓа, да правиме „безбедносно-разузнавачки“ бог, имајќи предвид дека целото разузнавање сега практично се сели кај Владата.
„Оној што ги поседува безбедносно-разузнавачките информации има неограничена моќ. Со нив може да влијае на севкупните општествените текови, од економските па до сите останати процеси. Веќе се уверивме во тоа“, предупреди универзитетскиот професор Злате Димовски.
Вработените во новата УБК само ќе прибираат информации, но нема да имаат полициски овластувања – да истражуваат, да легитимираат. Најголем дел од познатите истраги изведени помеѓу 2010 и 2015 година, всушност, ги водеа припадници на УБК, а не на јавната полиција, па затоа сега им се одзема таа можност.
Владата разгледуваше три модели за реформа на УБК – останување на постојниот модел, одвојување на УБК од МВР и спојување на УБК и Агенцијата за разузнавање, но на крај го избра вториот. Се проценува дека на дневна основа се споделуваат од 800 до 1.200 класифицирани информации.

Од МВР не коментираат дали директорското место ќе се чува за досегашниот директор на УБК, Горан Николовски, или пак во игра ќе биде Зоран Верушевски.

Горан Адамовски