Наташа Андонова, фудбалерка: Не се мажиме за манекени


Фудбалерката Наташа Андонова (24) од Неготино е убавицата за февруари од годинешниот календар на „Пелистерка“, кој на провокативен начин ги истакнува бенефитите на водата и ја слави убавината на жената. Убавата спортистка со исклучителни резултати навикнати сме да ја гледаме во спортско издание, но на календарот е исто така во спортски елемент, но совршено ги отсликува елеганцијата и убавината на спортот.

Со фудбал се занимава од 6 години, а професионално игра 8 години. Една од ретките македонски спортистки кои имаат меѓународна кариера. Прво играла за клубот Турбине Потсдам во Германија пет години, потоа за Розенгард, во Шведска една и пол година, во ПСЖ во Париз – шест месеци, а сега за Барселона со кој има двегодишен договор.

Андонова ни ги откри тајните на топ-изгледот, но и на врвните резултати во спортот.

Твоите најголеми резултати?

– Моите најголеми резултати во мојата професионална кариера се освојување не Бундес лигата, играњето во полуфинале од Лигата на шампионите, освојување на Дамалсвенска, тоа е Шведската лига каде што играв една и пол година, исто така го освоивме и купот на Шведска, а и со Македонската репрезентација до 17 години влеговме во вториот круг на Европското првенство, со У19 игравме во завршницата на Европското првенство, каде што бевме во група со Шпанија, Франција и Холандија. На тој турнир бев избрана за најдобар играч од страна на УЕФА, 8 години најдобра фудбалерка на Македонија.

Од каде љубовта кон спортот, особено кон фудбалот?

– Љубовта кон спортот особено кон фудбалот ја имам уште од мала возраст поради тоа што во мојата фамилија татко ми, дедо ми, моите вујковци, сите беа фудбалери и јас постојано бев на зелените терени. Додека татко ми имаше тренинзи и натпревари, јас бев нонстоп со него и така се роди љубовта кон фудбалот.

Се разликува ли женскиот од машкиот фудбал, кој е најважната споредна работа во светот?

– Се разликува по финансиите, машките се поснажни од жените и играат побрз фудбал, тоа се неколку мали разлика помеѓу машкиот и женскиот фудбал.

Што беше за тебе пресудно: здравјето, изгледот, резултатите?

– За мене сѐ беше пресудно – и здравјето и изгледот и резултатите, но пред сѐ ми е здравјето, затоа што кога сме здрави можеме да постигнеме сѐ во животот.

Колку ти се смени животот откако спортуваш?

– Јас спортувам цел живот, така што мене животот ми изгледа ист, внимавам на исхраната, внимавам кога легнувам да спијам, како што кажав погоре, животот на професионалните спортисти не е лесен и едноставен.

Како ти изгледа еден ден во Барселона? А каков ти беше во Париз?

– Станувам во 7:30 часот, се спремам за на тренинг во 8:45 треба да сум во клубот затоа што имаме заеднички појадок со тимот, тренингот ни почнува во 10, а тренираме до 12. Завршуваме и имаме заеднички ручек во 13 часот, појадокот и ручекот ни се задолжителни, после тоа во 14 часот си одам дома, одмарам малку и во слободното време читам книги, гледам филмови и одам да се видам со пријателите во Барселона. Во Париз денот ми изгледаше речиси исто како во Барселона.

Го запозна ли славниот фудбалер Меси кој игра за Барселона?

– Да, и се сликав со него. Меси е пред сѐ преголема личност, а за фудбалот да не зборуваме. Крал на фудбалот!

Те избраа за постерот на „Пелистерка“. Што значи за тебе еден ваков престижен настан?

– Еден ваков престижен настан за мене значи голема промоција за мене како личност, а се надевам покрај мене и компанијата ќе добие голема популарност.

Дали фудбалерките се мажат за манекени, како манекенките за фудбалерите?

– Па знаете како, животот на професионалните спортисти то ест  фудбалери и фудбалерки не е едноставен и не може секој да се вклопи во него. Ние многу често патуваме и немаме многу слободно време и посветени сме на фудбалот, така што манекените нас не би нѐ разбирале, секако со исклучок (се смее), така што мислам дека фудбалерките не се мажат за манекени.

Кое е твоето хоби и колку те интересира модата?

– Моето хоби е да слушам музика, да гледам филмови, да читам книги и да се едуцирам, а модата ме интересира многу и во тренд сум со сѐ што се случува во светската мода.

Спортистките се најчесто во патики. Дали носиш и високи потпетици?

– Секако дека носам високи потпетици, обожавам да се средам и да се дотерам.

Што им советуваш на девојките за топ-форма?

– Да спортуваат, да живеат спортски, да пијат вода и да се занимаваат професионално со спортот.

Колку ја имаш поддршката од семејството?

– Моето семејство е мојата најголема поддршка во животот. Без него не би била таму каде што сум сега и не би го постигнала овој успех што го имам постигнато досега.

Лејла Сабит   Фото: Ани и Дими и приватна архива