Мицкоски со велигденска порака: Граѓаните и државата заслужуваат подобро


 

„Ние не смееме да станеме држава каде поделбите се секојдневие. Треба да се напуштат политиките кои не втурнуваат во табори, не двојат, прават граници и подигаат вештачки ѕидови. Неуспехот на државата е колективен неуспех. Затоа граѓаните заслужуваат подобро. Државата заслужува подобро“, стои во писмената велигденска порака на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски до православните Христијани. Тој порачува дека иднината на државата и просперитетот на нацијата немаат алтернатива. Република Македонија мора да започне силно да оди напред. Република Македонија има капацитет, има знаење на кое мора да му се даде шанса, затоа што може поинаку и мора подобро.

„Дозволете ми во мое лично име и во името на ВМРО-ДПМНЕ на сите православни верници да им го честитам празникот Воскресение Христово Велигден, со искрени желби за здравје, благодет и среќни и успешни денови пред Вас. Велигден е денот кога нашиот спасител Исус Христос ја победи смртта, со Воскресението тој ја воскресна надежта на човечкиот род. Во деновите кога надежта повторно се раѓа, љубовта, радоста, трпението и милосрдието нека завладеат со срцата на сите граѓани. А надежта е повеќе и од потребна во овие мигови на тешки искушенија и предизвици, но и силна верба дека може и мора подобро и посилно. Во овие празнични денови, пораката која ни ја праќа Христос спасителот наш подеднакво силно одекнува низ милениумите до денес, пренесувајќи ни го неговото учење за сплотеност, пожртвуваност, добрина и праведност кои треба да бидат белег и доблест во нашето дејствување. Обесправените мора да добијат правда, а добрината и делата да бидат вистинската вредност на делување“, порачува Мицкоски со желби за убави празнични денови, многу љубов и хармонија во семејствата, добро здравје и духовен мир.