Министерството и невладината организација САНО обезбедуваат престој за роднините на повредените во сообраќајната несреќа


Министерството за здравство и невладината организација „САНО“ ги повикуваат роднините на сите повредени од тешката сообраќајна несреќа доколку немаат сместување во Скопје да се пријават за сместување во родителската куќа (која се наоѓа во близина на Министерството за здравство).
Роднините треба само да се обратат на лекарите каде се сместени повредените, по што ќе им биде издадена потврда дека лице од нивното семејство е повредено во несреќата.
Престојот во родителската куќа е комплетно бесплатен и почнувајќи од денеска, куќата е отворена за семејствата на сите повредени кои имаат потреба од престој во Скопје.
Дополнително, во соработка со Комората на психолози на Република Северна Македонија за сите роднини на пациентите кои имаат потреба од психолошка поддршка, обезбедена е стручна помош од психолози.
Мобилизирани се специјалисти од земјава и искористени се ресурси од сите клиники, екипите од болницата „8 Септември“, Ургентниот центар, Клиничката болница во Тетово и возилата за итна медицинска помош од Здравствениот дом во Скопје и од приватните болници „Систина“ и „Неуромедика“. Целокупниот здравствен систем е активиран во рок од 15 минути по информацијата за несреќата. Се прават натчовечки напори за да им се помогне на пациентите.