Мило Ѓукановиќ и официјално избран за претседател на Црна Гора
Мило Ѓукановиќ е новиот претседател на Црна Гора, откако освои 180.274 гласа или 53,9 проценти на вчерашните претседателски избори, соопшти денеска црногорската Државната изборна комисија.
Според конечните изборни резултат, главниот противкандидат на Ѓукановиќ, Младен Бојаниќ, кого го поддржаа поголемиот дел од опозициските партии, освоил 111.711 гласови или 33,4 отсто.
Кандидатката на опозициската Социјалдемокртаска партија Драгиња Вуксановиќ освола 27.441 гласа или 8,2 проценти.
Претседателот на Вистинска Црна Гора, Марко Милачиќ го поддржале 9.405 избирачи или 2,8 отсто, а кандидатот на Партија на правдата и помирување Хазбија Калач 2.677 гласачи, односно 0, 8 отсто. За Василије Миличковиќ гласале 1.593 лица или 0,48 отсто, а за Добрило Дедиќ 1.363 или 0,4 отсто од гласовите.
Според Комисијата, на изборите гласале 340.462 гласачи, што претставува одѕив од 63,92 отсто.
Шефицата на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Тана де Зулуета изјави денеска дека претседателските избори во Црна Гора протекле мирно со „неколку процедурални неправилности“.
Според неа, институционална предност имал кандидатот на владејачката коалиција Ѓукановиќ.
– Изборниот ден помина уредно, со неколку процедурални неправилности, изјави Тана де Зулуета.
Набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР го следеле гласањето на 500 избирачки места.
– Кампањата траеше три недели, постојат наводи дека се вршени притисоци врз гласачите… Денот на гласање помина без поголеми проблеми, како што треба. Ги следевме медиумите, сите кандидати имаа можност да се претстават на јавноста, додаде Зулуета.