Маја Поцевска со нов ангажман: Телевизијата ја заменив со Државна лотарија


Маја Поцевска, познато ТВ-лице, одамна ја нема во етерот. Беше актуелна со емисиите „Старлајф“ каде што го следеше животот на славните личности зад сцена. Ни откри дека ја очекува нов професионален предизвик, но и убави новини во приватниот живот.

Те нема на ТВ-екраните. Зошто?

– Со завршување на циклусот емисии „Старлајф“ одлучив да направам пауза од ТВ-екраните бидејќи имав впечаток дека нашите ТВ-куќи многу малку инвестираа во домашна продукција и естрадата ни беше во сенка. Многу малку наши јавни личности беа интересни за јавноста, често беа гости пејачи од бившите југословенски простори кои најчесто имаа настапи кај нас и имаше и сѐ уште има најголем интерес токму за нив. Во мојот последен ТВ-проект го доловив нивниот живот зад сцената. Тоа траеше неколку сезони. Почувствував дека ми треба пауза за евентуално почеток на нов циклус со малку поинаква концепција, бидејќи сметам дека треба да се внесуваат новитети и концептуални освежувања.

Ќе се вратиш ли на ТВ-екраните со нова емисија?

– Досега не го почувствував моментот за нешто ново и почеток на нов ТВ-проект, а и сосема неочекувано ми се појави нов ангажман кој е поврзан со ТВ-екраните во Државна лотарија и сметам дека ќе биде нов предизвик за мене.

Каква е нашата естрада? Имаш кането многу гости во твоите емисии.

– Според мене, од моето долгогодишно искуство, нашата естрада сѐ уште не умее да биде доволно искрена и отворена со својата публика. Сѐ уште постои тој вештачки однос кој лесно публиката го препознава. Иако се одлучиле за јавна професија, сепак се трудат да ја скријат приватноста да се подалеку од очите на јавноста за својот начин на живот, чест на исклучоците. Можеби е тоа некој страв да не добијат негативни поени и негативно мислење, што е факт дека нашиот менталитет е таков. Луѓето се настроени осудувачки.

Што се случува во твојот приватен живот?

– Мојот приватен и професионален живот се тесно поврзани. Додека ги работев ТВ-проектите, често патував надвор од земјата за потребите на снимањата, следење настани, фестивали и промоции. Сега сум почесто во Скопје иако многу сакам да патувам и ја користам секоја можност да отпатувам некаде. Пред еден месец славевме полнолетство на мојата ќерка Јана, сега следува матура и упис на факултет. Многу сум горда на мојата ќерка бидејќи израсна во стабилна и добра личност која е вистински другар.

Многу си активна на социјалните мрежи? Од ќеф или зашто такво е времето?

– Во последно време не сум многу активна. Бев поактивна кога ја снимав емисијата бидејќи тоа е начин да ја информираш публиката и да си присутен. Но, од друга страна, некогаш се и дегутантни и непотребно одземаат премногу време. Тенка е линијата колку е умерено присуството и правилно користењето на социјалните мрежи.

Л. Сабит