Македонија (У21) убедливо поразена од Австрија во Скопје во квалификациите за ЕП 2019
Фудбалската репрезентација на Македонија за играчи до 21 година го доживеа и третиот пораз во квалификациите за Европското првенство во 2019 година. Избраниците на селекторот Благоја Милевски попладнево во Скопје загубија од Австрија со 0:4. Стрелци на головите за гостинската селекција беа Јакуповиќ во 12 минута и во 54., Хонсак погоди во 26., а десет минути по него реализира и Лајмер.
Македонија во финишот остана со фудбалер помалку на теренот по исклучувањето на Тихомир Костадинов во 80 минута. Пет минути подоцна Исени не успеа да постигне почесен гол од белата точка.
Македонија е последна во групата 7 со само три бода од четири средби. Лидер е репрезентацијата на Србија која во Ереван ја совлада Ерменија со 1:0.
„Црвено-жолтите“ својот нареден меч во циклусот ќе го одиграат на 23 март против Русија.