Македонија влегува во реформската ЕУ-машина


Европската унија ја почнува подготвителната скрининг-фаза за пристапните преговори со Македонија.В четврток, на само три дена пред референдумот за договорот со Грција (решението на деценискиот спор е еден од условите Македонија да стане членка на ЕУ), досега најголема делегација од над 40 претставници, предводена од главниот политички преговарач Бујар Османи заминува за Брисел. Со презентирање на поглавјето 23 од преговорите, кое се однесува на правосудството и основните права,  формално почнува скринингот кој е подготовка за процесот на почнување на преговорите за членство со ЕУ.

Станува збор за т.н. објаснувачки процес за 33. поглавја за кои земјата кандидат подоцна преговара со Европската Унија, а потоа доаѓа и втората фаза – билатералниот скрининг, кој е пообемен и посложен процес. Тоа значи дека 33 одделни тима ќе треба да заминат во Брисел до заокружување на скринингот до јуни 2019 година, по што треба да следи меѓувладина конференција и започнување на преговорите.

„Ќе ја предводам најголемата владино-државна делегација, дел од преговарачката структура и нејзината административна поддршка во Брисел, директно во Европската комисија, каде што ќе биде презентирано првото поглавје. Ова е исклучителен настан, односно пресвртна точка со која Македонија  формално го почнува последниот дел од патот за полноправно членство во ЕУ“, рече Османи.

Тимот ќе го сочинуваат претставници од правосудниот и безбедносниот сегмент, претставници од Министерството за правда предводени од министерката Рената Дескоска, од неколку други ресори и институции, како и од Секретаријатот за европски прашања, кој претставува административен скелет во комуникацијата со ЕУ.

Поглавјето правосудство и основни права, според познавачите, не случајно е одбрано за старт на скринингот. Него го сочинуваат четири тематски целини: реформа на правосудството, антикорупциската политика, основните права (протоколи, повелби, декларации кои мора да се воведат во правниот систем) и правата на државјаните на ЕУ (право на глас и кандидирање за изборите за Европскиот парламент).

Таа проблематика предизвикува посебно влијание кај ЕУ, велат упатените, имајќи предвид дека стабилен правосуден систем е неопходен за остварување на владеење на правото. Оваа област, пак, има четири подобласти: независност, непристрасност, професионалност – стручност – ефиксност и реформа на правосудството. За некоја земја кандидат да биде успешна во реформите во оваа област, мора не само да има целосна ускладеност со европските правни акти, туку и мерливи резултати во нивното спроведување. Антикорупциската област е, исто така, важна. Од отворање, па до затворање на преговорите, нагласуваат познавачите, таа ќе биде центар на внимание на ЕУ. Најосетливи прашања се корупцијата во здравството, јавните набавки, образованието, правосудството, јавната администрација, финансирање на политички партии…

Целокупниот процес е исклучително сложен. Во него треба да се вклучат сите расположливи општествени сили. За таа цел Владата објави јавен повик за пријавување на надворешни експерти кои сметаат дека можат да помогнат во процесот.

„Ќе ни биде потребна сета експертиза во Македонија. Може секој да се пријави и да стане дел од нашиот регистар или база на податоци за надворешни соработници“, рече Османи.

Главниот технички преговарач и посебен советник на премиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, ги охрабри сите заинтересирани да се пријават на огласот. Повикот, според него, не претставува замена за вклученоста на граѓанскиот сектор, бизнисот и академската заедница во овој процес. Таа соработка, рече, ќе се дефинира во наредниот период.

Што е скрининг?

Скринингот преставува оценување на ускладеноста на законодавството на државата со тоа на ЕУ, а го предводи Европската комисија. Тој служи како основа за преговорите за пристапување, кој се водат меѓу државите членки на ЕУ и земјата кандидат. Анализата за време на скринингот дава основа за изработка на преговарачките позиции на земјата кандидат, додека за Европската комисија таа е показател за подготвеноста на државата за отворање на одделните преговарачки поглавја. Целта е да се утврдат постоечките разлики по секое поглавје во преговорите. Со него се утврдува областа во законодавството на земјата кандидат кое е потребно да се приспособи на законодавството на ЕУ, се оценува постоечкото ниво на ускладеност, како и потребата од понатамошно приспособување на законодавството на ЕУ.

Оваа фаза се спроведува посебно за секое поглавје, а неговото траење зависи од опсегот и правната регулатива на ЕУ имплементирана во одредената област од законодавството. Да речеме, во случајот на Хрватска се покажа дека скринингот на едно поглавје може да трае од еден ден до неколку недели, а целокупната постапка да трае околу една година.

Во рамките на скрининг-процесот од државата кандидат се очекува на основа на анализа да покаже дали ќе може во целосност да ја прифати правната регулатива на Европската Унија или има намера да побара преодни периоди за ускладување и спроведување на законодавството на ЕУ.

По спроведениот скрининг Европската комисија во соработка со државата кандидат изработува Извештај за резултатите за секое поединечно поглавје во кое се дава оценка за подготвеноста на државата кандидат и препорака за отворање содржински преговори за поединечните поглавја. Извештајот за резултатите Европската комисија ги доставува до Советот на Европа и државата кандидат. По завршениот аналитички преглед одлуката за отпочнување преговори во одделни поглавја, во зависност од оценката за подготвеност на земјата кандидат, односно самиот скрининг, ја носат државите членки во рамките на Советот на ЕУ. Со оваа одлука почнуваат преговорите кои се водат врз основ на преговарачките ставови на државите на ЕУ и кандидатите за членки, а кој се изработува врз основ на резултатите од скринингот.

Наум Котевски