Лига Европа: Вечерва се игра финалето Олимпик-Атлетико


Олимпик Марсеј со трета европска титула или Атлетико Мадрид со седма. Дилемата ќе биде симната вечерва по пресметката меѓу францускиот и шпанскиот претставник на „Стад де Лион“ во финалето на тековното издание на УЕФА Европа лигата што започнува во 20.45 часот.

„Ни даваат мали шанси за победа, но ние сме дојдени во Лион да дадеме максимум. Самиот меч против Атлетико Мадрид е голем за нас. Против себе ќе имаме клуб кој двапати се пласира во финалето на Лигата на шампиони во последните четири години, клуб кој не така одамна има и триумф во ова натпреварување. Самиот факт што мечот за титулата се игра во Франција е фантастична прилика за мојата екипа. Ниту француски претставник досега го нема освоено овој пехар и ќе биде одлично ако бидеме први во тоа“, истакна тренерот на Олимпик Марсеј, Руди Гарсија.

Во обидот за детронизирање на Манчестер јунајтед влегуваат два клуба со богата историја и континентално педигре. За тимот од Марсеј, кој почна од третото квалификациско коло во ЛЕ, ова ќе биде седмо меѓународно финале додека популарните „јорганџии“ ќе настапат по 13 пат во меч за шампионски трофеј.

„Подготвени сме за големото финале. Олимпик Марсеј е докажана екипа предводена од тренер кој има безброј опции во составот. Опасни се, пред се, во средниот ред и во нападот. Можеби важиме за фаворити за некои, но мора да бидеме крајно внимателни. Нè очекува тежок меч. По елиминацијата од Лигата на шампиони се фокусиравме на ова натпреварување. Уште тогаш нè вброија меѓу најсериозните кандидати за финале и еве нè овде“, истакна Диего Симеоне во најавата за средбата.

Двајцата менаџери немаат сериозни проблеми за составување на почетните 11. Гарсија се надева на инспиративна партија на капитенот Дмитри Паје, а дилемата е дали со Луис Густаво на средина или во одбрана додека Андре Ангиса и дефинитивно ќе биде замена за Максим Лопез во линијата последни фудбалери за врска.

Симеоне, пак, повторно го доби на располагање Филипе Луис кој се рехабилитира по повредата. Но, неговото место по левата странична позиција во дефанзивната линија се очекува да го добие младиот Лукас по одличните партии во последните неколку натпревари. Други недоумици кај популарниот Ел Чоло нема со надеж за максимално залагање на секој еден на тревникот во Лион и за трета победа во ЛЕ по 2010 година и по 2012 година.