Коѕијас заврши со брифирање на грчките партии за преговорите за името


Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас денеска заврши со циклусот средби со грчките партии кои ги брифираше за текот на преговорите за името. Нешто помалку од два и пол часа траеше денешната, последна средба со одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија Јоргос Кумуцакос.

Средбата што се одржа во грчкото МНР, беше затворена за медиумите, а Кумуцакос по завршувањето само кусо коментираше дека опширно разговарале. Меѓутоа не постојат информации за деталите и што точно си кажале Коѕијас и Кумуцакос.

„Имавме опширен разговор за кој ќе го известам претседателот на партијата“, кусо рече одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, излегувајќи од грчкото МНР.

Никос Коѕијас во понеделникот се сретна со генералниот секретар на Комунистичката партија, Димитрис Куцубас и со лидерот на Река, Ставрос Теодоракис, во вторникот со првиот човек на Сојуз на централисти, Василис Левендис и со претседателката на Движење за промена, Фофи Генимата.

Откако претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис побара да биде избрифиран од премиерот, а не од министерот, со Никос Коѕијас се сретна одговорниот за надворешна политика во партијата.