Концерт на чудото од дете, Даниел Харитонов


Македонската филхармонија вечерва со почеток во 20 часот го почнува првиот концерт од серијата најавени за годинава. Првиот настан е насловен како „Лауреати“ и ќе настапи чудото од дете, младиот виртуоз на пијано Даниел Харитонов, под диригентство на маестро Даниел Рајскин од Русија.

Роден во рускиот град Јужно-Сахалинск, Харитонов се прослави како еден од најсјајните таленти на 15. Меѓународен натпревар „Чајковски“ во 2015 година, на возраст од само 16 години. Тогаш, како најмлад учесник, неговата триумфална изведба ќе му ја донесе третата награда. Но, публиката е воодушевена од неговиот настап и тој ќе го понесе епитетот „чудо од дете“, а ќе биде наречен и виртуоз со извонредна техника и искрена интерпретација. Ќе го именуваат и како „откритие на 15. натпревар „Чајковски““. Од тогаш неговата кариера рапидно расте. Настапува со престижни оркестри и врвни диригенти.
Харитонов за македонската публика ќе го изведе популарниот и раскошен Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Франц Лист, а на програмата се и атрактивната увертира „Карневал“ од Антонин Дворжак, како и славната Симфонија бр. 2 од Јан Сибелиус.

До крајот на оваа концертна сезона, Македонската филхармонија, како што најави, ќе реализира уште голем број симфониски концерти со ѕвездени солисти и диригенти, а програмата ќе биде исполнета со сериозни, комплексни, но и атрактивни и инспиративни дела.