Конзерваторското одобрение за Али-пашина џамија во Охрид не е испочитувано во целост
Управата за заштита на културното наследство соопшти дека од извршениот инспекциски надзор на 7 ноември било констатирано дека сите работи на непосредна заштита на Али-пашината џамија во Охрид се изведуваат согласно одобрената проектна документација, но не е испочитувано пропишаното со точка 6 од диспозитивот на Конзерваторското одобрение – дека „работите од став 1 од диспозитивот на ова одобрение може да се изведат врз основа на правосилно одобрение согласно со прописите за градење“.
– Во таа насока, согледувајќи дека не е испочитувано конзерваторското одобрение во целост, постапено е согласно член 172 став 1 точка 10 од Законот за заштита на културното наследство и поведена е постапка против носителот на конзерваторското одобрение – Исламската верска заедница – Муфтиство Охрид поради изведување работи на непосредна заштита спротивно на издаденото конзерваторско одобрение. За констатираните неправилности Управата писмено го извести и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за постапување согласно нивните надлежности, информира денеска Управата.
Нејзиното соопштение следува откако граѓани на Охрид организирани во Здружението „Совест“ завчера реагира на начинот на кој се врши реставрацијата на Али-пашината џамија во Охридската чаршија, како и на градежните активности околу самиот објект, за кои тврдат дека се спроведуваат без соодветна дозвола од надлежните институции.
УЗКН посочува дека при отстранувањето на бесправно изградените објекти, вклучително и тремот на џамијата и другите пропратни градби, односно изведба на земјени работи при темелењето на помошните простории – тоалети, не се констатирани археолошки остатоци и дека тоа е констатирано и во извештаите од археолошкиот надзор.
Врз основа на Елаборат за ревалоризација од 18 февруари 2014 година, изготвен од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, Али-пашина џамија во Охрид е прогласена за значајно културно наследство со соодветен режим на заштита и е впишана во Националниот регистар на културното наследство, Главна книга, Дел први – Недвижно културно наследство.
Поради несоодветно преземени мерки на обнова спроведени во минатиот век, кои во голема мера ја нарушуваат автентичноста и негативно влијаат врз состојбата на заштитеното добро, изготвен е Основен проект за конзерваторско-реставраторски работи и реконструкција на Али-пашината џамија во Охрид, изработен од МЗТ ИНЖЕНЕРИНГ, ДОО Битола.
Конзерваторско одобрение за конзерваторско-реставраторски работи и реконструкција на Али-пашината џамија во Охрид е издадено во јуни 2016 година од Управата за заштита на културното наследство, по барање на имателот на доброто – Исламска верска заедница во РМ – Муфтиство Охрид, откако било констатирано дека се исполнети условите предвидени во членот 87 од Законот за заштита на културното наследство