Компаниите ги чекаат како лепче првите „дуалци“


Стефан, Виктор, Стојче, Шефко и Евгенија сакаат да бидат индустриски мехатроничари. Занимањето не звучи баш познато, ама без вакви работници техниката што ве опкружува ќе ја нема, како на пример, менувачите во автомобилите. Токму такви, за „Фолксваген“, „Мерцедес“ и уште неколку автомобилски џинови, се произведуваат во охридски „Костал“. Таму планира да работи и Евгенија. Таа е прва година во средното стручно училиште „Св. Наум Охридски“, каде што има една пилот-паралелка со 18 ученици, како тест за дуалното образование во Македонија. Вели, тоа што по завршувањето има загарантирана работа ја мотивирало да одбере токму мехатроника, а не некоја од електро или машинските занимањата.

„За факултет ќе размислам, а за заминување од овде, не“, категорично одговара на прашањето дали планира како многумина да ја напушти земјата.

Нејзината одлука е потешка, затоа што по завршувањето ѝ се отвораат многу врати. Овие млади луѓе ќе имаат сертификати за мехатроничари и ќе можат да работат каде што сакаат, за разлика од работниците кои ги обучуваат големите компании во своите академии, кои се само за нивни потреби. А може и да продолжи на факултет.

Шефко го привлекло тоа што наставата и праксата ќе се изведуваат по германски стандарди. Всушност, Делегацијата на германското стопанство во Македонија од април лани ја почна програмата за дуално стручно образование во Македонија „Skills Expert“. Програмата која е финансирана од Министерство за економија и енергетика на Сојузна Република Германија има за цел да им помогне на компаниите да обезбедат стручни и квалификувани работници преку воведување на системски елементи од германското дуално стручно образование. Системот е веќе докажан во Германија, претставува комбинација на теорија, за која се задолжени стручните училишта и практична обука, врз која се става посебен акцент и ја спроведуваат компаниите.

       Стефан, Виктор, Стојче, Шефко и Евгенија се дел од пилот-паралелката со 18 ученици

Во моментов, охридскиот училиштен центар нема потребна опрема за почетна практична работа на учениците.

„Во работилницата, машините се од поранешна Југославија. Тие машини тогаш биле добри и сега функционираат, ама тука, за нас, времето застанало“, вели директорот на училишниот центар Сашо Недески. Бил да види како функционираат центри за дуално образование во Германија и во Словенија, за да може да ги искористи искуствата.

„За разлика од Германија, каде што годишно по милион и двесте илјади евра се инвестира за нагледни средства, машини и опрема, кај нас не е инвестирано не памтам од кога. Во 2005, кога Словенија влегла во ЕУ, и нивните училишта биле во иста состојба како нашите сега. Се развивале по принцип на проекти, откако им се отвориле европските фондови. Да имаме и ние таква опрема, како во Германија или Словенија, и да можат децата во компаниите истото да го работат, за три години сè ќе научат. Во Шкофја Лока стручното образование е во подем, помалку се запишуваат на економска и правна струка, каде што не им е сигурно вработување а невработеноста е само 1-2 проценти. Ама таму учениците работат на посебни тастатури за програмирање, имаат 3-Д печатачи, робот за заварување“, објаснува Недески.

Потребата за нови стручни занимања се појави со влегување на странските компании. Во моментов најбарани се електротехничката и машинската струка. Има недостиг на кадар, па има примери компаниите да вработуваат келнери и готвачи, кои за неколку месеци ги преквалификуваат за да работат на машина.

Охридската паралелка од 18 ученици е оформена токму според барањата на компаниите – 2 индустриски мехатроничари побарал „ОДВ-Електрик“, 8 „Костал“, и уште толку „ЛТХ леарница“. Интересот бил многу поголем, 10 ученици биле одбиени. И родителите инсистирале на сигурно вработување на своите деца. Очекувањата се дека до наредната учебна година ќе завршат подготовките и ќе стартува реформираното стручно образование, со редовни, а не пилот-паралелки. И дека досегашниот начин на размислување и работење во образованието, кој создаваше вишоци на нефункционална работна сила, ќе се напушти.

Во просториите на поранешно „ЕМО“ сега компанијата „Костал“ произведува комплексни производи што бараат квалификуван персонал и технолошки софистицирана опрема.

„Во една смена, на пример, се прават 650 автомобилски менувачи. Од сегашните 322 вработени целта е да стигнеме до 1.000 и да имаме еден робот на двајца вработени“, вели директорот на „Костал“ Виктор Мизо.

За плановите на компанијата не се доволни само континуираните обуки на вработените во фабриките во Германија и Ирска. „Костал“ минатата година ангажирал 13 апсолвенти од завршните години на електро-машинскиот и факултетите за информатика и технологија, за кои обезбедил девет недели обука со сместување, месечни примања од 150 евра со понуда за стипендирање до завршување на студиите и отворен повик за вработување со почетна плата од 350 евра и по 6 месеци стандардна плата од 500 до 600 евра.

За „Костал“, дуалното образование решава само дел од проблемот со кадар. За да работат со технологија за производство на специфична електроника, потребни им се инженери кои, како што вели, јужно од Виена ги нема.

„Како фирма сме принудени глобално да бараме обучени луѓе кои ќе дојдат во Охрид. Такви има 15.000 во цел свет, од кои половината во САД. ‘Костал’ како компанија е лидер во ‘пауер електроникс решенија’“, посочува Мизо, додавајќи дека најголем проблем во Македонија е недостигот на мобилност кај работната сила и дека многу тешко работници, на пример од Скопје, одат во Охрид.

„Костал“ се соочува и со недостиг на обучени работници за одржување на напредните технички линии и производството.

Анита Салтировска