Колку вода крадат скопјани?
Еден од горливите проблеми на ЈП „Водовод и канализација“ е кражбата на вода, која придонесува за зголемување на загубата на вода. Податоците за кражба на вода се нотирани и согласно важечките законски нормативи тековно се преземаат соодветни мерки.
Во текот на 2016 година почнати се 617 постапки за кражба на вода, а во 2017 година само 24 постапки. Надлежните служби во компанијата се трудат оваа бројка да биде сведена на минорно ниво, а за тоа се користат и ќе бидат искористени сите дозволиви законски мерки (исклучување од системите за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води и отпочнување на постапки за кражба на вода до надлежните институции).
Во 2017 година тековната наплата била 44,37 отсто, а кумулативната наплата 89,53 отсто.
Регистрирани загуби на вода во градскиот водоводен систем
Од вкупно произведената вода, која во 2017 година изнесува 107.263.501 метри кубни, анализата на загуби на вода покажува дека 21,9 отсто е од комунална потрошувачка, а комерцијалните загуби изнесуваат 5,93 отсто.
За регионот и пошироко се смета дека дозволена загуба на вода во системот е 20 отсто, за чие намалување треба да се вложи голем труд и знаење за нејзино доведување во границите на прифатливото. За таа цел „Водовод и канализација“ има набавено теренското возило за истражување и откривање на дефектите опремено со најсовремена опрема за овој вид работа и направени екипи со обучени луѓе што работат со него.
– На истражувањето и намалувањето на загубите гледаме како на внатрешна резерва со која можеме да го ублажиме недостигот на вода во водоводниот систем, посебно изразен во летните месеци, информира „Водовод и канализација“.
Состојбата во претпријатието
– Состојбата со потребната кадровска екипираност за редовно извршување на задачите во претпријатието не е на задоволително ниво бидејки затекнавме состојба на превработеност на административен кадар, кој е несоодветно поставен на работните позиции. Не се следени реалните потреби за ангажирање на инженери и работници во претпријатието кои се основа за функционирање. Од финансиски аспект, претпријатието од претходното раководство е оставено во многу лоша состојаба, со големи долгови кон економски оператори и други правни лица, информира „Водовод и канализација“.
По однос на исплаќање на обврските биле фаворизирани одредени фирми на кои во целост им се исплаќале доспеаните обврски додека на други воопшто не им било исплаќано за нивните услуги. Голем број на државни институции со години воопшто не плаќале вода со што претпријатието претрпува огромни финансиски загуби.
Секторот Механизација располага со вкупно 166 возила со просечна старост од девет и пол години. Најголемиот проблем се јавува кај возилата кои ја извршуваат дејноста која е основа на претпријатието, а тоа се специјалните возила и тешките товарни возила кои се со просечна старост од 16 години и кои се доста застарени и амортизирани. Сите возила се опфатени со ГПС системот за навигација и следење.
Од ЈП „Водовод и канализација“ најавуваат дека ќе преземат повеќе мерки за корисниците како подмирување на ненаплатените побарувања во целост без пресметана камата и одложена отплата на ненаплатените побарувања на месечни рати.
Што се однесува до квалитетот на водата, скопјани пијат чиста и квалитетна вода. Квалитетот на водата е константен, контролиран и непроменет. Секојдневните контроли на водата ги извршува Центарот за санитарна контрола и надзор при ЈП „Водовод и канализација“, согласно закон и редовно ги известува надлежните органи во форма на извештаи и анализи за хемиската и микробиолошката исправност на диструбуираната вода, како и состојбата со резидуален хлор.
– Спроведувањето на пропишаните норми кои се усогласени со критериумите на ЕУ и СЗО ги изведуваат стручни и соодветно опремени екипи кои својата работа ја верификуваат пред инспекциските органи на соодветните министерства. Анализите се спроведуваат согласно светски признатите стандарди за што лабораториите се акредитирани пред нашите акредитациски тела. Ова подразбира и учество на меѓународни проверки на точноста и прецизноста во мерењата, информира Јавното претпријатие „Водовод и канализација“-Скопје.
Град Скопје се снабдува со вода за пиење од изворот Рашче
Водата во дистрибутивниот систем е од изворот Рашче, што се наоѓа 17 километри западно од градот, во подножјето на планината Жеден, и каптажата Рашче 2 и се карактеризира со идеална бистрина и средна тврдина од 17 – 18 степени, според германската скала на тврдост на водите.
– Водата е благо базна со поволен сооднос меѓу натриум и калиум, како и меѓу калциум и магнезиум. Од страна на анјоните водата се карактеризира како бикарбонатна, што всушност ја чини нејзината питкост. Ниската содржина на натриум како и соодностите на носечките катјони и анјони ја чини водата особена и карактеристична. Беспрекорната бактериолошка исправност е само уште еден показател за континуитетот и грижата за корисниците и состојбата на дистрибутивниот систем. Тоа овозможува нивото на резидуален хлор да се држи во ниски граници согласно Закон и во превентивна функција за одржување на здравствено исправна вода во дистрибутивниот систем кој е респектабилно голем и по должина и по капацитет, соопшти ЈП „Водовод и канализација“.
Истражување алтернативни извори за водоснабдување на Скопје
Со цел да се задоволат сите потреби од здравствено исправна вода од квалитативен и квантитативен аспект, „Водовод и канализација“ во соработка со Град Скопје спроведува проект за истражување алтернативни извори за водоснабдување на градот. Предмет на континуитан мониторинг се: Кадина река, Мала река, Патишка река, како и изворот Врело во Матка. На овие локации се вршат хемиски, микробиолошки анализи со фреквенција еднаш во месецот, како и радиолошки анализи, паразитолошки анализи и анализи за присуство на пестициди и резидуи согласно закон. Активностите се во функција да се дојде до релевантни податоци за евентуалното соодветно користење на ресурсите. Во овие активности покрај Центарот за санитарна контрола вклучени се и Институтот за јавно здравје на Република Македонија и Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија.
– Наш приоритет во наредниот период е да бидеме општествено одговорно претпријатие кое во фокусот ќе ги има зачувувањето на животната средина и помошта на социјално ранливите категории на граѓани. Во таа насока во соработка со Министерството за труд и социјална политика ќе подготвиме специјални пакети помош за најзагорозените социјални групи на граѓани се со цел да им се овозможи непречено снабдување со вода за пиење, информира „Водовод и канализација“.
Во наредниот период предвидени се повеќе проекти меѓу кои, реконструкции на водоводни мрежи во согласност со годишните инвестициски програми на претпријатието, Програмите на Град Скопје и скопските општини, реорганизација на работењето на Службата за одржување и сервисирање водомери, набавка и поставување дополнителни и соодветни резервни пумпи на сите критични локации, кои ќе се вклучуваат при евентуални дефекти на постоечките пумпи.
Се предвидува поставување нови командни ормани за автоматско управување во пумпените станици за пивка вода со помош на софт стартери и фреквентни регулатори, тековно одржување на капацитетите на водоводната мрежа, катодна заштита на магистрални цевководи, реконструкции на пумпени станици и други објекти на претпријатието, зајакнување на контролата на терен за отстранувањето на дефектите во водоводната мрежа, од аспект на навремено завршување на дефектот, фактичкото вградување на материјали и други евентуални злоупотреби.
(МИА)