Клучен пресврт или чекор назад во преговорите за името


Брзо, како и што се разгореа, почнаа да спласнуваат и оптимизмот и пизмата што во домашната јавност ги предизвика предлогот „Република Илинденска Македонија“ за името на државава, кој претставува своевидно ретерирање од географска во временска или историска, па и идеолошка одредница. И покрај позитивните навестувања од „Илинденска“ во однос на прифаќањето на овој предлог-решение, грчката политичка елита во саботата вечерта, суптилно, ја отфрли и оваа варијанта како можност за затворање на проблемот со името.

Сепак, се чини, оптимизмот не ја напушта македонската Влада, од каде што и вчера дојдоа пораки дека овој предлог е реална можност за компромис за двете страни во преговорите, за кои по последната средба Зоран Заев – Алексис Ципрас се наметна впечаток дека се пред финале.
„’Република Илинденска Македонија’ е име со временска одредница кое се повикува на конкретни датуми од минатото и е реална можност за компромис кој ги задоволува двете страни. Очекуваме дека предлогот ќе биде разбран и ќе најде поширока поддршка во Атина“, соопшти вчера претпладне македонската Влада откако претходната ноќ стигна веста од Атина дека предлогот не наишол на одобрување кај грчките политички фактори.

Грчката влада, всушност, на индиректен начин, преку ставот дека согласно со предлозите на посредникот Метју Нимиц треба да се најде име што ќе има географска или временска одредница, го отфрли прифатениот предлог од македонска страна за „Република Илинденска Македонија“.
„Го поздравуваме тоа што БЈРМ прифати дека не може да има решение без ерга омнес, односно за сите употреби. Сепак, ние ги охрабруваме нашите соседи да продолжиме да работиме заедно за да се најде заемно прифатливо име со географска или временска одредница, како што е предложено од страна на специјалниот пратеник Нимиц“, се наведува во соопштението од кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Претходно, Ципрас ги информираше лидерите на опозициски партии и претседателот на Грција за последниот предлог за името, но не доби поддршка. Сите опозициски лидери го отфрлија предлогот оценувајќи дека со него „не се елиминира иредентизмот“.
Најновото разминување меѓу Скопје и Атина го амортизира донекаде веста за телефонскиот разговор на Ципрас со американскиот потпретседател Мајк Пенс, кои размениле мислења за преговорите за изнаоѓање решение за името. Како што соопшти прес-службата на Белата куќа, Пенс му се заблагодарил на Ципрас за покажаното лидерство, заедно со она на македонскиот премиер Зоран Заев, во нивниот обид да го решат деценискиот спор за името на Македонија.

„Потпретседателот го охрабри премиерот Ципрас да продолжи да работи со премиерот Заев за заемно прифатливо решение. Решавањето на овој спор ќе помогне за стабилноста и мирот во регионот“, стои во изјавата од Вашингтон.

Во него се нагласува и дека Пенс и Ципрас се согласиле дека пред Атина и Скопје се отвора историска можност да го решат ова прашање и оти времето е од големо значење.

Од македонската Влада велат дека ќе ги продолжат разговорите со грчката влада сѐ до изнаоѓање дефинитивно решение на 25-годишниот спор.
„Никогаш не сме биле поблиску до решение, а пријателството меѓу двете земји и двата народа никогаш не било поголемо. Ќе ги вложиме сите напори да извлечеме максимум од овој позитивен историски момент за двете држави. Со ова име правиме целосно разграничување со регионот Македонија во Грција. Разграничување од секој аспект. Илинденското востание е заедничка борба на нашиот мултиетнички народ за социјални права и слободи. И нема никакви територијални аспирации спрема ниту една соседна земја, вклучително и Грција. Тоа е истата борба, и во 1903 и во 1944 година“, се наведува во соопштението на Владата.

Вицепремиерката Радмила Шекеринска вчера потврди дека „Република Илинденска Македонија“ останува основа за решение на спорот. Со последниот предлог-пакет, според неа, е постигната целта да се дојде до решение што ќе биде позитивно и за двете земји. Премиерите Заев и Ципрас, според Шекеринска, начелно го потврдиле пакетот што го договориле претходно министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕиас.
„Не случајно премиерот вчера јасно порача дека сметаме дека пакетот што беше усогласен нуди шанса сите да излезат од овој процес како победници“, истакна Шекеринска.
Како што посочи таа, „Република Илинденска Македонија“ претставува одлична база за решение поради тоа што подразбира временска одредница, се поклопува со важни датуми од историјата и покажува дека Македонија ниту имала ниту ќе има територијални претензии.
„Сите елементи во решението одговараат и на очекувањата и на барањата во Македонија и во Грција. Тие даваат одговор на нашите национални и државни интереси и го заштитуваат нашиот идентитет. Ќе продолжиме да работиме на решение и да градиме пријателство, поради тоа што сметаме дека на овој пат навистина сме многу блиску“, истакна Шекеринска.
Во однос на коментарите дека сега нема повлекување од ерга омнес, Шекеринска потсети дека сме врзани со пакет-решение кое, како што рече, не може да се дроби на парчиња.

„Од првиот момент до денес, и македонските и грчките преговарачи кажуваат дека или ќе договориме сѐ или нема да имаме договор, дека пакетите не можат да бидат отворени и секој да си избира што сака, туку дека бараме решение кое што ќе даде одговор на сите прашања и кое ќе биде прифатливо за двете страни. Таков договор беше постигнат прво меѓу двајцата министри, а потоа начелната согласност беше дадена и од страна на двајцата премиери и тоа е пакет што не може да се дроби на парчиња“, рече Шекеринска.
Според нас, додаде таа, ова беше добар чекор напред и добра основа на решение кое што требаше да се преточи во договор подготвен и од страна на медијаторот Метју Нимиц.

„Очекуваме дека овие контакти ќе продолжат и дека средбата ќе се случи оваа недела. Меѓутоа, работиме на решение кое што ќе одговара на интересите на двете држави и на Македонија и на Грција“, нагласи Шекеринска.
По лидерската средба во Скопје, премиерот Заев и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски излегоа со поделени ставови во однос на можното решение. ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Мицкоски, останува на својата позиција од претходно, а тоа е дека нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име.

„Денеска првпат бевме запознаени со предлогот, тој ќе биде претставен и презентиран пред органите на партијата и таа благовремено ќе ја информира јавноста“, рече Мицкоски и додаде дека целокупниот процес бил воден во тајност и егзибиционистички.

Претседателот Ѓорге Иванов, исто така, најави дека дополнително ќе се произнесе за последниот предлог-пакет.
„Првпат сме информирани за некои работи. Првпат ги слушнавме усно се пренесени и очекувам за сите предлози да добиеме писмен документ. На овој состанок не изградивме став, само ги добивме информациите. Очекуваме во иднина да не бидеме селективно информирани, туку целосно да имаме увид за да знаеме за кои прашања се разговара“, рече Иванов.
Тој нагласи дека процесот мора да се води во рамка утврдена од ОН.

Александра М. Митевска

Денко Малески: Заев и Ципрас отворија огромна порта за Македонија

Според универзитетскиот професор и прв министер за надворешни работи на Македонија, Денко Малески, премиерите Заев и Ципрас отворија голема порта за надминување на долгогодишниот проблем и таа не смее да биде затворена.

Коментирајќи го последниот развој на настаните со прифаќањето на предлогот „Република Илинденска Македонија“ од наша страна, наспроти одбивањето од страна ан Грција, Малески вели дека тоа не значи во никој случај дека се враќаме назад, туку дека продолжуваме напред.
„Сега треба да се отстранат и последните бариери. Двајцата лидери се пофалија дека имаат креативни способности и време е да најдат креативно решение. Заев и Ципрас отворија голема порта за Македонија, што е без преседан во македонско-грчките односи во последните децении. И таа порта не смее да биде затворена, а мислам и дека нема да дојде до тоа. Грчкото одбивање не треба да нѐ поколеба, туку треба да ја мотивира македонската страна да побара нова заедничка солуција и конечно да го затвориме проблемот и да ги отвориме перспективите на државата“, оценува Малески.
Во однос на поделените реакции во домашната јавност за последниот предлог, Малески вели дека, сепак, немаше толку негативни критики како што имаше порано за кој било предлог за надминување на проблемот со името.

„Овој пат не се создаде поголема негативна енергија. Одредени интелектуалци коментираа дека станува збор за предавство, што е недозволива квалификација. Сепак, јас паметам какви сѐ бурни реакции имаше порано кога ќе се спомнеше некој од долгата листа предлози за името што се даваа во изминатите години. Овој пат, реакциите беа посмирени, што ми дава за право да мислам дека нешто се сменило во свеста на граѓаните“, вели Малески.