(ФОТО) Карпош ќе добие адреналински парк


Општина Карпош планира да изгради адреналински парк кој ќе се протега на вкупна површина од 6.500 м2, а се очекува да започне во мај годинава, за што денеска се одржа јавна расправа.
На средбата присуствуваа претставници од граѓанскиот сектор, бизнис секторот и локалната самоуправа кои се активни и работат во областа на одржливиот развој и животната средина, како и заинтересирани граѓани од Општина Карпош.
Според планот на Карпош, ќе биде реконструирано детското игралиште на површина од 480 м2,  скејт-паркот на 1.100 м2, ќе биде изградено ново игралиште за одбојка и фудбал на песок, а атрактивниот адреналински парк за возрасни и деца ќе биде изграден на три нивоа, кој ќе се позиционира на површина од 1.600 м2.
Предвидено е просторот дополнително да биде облагороден со хортикултурно уредување, каде ќе бидат засадени повеќе од 100 дрвја. Ќе биде поставена и нова урбана опрема, клупи, корпи за отпадоци и лежалки за релаксација. Планирано е да се изгради и плато за одмор со мини сквер, а во околината ќе се постават тоалети и четири дрвени куќички за продажба на безалкохолни пијалоци. Просторот ќе го осветлуваат енергетско ефикасни ЛЕД- светилки со соларни панели.
Имено, овој проект е финансиран од Европската Унија, а имплементатор е Светската банка и Кабинетот на заменик-министерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, како дел од проектот за локална и регионална конкурентност. Поточно, ЕУ покрива 87 отсто од вкупната вредност за реализација на проектот, или 47.238.993 денари, а Општина Карпош од својот буџет ги обезбеди останатите финансиски средства, односно 7.342.832 денари.
Во рамки на презентацијата говореше и претставничката од Одделението за заштита на животната средина и природата од Општина Карпош, Марина Филиповска, која ги запозна присутните со сите аспекти на проектот и стандардите кои се применуваат, со цел да се одржи здравата животна средина.