Како за почеток


Александар Николовски

Почитувани читатели, дозволете ми на почеток да ѝ се заблагодарам на редакцијата на „Независен весник“ за можноста секоја втора среда да се читаме на страниците на овој весник, кој верувам со својот концепт и тим ќе отвори нови страници во македонското новинарство. Збогатувањето на медиумскиот свет, особено во делот на печатените медиуми, е многу значајно и сакам да им честитам на сите што влегоа во овој проект. Чесно е да кажам дека договорот падна пред мојот избор за потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, во меѓувреме се случи и тоа, така што нема да можам да не се осврнувам на партиските политики и случувања во земјата, но понекогаш ќе сакам да напишам и личен став за одредени теми надвор од дневните случувања.

Како што е сведок и јавноста, ВМРО-ДПМНЕ направи големи кадровски промени, а почнуваат и политичките и концепциските. Почнуваме еден пат што нема да е ни краток ни лесен, но е пат што ќе ѝ отвори перспективи на партијата за следните 15 до 20 години, јасно профилирајќи ја како модерна центар-десна партија. Тоа ѝ треба и на Македонија. Партиите во државава се сѐ уште заглавени во концептите и политиките на деведесеттите. Тоа покрај што се одразува лошо на нив, почна да ја влече назад и Македонија. ВМРО-ДПМНЕ како авангарда на македонската политичка сцена секогаш прва ги влечела потезите. Така ќе биде и сега. Демократизацијата на партијата и напуштањето на одредени лоши практики се надевам ќе се сигнал и за другите партии да го направат истото. Ние сме прва голема партија која прави демократски промени во Статутот. За тоа ги користиме искуствата од сестринските партии од Европа кои се дел од Европската народна партија. Одиме кон многу поголема улога на членовите, на месните и на општинските комитети кои се срцето на партијата.

ВМРО-ДПМНЕ јасно ги согледа и своите добри страни и своите грешки. Ќе почнам со грешките – во последните неколку години имаше два типа грешки – политички и организациски. Во однос на политичките мислам дека требаше да изнајдеме подобри одговори на кризата која траеше неколку години, некако партијата влезе затечена во целиот процес. Исто така, партијата долго луташе идеолошки, без јасен концепт и јасни политики, немаше чисти ставови, истите беа менувани често. Тоа остави лоша слика кај народот и беше дел од причините за поразот на локалните избори. Организациски ВМРО- ДПМНЕ долго имаше најмоќна партиска структура, но истата се амортизираше и не се менуваше доволно често за да е витална цело време. Понекогаш неквалитетот комбиниран со одредени лични релации надвладуваше над квалитетот и работата. Ова по мене се клучните грешки на кои мораме да најдеме одговори.

Во однос на добрите, имаше многу добри и правилни потези во економската сфера, делот на заштита на националните прашања, односот со помалите етнички заедници и сл. Тоа треба да се надгради и продолжи. ВМРО-ДПМНЕ постави стандарди под кои ниедна влада не може да оди. Кои станаа меѓник за многу политики и практики. Народот се навикна на нив и ги бара и од оваа, а ќе ги бара и од секоја следна влада.

На крајот, целта и наша и на секоја добронамерна партија, е Македонија да оди напред, се надевам сите со своето дејствување ќе придонесеме за тоа. Што повеќе насмеани лица треба да е целта. Нека е со лесно.