Како да се спаси Македонија


Ерол Ризаов       

Две генијални решенија можат да ја спасат Македонија од големите  маки и страдања. Првото решение е владата да воведе строга цензура во сите медиуми и на сите социјални мрежи  никој  да не смее да пишува за злосторствата и злоделата на претходната власт. Да прогласи општа амнестија на сите досегашни и идни обвинети криминалци и злосторнички здруженија во периодот од 2006 до 2017 година. И, вториот  ингениозен изум, кој е веќе во поодмината фаза на остварување, е  изградба на  површина од  25.000 квадратни километри на најголема депонија  во светот каде целото  европско и  домашно  ѓубре  ќе се пали под  меѓународен надзор како медицински отпад. За релативно кусо време, почитувајќи ги строгите еколошки закономерности за заштита на човековата околина, ќе исчезне како дим  целиот отров што  ја труе и Македонија и цела Европа.

Еве, како може да се спроведе тоа. Прво, злоделата на претходната власт во ерата на груевизмот се веќе ептен банални теми што сосема непотребно,  по  повеќе од една деценија, повторно  од време на време ја вознемируваат  јавноста и го свртуваат вниманието од најсуштинските теми како што се сексуалното вознемирување на познати личности во  Америка и од загадувањето кога секој втор ден ако  нема ветер,  Скопје, Тетово, Гостивар, Велес, Кавадараци, Струмица, Битола, Прилеп …… сосе селата  се најзагадени  градови во светот и најопасни по животот на граѓаните.  Овој феномен е многу интересен и од научен аспект бидејќи има малку  индустрија, а има големо загадување, најмногу  од човечки бербатлак.

Зошто сега би требало некој да ги растревожува  граѓаните со бајати вести дека многу се крадело и лажело, дека се затварале и суделе луѓе на затворски казни со нарачки, дека им се одземал, палел, или уривал  имотот на политички противници, зошто се трошело, јадело и пиело без срам и усул на државна сметка, зошто  по милионити пат би се повторувале истрошените приказни за „црн понеделник“  од уште подалечната 2012 година, кога се метеше дебатната сала на парламентот со телата на опозициски пратеници и галеријата  на Собранието се чистеше од новинари  од  тајната партиска полиција што ја нарача тогашниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски? Зошто како папагалски  стории би се повторувале сцените од парламентот на 27 април  лани, од „крвавиот четврток“, кога илјадници пати тоа е видено и кажано. Зошто би се преслушувале  сто милиони пати монструозни телефонски разговори  на лудаци. Конечно, зошто воопшто треба да има судски процеси за сите овие работи  кои станаа толку здодевни што веќе иритираат и предизвикуваат гадливост. Добро де,  краделе, краделе, краделе,  па што. Тепале, тепале, тепале, па што . Затварале, суделе,затварале, суделе , па што. Прислушувале, прислушувале со години, па што. И се така по ред, како што е обичај кај нас од памтивека. Зарем сега не крадат, не лажат, не затвараат, не прислушуваат… и не прват што со сакаат. Ако се воведе строга цензура на сите злосторнички активности и криминали на претходната власт ќе се врати спокојството во Македонија и ќе се фрлиме сите на возбудливите теми  за грешките на новата  власт и за опасноста од губење на идентитетот,  а кога и тоа  не е доволно да ни го качи адреналинот, одиме фронтално  на  светскиот проблем број еден кој  кого сексуално го вознемирувал пред 20 и 30 години во Америка. За да биде повозбудливо мислам дека би било ептен во светски тренд  и кај нас да се покрене една таква истрага и јавно да се покаже со прст  и со име и презиме кој кого вознемирувал  во Македонија. Е, тоа би било добра драма, ептен добра.  Воведувањето на американскиот пуританизам  ќе ја спаси Македонија од насилници,  силеџии и психопати, само има еден мал проблем. Насилие има колку сакаш, и сексуално, и секакво до претепување на смрт, ама нема сведоци. Кој е луд да сведочи  за сексуално вознемирување и мобинг пред 20 години во држава   каде и денес не може да се суди и пресуди дури и  кога има милион сведоци, каде и судиите и обвинителите се непосредни сведоци, каде  силувачите на стотици илјади луѓе се на дело фатени . Многу е поубаво  и покомотно да водиме полемика за Америка и нивните насилници,  отколку за нашите домашни ѕверови.

Во таков случај чинам за спасување на Македонија попримамливо е решението со изградба на големата депонија од 25 илјади квадратни  километри . Покрај  целото домашно ѓубре, тука би се сместил и целиот отпад  од Европа. Ако досега   преку мафијата која го контролира овој  голем бизнис се увезувале само стотина илјади тони годишно отпад, тогаш, со малку напори тој  увоз може да се зголеми  на повеќе милиони тони, што е доволно да се смести во целата депонија голема колку Македонија и да обезбеди подобар живот за сите, за секој граѓанин без оглед на неговата национална, верска и партиска припадност бидејќи уште не е измислен таков отров и такво загадување кое ќе делува само на политичките противници  и на национално и верски различните. Секојдневното складирање на  увозниот и домашниот отпад и целото преостанато ѓубре  и нивно согорување со највисоки еколошки стандарди е спас за Македонија . Во тој случај  не  мора ни да се објави веста дали сите исчезнале, или дали има неколку преживеани на Солунска глава.