Премиерот Зоран Заев ќе биде сведок на судењето за обвинетите за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, дознава „Макфакс“. Предлогот дошол од еден од адвокатите на одбраната по дел од изјавите на Заев дадени во јавноста и медиумите за овој настан кој се случи на 27 април 2017 година во законодавниот дом. Адвокатите и судот ќе го испрашуваат Заев за тоа што точно видел во Собранието, а е поврзано со обидот за убиство на претседателот на Алијансата за Албанците. Судијката Славица Андреевска, која го води предметот, за месецов закажа 5 рочишта кои ќе се одржат на 10, 16, 18, 25 и 27 април.На првото рочиште по празниците, во вторник, поканети да сведочат се претседателот на Собранието, Талат Џафери, министерот Дамјан Манчевски и пратеникот Александар Кирацовски. Овие сведоци, покрај исказот, би требало да препознаат и дел од обвинетите кои го претепаа Села. Тие беа присутни во прес-салата каде што се случи крвавиот настан.
Пред кривичниот суд досега за крвавиот четврток во Собранието сведочеа неколку сведоци, меѓу кои и Села, а на последното рочиште новинарка препозна неколкумина од напаѓачите, посочувајќи ги директно во судницата. За овој случај обвинети се вкупно десетмина и тоа: Оливер Ошавковски, Сашо Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски-Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов, Стојан Павлески-Кобра, Кире Ѓоргиевски и Цене Ѓоргиевски.