„Исцелител“ премиерно во Норвешка: Филмот продолжува да ја освојува светската публика


Филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески е селектиран да се прикажува на интернационалниот филмски фестивал во Тромсо, кој е најголем во Норвешка. Премиерното прикажување ќе биде денеска, а филмот ќе има уште две проекции во текот на фестивалот.

– „Исцелител“ ќе биде прикажан во престижната програма „Хоризонти“ во која се избрани филмови од различни жанрови и стилови од целиот свет и во која единствен критериум е квалитетот. Во оваа програма се прикажуваат најзначајните кинематографски остварувања од минатата година – соопшти продукцијата „Фрагмент филм“.
Ова е 27. издание на фестивалот во Тромсо, кој со 60.000 посетители е најголемиот и најпосетуван филмски фестивал во Норвешка.
На новогодишната ноќ „Исцелител“ беше премиерно емитуван на ТВ-каналот ХБО, „Синемакс 2“, во 14 земји од Централна Европа.