Интервју со Радмила Шекеринска: Важно е никој да не е недопирлив


Какви ви се очекувањата од тековниот процес на преговори за името?
– Процесот зависи од двете страни. Затоа проценките се многу тешки и неблагодарни. Се работи за сложено прашање кое многу години остана отворено. Она во што сум сигурна е дека ќе направиме сѐ од една страна да има успех, а од друга страна тој успех да ги гарантира клучните интереси на оваа држава. Влеговме во преговорите без политички калкулации и покажавме дека Македонија е конструктивен фактор, дека е спремна да носи одлуки и да влече потези. Дека нема само да бара оправдувања дека другиот е виновен. До крајот, секако, ќе имаме и подеми и падови, затоа што и двете страни одлучуваат дали процесот ќе биде успешен. Ние можеме да ја дадеме гаранцијата за нас, меѓутоа и грчката страна треба подеднакво да биде заинтересирана. Она што им го покажавме и на домашната и на меѓународната јавност е дека Македонија знае да се однесува европски, дури и кога прашањето е балканско.

Има ли уште време за одреден напредок во преговорите кој би ни ги отворил вратите на НАТО на претстојниот самит во Брисел?
– Време има. Отпочеток тврдам дека одлуките ќе се носат во фотофиниш, доколку има интерес за решение. Политичката волја и спремноста да се гради компромис е она што е одлучувачко. Ние решавањето на проблемот со името не го правиме заради конкретен датум. Меѓутоа, свесни сме дека во овој период неколку работи ѝ одат на рака на Македонија – новата стратегија за Западен Балкан на ЕУ и фактот дека кај земјите членки веќе доминира мислењето дека на Балканот мора да понудат нешто повеќе. Турција оди во втор план, а акцентот се става на Западен Балкан, и тоа покажува дека има политичка волја да се носат одлуки, доколку продолжиме да даваме аргументи во наша полза и доколку се гледа дека наоѓаме решение со Грција. Истото се однесува и на НАТО. Факт е дека Алијансата се соочува со различни кризи во светот. Факт е дека фокусот на Западен Балкан, кој постоеше пред 15 години, веќе не е тука, но точно е и дека Македонија успеа многу сериозно да го промени својот имиџ меѓу земјите членки на НАТО. Зборовите на генералниот секретар дека е импресиониран од реформите во Македонија не се паушални и не се даваат лесно од страна на човек на таа позиција. Тоа покажува дека има шанса да се разговара на оваа тема. Но колку шансата ќе се искористи зависи од овие две работи – состојбите во Македонија и односите со Грција.

Ако не добиеме покана за членство на претстојниот самит, кога би ни се укажала следна шанса за тоа?
– НАТО го има ставот од 2008 година дека при решение на проблемот со името, односно при постигнување согласност со Грција, прашањето може да се реши и без самит. Меѓутоа, во меѓувреме се случи Самитот во Варшава, каде што вокабулар за Македонија беше многу лош. Затоа нам ни е битно на сите состаноци на НАТО да почне да се споменува земјава во позитивен и европски контекст, а не во контекст на проблеми. Во тој случај, одлуката не мора да биде донесена на самит, туку и на состанок на амбасадори на земјите членки. Меѓутоа, целта ни е да ги искористиме јуни и јули. И, ако имаме решение, тоа ќе ни помогне Македонија да направи скок на двата фронта. Таква шанса нема да имаме секогаш.

Кога го спомнавте Самитот во Варшава, таму беше дијагностицирано влошување и на другите критериуми за Македонија, така што спорот за името не е веќе единствен проблем. Како сега се решаваат тие критериуми?
– Затоа велам дека е многу важна политичката порака на генералниот секретар. Неговите коментари се однесуваат токму на критиките што беа упатени до Македонија пред две години – избори, состојби со владеењето на правото, Рамковен договор, непостоењето добрососедски односи – генерално внатрешните реформи. На секоја од тие теми, вклучително и медиумите, ситуацијата е променета во Македонија. После долги години, имавме локални избори кои, според оценките на ОБСЕ, ја вратија довербата на граѓаните во процесот. Во делот на медиумите немаме промена на закони, меѓутоа, според сите укажувања, имаме критична и гласна медиумска јавност, која веќе ниту се плаши ниту е корумпирана, туку, напротив, главно упатува критики кон Владата, што е знак дека времето на страв заврши. Во делот на судските реформи, дефинитивно се гледа таа определба – и со изборот на јавен обвинител, да не се дозволи мешање на политиката, но и со истрагите што ги води СЈО, ЈО и кои доведоа до некои одлуки во прв степен. Тие не се доволни, меѓутоа покажуваат дека нема веќе недопирливи лица. На крајот, генералниот секретар го пофали и носењето на законот за јазици, како единствен преостанат законодавен документ од Рамковниот договор, а го поздрави и Договорот за добрососедство со Бугарија, како пример дека земјава сака да ги решава проблемите со соседите и создава пријателски односи со сите.

Каква ви е соработката со шефот на државата, сега кога сте принудени на кохабитација? Вие лично имате и поделени надлежности со Иванов – и тоа во клучен период за членството во НАТО.
– Генерално, во односите со претседателот ја одбравме политиката на отворени врати и трпеливост. Не е лесна кохабитацијата, меѓутоа ќе продолжиме да се трудиме бидејќи тоа го бараат позициите што ги имаме и одговорноста што ја носиме. Имаме разлики по одредени прашања, меѓутоа покажавме дека знаеме да седнеме и да разговараме. Затоа се постигна согласност околу осумте амбасадорски места, двајцата кандидати што ги предложи Иванов добија поддршка од парламентарното мнозинство да бидат уставни судии, така што нашиот гест на добра волја го покажавме и ќе продолжиме да работиме да ги решаваме проблемите. Најлесно е да дозволиш кавги, потешко е да најдеш решение. Во делот на одбраната имавме неколку разговори за борбената готовност и стратегиските реформи во одбраната. Околу тие клучни теми нема некои политички разлики, меѓутоа понекогаш има лични прашања кои стануваат закана за реформските процеси, но мислам дека ќе успееме и нив да ги надминеме.
Едно време Иванов имаше мошне остар вокабулар во однос на меѓународната заедница. Забележувате ли сега омекнување во тие ставови?
– Кај него имаше одредени осцилации во ставовите. На пример, во однос на Договорот за добрососедство со Бугарија, се спореше, постоеше дилема дали ќе го потпише и сега добро е што и самиот тој зборува дури и за стратегиско сојузништво. Тоа е добра промена. Претседателот учествува во водењето на надворешната политика и одбраната, но ако разликите се преголеми, знаат да ја блокираат државата. Ги следевме и негативните изјави на Иванов, но избегнувавме веднаш и директно да се конфронтираме околу неговите ставови. Наместо тоа, избравме политика на добрососедски односи, на решавање на проблемите и поголема отвореност. Мислам дека на таков начин успеавме да влијаеме и на Водно темите да се разгледаат малку пошироко, помодерно и поевропски.

Заседавал ли досега Советот за безбедност во нов состав?
– Не. Мислам дека би требало Советот за безбедност и почесто да се среќава. Тој не е предодреден да се свикува само во услови на криза. Се надевам дека и во следниот период ќе имаме можност да одржиме седница бидејќи има многу политички прашања што имаат директно влијание на безбедносните теми.

Како ќе соработувате со Лазар Еленовски, со оглед на несогласувањата што ги имавте со него во минатото? Вие имавте судски спор со него, токму за случај поврзан со прашањето за името?
– Кога имате одговорна функција, релациите не можете да ги сведете на личен однос. Јас сум дел од една коалициска влада, во која дел од одлуките се резултат на коалициски договор и со нив мора да живееме и да ги прифатиме и да не се водиме од личните односи, туку од одговорноста што ја имаме. Да, имавме судски спор што тој го иницираше врзан со прашањето за името, времето покажа дека јас и моите колеги кои бевме во судница бевме во право. „Бомбите“ беа дополнителен доказ за тоа. Меѓутоа, и тие работи се лекција за луѓето што сакаат да се занимаваат со политика дека неистомисленикот не треба да го пратиш на суд, туку дека треба да размислиш малку за одлуките и мислењата што ги имаш – дека судската разврска за различни мислења е одлика на луѓе со авторитарна матрица. Меѓутоа, јас немам дилеми дека целта на сите, и во Владата и во другите институции, е Македонија да стане членка на НАТО. И наместо да го гледаме тоа што не разликуваше, да го гледаме тоа што ни е заедничко.

Како водечка партија во владејачката коалиција, чувствувате ли одговорност за незадоволството што се создава посебно во однос на кадровската политика и поставувањето луѓе блиски до претходната владејачка гарнитура?
– Бројот на тие е навистина мал, но јас го сфаќам незадоволството. Сепак, се надевам дека и јавноста ќе сфати дека ако Владата води политика „кој не е прв до мене, не е никаде“, ќе станеме само надградена верзија на ВМРО-ДПМНЕ. Кога ги изнесувавме нашите заложби дека партијата мора да се одвои од државата, верувавме во нив. Се трудиме да се коригираме таму каде што јавноста е во право со критиките. И тоа покажува нова политичка клима во Македонија. Меѓутоа, ако треба да продолжиме да живееме во рововите, политичката конфронтација ќе продолжи да ја држи Македонија во заложништво. Не сметаме дека со таквиот однос спречуваме да одговараат оние што ги носеле одлуките. Но, ако ние ја носиме пресудата, тогаш каде ќе отиде тефтерчето на Гордана? На нашата маса? Ние тоа не го сакаме. Таквата политика ќе му одговара само на Груевски и на неговата клика. Тој посакува секој што бил дел од поранешната структура ние да го третираме како личен непријател, за тој да добие поширока поддршка. И сите да мислат дека ова е битка против нив. Така само им помагаме на креаторите на режимот.

Бевте вицепремиерка за европски прашања кога ја добивме поканата за членство во ЕУ, по што 13 години имаме статус кво на тој пат. Гледате ли сега можност за конечно добивање датум за преговори?
– Мене ми е пред очи карикатурата од Дар-Мар на која стоеше 2010 како година во која се надеваме да бидеме спремни за членство. Сега сме 2018 година, а сѐ уште не сме ги почнале преговорите. Тоа ми е извор на многу лутина и многу разочараност дека Македонија испушти таква шанса. Кога во 2003 година почнавме да работиме на кандидатурата во ЕУ, имаше критики дека не треба да создаваме лажна еуфорија. И покрај таа скепса и тие проблеми што тогаш исто така беа големи, Македонија за три години направи спектакуларен пробив. И бев убедена дека не постои влада што може да го прокоцка тој успех. Направивме тим, доверба кај Европејците, но се виде дека успесите не се еднаш засекогаш. Дванаесет години Македонија е уназадена и многу од луѓето што ги изградивме и унапредивме како кадар за доброто на Македонија изгубија верба и си заминаа или беа избркани. Се упропастија и проектот и тимот, кој беше способен да спроведува таков проект. Сега пак почнуваме одново. Ама убедена сум дека со истото ниво на политичка одлучност и фокус, Македонија ќе може да почне преговори. Затоа и велиме дека 2018 може да биде година на нови шанси за Македонија. Времето не се враќа, но шансите може повторно да ги создадеме.

И во тој период, кога бевте во претходната влада на СДСМ, ваш коалициски партнер беше ДУИ. Можете ли да направите споредба меѓу тогашното и сегашното партнерство, со оглед на впечатокот дека сте принудени на крупни отстапки за мир во коалицијата, како на пример законот за јазици.
– Во однос на соработката со ДУИ, кажавме дека и за нив и за нас мора да важи едно правило – дека нема недопирливи. И тој принцип не сме го прекршиле досега. Еве, за законот за јазици имавме став дека тоа прашање не е барање на ДУИ, туку дека треба да се реши за Македонија и за нејзините граѓани. И тоа го кажувавме и во текот на кампањата. Тоа беше резултат на нашата волја Македонија да ја извадиме од калта на етничкото пазарење. И не случајно имаше и Албанци што гласаа за СДСМ, не случајно СДСМ е единствената парија за која гласале припадници на сите етнички заедници. И покрај опструкциите, законот се донесе, но ВМРО-ДПМНЕ го блокираше со 36 илјади амандмани кои во принцип не се поврзани со уставноста. Ако ВМРО-ДПМНЕ беше сигурна и сакаше законот да биде усогласен со Устав, требаше час поскоро да овозможи негово донесување, по што тој ќе одеше на Венециска комисија и денеска ќе имавме мислење оттаму. На сите им е јасно која беше целта на ВМРО-ДПМНЕ – тоа што претходно го договори со ДУИ, да покаже дека може да ѝ го блокира. ВМРО-ДПМНЕ со вакви инструменти спречуваше шест месеци трансфер на власта. Ние соработката со ДУИ ја сметаме навистина за конструктивна. Нема прашања околу кои досега сме имале големи разлики, а ако има ги решаваме. Сите нивни кадровски решенија не ни се допаѓаат, ама не им се допаѓаат и на нив некои од нашите. Важно е и од двете страни да се почитува принципот дека никој не е недопирлив. Тоа го покажавме и во случаи со наши функционери. Истото ќе го правиме и со функционери на ДУИ. За тоа Заев и Ахмети постигнаа согласност уште на почетокот.

Александра М. Митевска