Има, па нема лекови: Терапијата за рак на кожа често зависи од донации


 

Ракот на кожа (меланом) доцна се открива кај половина од пациентите, се случува да недостига терапија и соодветни тестови за навреме да се дијагностицира болеста. Ова го посочија пациенти и пациентски организации на вториот национален симпозиум за меланом, кој се одржа во организација на Здружението „Борка – за секој нов ден“.

Биба Додева, претседателка на „Борка“, рече дека во јули 2016 година, пациентите дијагностицирани со БРАФ позитивен метастатски меланом  првпат добија можност да примаат современа терапија преку специјална програма на Агенцијата за лекови. Во март 2017 година современа терапија добија и пациентите со БРАФ-негативен метастатски меланом.

– Место овој позитивен тренд да продолжи континуирано и да се додадат уште многу иновативни лекови кои последниве години драстично ја подобрија сликата на пациентите со меланом, ние се соочуваме со тоа дека нема стратегија да се зголемат финансиските средства за набавка на соодветна терапија според светски протоколи. Загриженоста на пациентите, а воедно и наша загриженост доаѓа од таму што во неколку наврати се јавуваше недостаток на терапијата, поради завршување на донацијата. Станува збор за периодот кога обврската за набавка на истата се префрли од Агенцијата за лекови на Клиниката за онкологија, така и во последно време кога постапката за набавка на Клиниката за онкологија во декември 2017 беше прекината иако постои заложба да се обезбедат дополнителни средства наменети за иновативна терапија – рече Додева.

Според неа, друг загрижувачки момент е тоа што не сите пациенти прават БРАФ-тестирање, и дека многу од нив не се ставени на потребната терапија согласно новите препораки за лекување на меланомот.

– Свесни сме дека клиниката за онкологија прави напори за сите овие пациенти да имаат редовна терапија бидејќи не смее да се дозволи да има недостаток и прекин на терапијата и да не се доведуваат пациентите во страв и неизвесност како во минатото. За да се овозможи поголема достапност до новите терапии и континуитет во добивањето на истите, мора да се воведат протоколи кои ќе овозможат јасен консензус за следење на овие пациенти и стратегија која ќе вклучи рана дијагноза. Нашите заеднички заложби се да се изнајдат системски решенија, да се дополни позитивната листа на лекови, која веќе долги години е непроменета и да се направат долгорочни решенија за решавање на проблемот со новите иновативни терапии – изјави Додева.

Д-р Нино Васев, директор на Клиниката за онкологија, вели дека на Онкологија има доволно лекови кои се даваат на пациентите со меланом, а кои не се на позитивната листа на лекови. Според него, во случајот на пациенти со овој вид рак на кожа, поважно е болеста навреме да се открие за успешно да се лекува.

– Во тоа треба да се вклучат и матичните лекари и кожните лекари и лекарите од Клиника за пластична и реконструктивна хирургија. Пристапот треба да биде мултидисциплинарен за да има поголем број пациенти со добри резултати. Во тоа треба да се вклучат и матичните лекари, и кожните лекари, и лекарите од Клиника за пластична и реконструктивна хирургија. Македонија нема проблем со БРАФ-тестирање, и ова тестирање е задолжително пред пациентите да дојдат кај нас на третман – рече Васев.

Срѓан Пешевски, кому пред осум години му бил дијагностициран меланом, нагласи дека во неговиот случај болеста била навреме откриена и карциномот бил опериран.

– Во наредните три години на секои три месеци одев на контрола, а потоа ми открија сенка на левото белодробно крило и ми го отстранија. Беше утврдено дека е метастаза на првичниот рак. Веќе две години сум пациент на Клиниката на онкологија. Сакам на сите да им порачам дека е многу важно навреме да се открие болеста и да не се прекине терапијата – рече Пешевски.

Според податоците од системот „Мој термин“, годинава се регистрирани вкупно 480 пациенти со меланом. Најмладиот има само 13 години.

С.С.З.