„Илинденска“ бр. 2 пред широка реконструкција


СДСМ, можеби и ДУИ ќе треба да отстапат по едно министерско место во владиниот кабинет, а и натаму е отворена можноста за воведување вицепремиерско место за спроведување на реформите. Вакви се првичните очекувања од реконструкцијата на извршната власт што премиерот Зоран Заев ја најавува веќе подолго време, а сега повторно ѝ даде гласност – на фонот на реакциите во јавноста околу донесувањето на Законот за употреба на јазиците.

Според проценките на партиски извори, идејата за проветрување на извршната власт нема да заврши само со проширување на парламентарното мнозинство и во таа насока со смена на еден до двајца министри. Напротив, се очекуваат поголеми кадровски промени и рокади што би навлегле и во третиот ешалон, а не само во владиниот кабинет. Скромното и променливо мнозинство во парламентот, кое варира сега од 61 до 64 пратеници, како што се посочува, е само една од причините поради кои се оди на реконструкција. Како друга причина се посочува тоа што владата на СДСМ и на ДУИ го троши деветтиот месец од стапнувањето на „Илинденска“, така што јавноста сѐ повеќе ја насочува критичката острица кон нејзините политики.

Поради тоа, според партиски извори, целта е да се постигне одредено кадровско освежување во периодот кој се смета за клучен за евроинтеграциските перспективи на земјава. Сепак, според проценките, министрите во ресорите преку кои се одвива интеграцискиот процес не би требало да бидат загрозени со претстојната реконструкција, токму поради оценките дека во изминатите месеци се направени најголеми придвижувања во делот на приближувањето кон ЕУ и НАТО, вклучително во надворешната политика, билатералните односи, одбраната и оживувањето на преговорите за спорот за името.

Затоа, пак, како можен проблематичен ресор се спомнува „правда“, преку кој се подготвуваат во најголем дел реформските закони во областа на правосудството, кои главно произлегуваат од извештајот на експертскиот тим предводен од Рајнхард Прибе. Поради тоа што станува збор за витален ресор, и овој пат не се исклучува можност за „трампа“ меѓу СДСМ и ДУИ, која би го добила Министерството за образование доколку прифати да го отстапи министерското место во правда. Според тоа, овие две министерства не се наменети за новите потенцијални партнери на „Илинденска“. Како ресори во кои не се исклучени промени се споменуваат исто така Министерството за култура, како и Министерството за финансии, кое се очекува во секој случај да остане кај СДСМ. Од друга страна, засега се чини стабилно Министерството за здравство, со оглед на тоа што таму веќе е направена промена при првата мини-реконструкција, која ја „чинеше“ коалицијата еден партнер помалку, со оглед на заминувањето на Алијансата за Албанците на Зијадин Села. Сега Алијансата за Албанците, која остана со две пратенички места, е повторно во игра, откако Заев најави преговори со сите опозициски парламентарни партии за проширување на мнозинството, освен со ВМРО-ДПМНЕ.

– Почнува процесот на зголемување на парламентарното мнозинство, што ќе значи испраќање сериозна порака до граѓаните, бизнисот, јавноста дека Владата има намера, преку стабилно мнозинство во Собранието, да донесе сериозни одлуки – изјави Заев. Села вели дека не планира враќање во Владата, иако остава едно „но“, посочувајќи дека во политиката никогаш не постои „не“.

– Не верувам дека ќе има таква шанса да се вратиме во Владата бидејќи се работи за достоинство. Но во политиката никогаш не постои „не“, иако, од друга страна, во вакви околности не – изјави Села.

Како посериозна алтернатива од албанскиот политички блок за влез во Владата се смета ДПА со двајца пратеници, иако, практично, активна е само пратеничката Мерал Узеири-Ферати, додека лидерот Мендух Тачи речиси воопшто не доаѓа во парламентот, како и двете крила на Беса со по двајца и тројца пратеници.

На удар и коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ

Не се исклучува можноста проширувањето на мнозинството да опфати и нови пратеници, односно помали партии од коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што веќе излегоа тројца кои сега ги поддржуваат владините закони: Чедомир Саздовски од ГРОМ, Амди Бајрам од Сојузот на Ромите и Јусуф Хасани од Демократската партија на Турците. Затоа, пак, Панчо Минов од ГРОМ, Зеќир Рамчиловиќ од АВАЗ сѐ уште се во опозициската коалиција, исто како и долгогодишниот пратеник на Демократската партија на Србите, Иван Стоиљковиќ, кој во минатите години беше мошне близок со владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ. Од помалите партии во опозицискиот табор, најмногу (тројца) пратеници има Социјалистичката партија, само што проблемот тука е што Љупчо Димовски е еден од пратениците на кои им е одреден притвор за настаните во парламентот на 27 април минатата година, додека Владанка Авировиќ се смета, исто така, за блиска до поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Третиот пратеник од СПМ е Стојан Миланов од Кратово.
ВМРО-ДПМНЕ самостојно има 42 пратеници (од кои неколкумина сѐ уште се во притвор), што е солидна бројка и во случај партијата да остане сама во опозицискиот ринг со уште една од партиите од албанскиот блок, така што владејачкото мнозинство повторно ќе биде принудено на дијалог за носење двотретински закони.

Александра М. Митевска