Иднината на СЈО трајно ќе се реши преку судските реформи


Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека иднината на Специјалното јавно обвинителство трајно ќе се реши преку судските реформи.

– Во делот на правосудните реформи, законот за судство, законот за Судски совет и другите закони кои што се тема на преговорите, низ тие закони преку судските реформи ќе се реши трајно иднината на Специјалното јавно обвинителство, истакна Заев одговарајќи на новинарско прашање во врска со забелешките во вчерашниот извештај на СЈО дека од надлежните институции не се преземени конкретни мерки за изготвување соодветни законски решенија во утврдената временска рамка, а со кои би се регулирал и на соодветен начин би се решила правната положба на СЈО.

Заев рече дека од работните групи кои работат на законот за заштитени сведоци, законот за следење на комуникациите и слични закони, добил информација дека или целосно усогласени или се при крај на усогласување.

– Убаво е тие закони да бидат изгласани и од власта и од опозицијата. Така ќе има посериозна гаранција за нивното почитување, не само правно-формално, тоа мора да биде така кога ќе се донесе законот, рече премиерот Заев на маргините на Форумот за владеење на правото во ЈИЕ.