Зголемен бројот на понуди за работа на интернет


Интернет страниците во Македонија се полни со огласи за посредување за работа во странство. Работните места што се нудат се различни, од фризерки во Катар или Дубаи, градежни работници во Германија, работа на брод во Норвешка, сезонски келнери, собарки, берачи на портокали…

Агенциите што посредуваат за работа во странство притоа нудат различни износи на плати, но и најниските се доволно примамливи за граѓаните. Огласи не нудат само агенциите, туку тие се објавуваат и на веб страници што никој не ги контролира.

Проблемот во оваа сфера е што ниту една од институциите во Македонија не контролира што се нуди во ваквите огласи. Државата нема податоци каде одат овие работници, какви работни задачи исполнуваат или пак дали се таму осигурени. Министерството за труд и социјална политика не располага со прецизни податоци за остварените вработувања.

Постојните законски решенија не ја регулираат доволно оваа проблематика. Многу често она што се нуди во огласите не соодветствува на реалноста. Платата често е пониска од онаа што им била ветувана, престојот е супстандарден, а неретко и работната позиција е сосема поинаква од претходно договорената. Се почести се и пријавите на граѓаните за ваквите злоупотреби.

Дали законот што го изготви Министерството за труд и социјална политика, а сега е во владина процедура, ќе ги промени ваквите состојби зависи од решенија кои ќе бидат прифатени најпрво од Владата, потоа и од Собранието. Новиот закон за приватни агенции е изработен во соработка и со нивни претставници, а со него се спојуваат агенциите за посредување при вработување и агенциите за привремени вработувања.

Очекувањата се дека работите ќе се сменат и ќе тргнат во позитивна насока во моментот кога ќе почне да се применува новата регулатива. Таа предвидува Инспекторатот за труд при Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување да бидат надлежни за работата на приватните агенции. Ќе се проверуваат банкарската гаранција и бројот на вработени.

Од Министерството за труд и социјална политика посочуваат дека со новото законско решение се утврдува содржината како на договорите за посредување, така и на договорите за отстапување на работници, или таканаречените привремени вработувања, што, како што потенцираат оттаму, води кон посеофатно уредување на односите помеѓу субјектите на овие договори. Тоа, сметаат од МТСП, треба да ги оневозможи злоупотребите во оваа сфера.

Основа на новиот закон се претходните законски решенија што го регулираа посредувањето за вработување и привремените вработувања, а со него треба да се надминат проблемите во имплементацијата на двата закони со кои во моментов е регулирана оваа сфера, детектирани во претходниот период.

Од МТСП појаснуваат и дека во насока на олеснување на условите за основање и функционирање, со новиот закон се предвидуваат пореални услови, кои се надеваат дека ќе го поттикнат отварањето нови агенции и ќе се овозможи подобро работење на постоечките, затоа што, како што посочуваат тие даваат голем придонес во зголемување на бројот на вработувања.

Според Норик Селими, претседател на Националната федерација на агенциите за привремени вработувања, новиот закон треба да обезбеди регулација на сите агенции, особено на оние кои посредуваат при вработување во странство, бидејќи, како што рече, досега немало никакви правила на игра. Доволно било само да добијат лиценца за работа, што, вели, секако не е доволно.

– Новиот закон дава добра основа да се решат поголем дел од проблемите бидејќи досега делот со посредување за странство не беше многу добро регулиран. Овој закон го става во систем и тој дел од работењето на агенциите и верувам дека добар дел од работите ќе бидат решени со него, вели тој повикувајќи се на работната верзија на законот.

Според него, со новиот закон треба да се регулира кој може да испраќа работници во странство, но се утврдуваат и обврските на агенцијата која посредува при вработувањето во Македонија.

Треба да се спречи, вели тој, злоупотреби од типот регистрирани туристички агенции или консултантски бироа да посредуваат при вработување.

– Овој закон дава можност тие да се формализираат, меѓутоа во иднина никој не гарантира дека нема повторно да има туристички агенции што вршат посредување за вработување. Тоа, сепак, не е гаранција. Затоа институциите ќе треба да го следат од блиску функционирањето. Во денешно време тоа и не е тешко. Огласите преку интернет, се гледаат, треба да се проверат. Секој што огласува работа во странство треба да се провери, дециден е тој.

Додава дека агенциите за посредување при вработување досега не биле или многу малку биле регулирани.

– Во постојните законски решенија имаше многу малку регулација за нив, скоро воопшто. Сега се регулира и тој дел на работењето. Инаку, на агенција за привремено вработување не им е дозволено надвор да носат луѓе. Тој дел од работењето нема такви проблеми, регулиран е и чист и затоа нема многу или малку измени во законското решение, вели претседателот на Федерацијата.

За разлика од порано, една од опциите е со овој закон во едно да бидат споени агенциите за посредување при вработување во странство и агенциите за привремени вработувања. Според Раде Ненадиќ, директор на агенцијата за привремени вработувања „Партнер“, ваквото решение нема основа.

– Станува збор за различен делокруг на работа, поради што овие агенции немаат допирни точки. Тоа е исто како да ги споите телевизиите со порталите, вели Ненадиќ.

Како позитивен сепак го истакнува фактот дека конечно ќе биде законски регулирана работата на агенциите за посредување при вработување во странство.

Директорот на www.vrabotuvanje.com.mk Дарко Велков, еден од претставниците кои учествуваа во подготовката на законот смета дека тој е прв чекор во доуредување на оваа сфера, во вопоставување на стандарди врз чии основи се темели работата на ваквите агенции во сите европски земји. Ќе се создават услови и за развој на здрава лојална конкуренција, која секако оди во насока на зголемување и на стандардите и на заштита на лицата кои склучуваат договори за работа.

Секој, додава Велков, има право и мора да биде заштитен и тоа е една од причините поради која ние сакаме да ги покачиме стандардите. Неправилности, посочува тој, има во сите сфери, но треба да се прават обиди тие да се сведат на минимум.

– Каде бевме и каде сме со предвидените решенија, мислам дека овој закон е подобар од претходите, истакнува Велков.

Смета дека државата воспоставува добар систем и оти агенциите треба да соработуваат со институциите на тој систем, а граѓаните преку нив да си ги бараат своите права.

Во врска со огласите кои се нудат на веб страници кои не се на лиценцирани агенции, тој смета дека треба да се контролираат, но оти држава не може сама да го прави тоа со оглед на нивниот голем број. Затоа, вели, граѓаните треба да ги пријават сите неправилности и евентуални злоупотреби со цел институциите да можат да реагираат.