За две години, 23 девојчиња абортирале: Две малолетни мајки ги родиле и ги оставиле своите бебиња
Две малолетни мајки во периодот од 2016 година до сега ги оставиле своите новороденчиња на Клиниката за гинекологија затоа што не можеле или не сакале да се грижат за бебињата. Ниту една од нив не е штитеничка на установите „25 Мај“ или „Ранка Милановиќ“, покажуваат податоците од Клиниката.
Исто така, двете девојчиња од „25 мај“, 13-годишната Р.И за која има сомнежи дека била жртва на трговија со луѓе и уште едно 15-годишно девојче се единствените кои биле згрижени во установи под заштита на државата и биле подложени на абортус. И двете абортираа овој месец. Од 2016 година досега немало други такви случаи, велат од Клиниката за гинекологија.
Според податоците што ги добивме оттаму, за овие две години бременоста им била прекината на 23 малолетни девојки. Тоа е трауматично искуство за нив, велат стручните лица.
– Малолетничките кои се соочуваат со несакана бременост често демонстрираат чувства на вина и страв, се плашат од реакциите на родителите и на околината. На нашата Клиника цел тим работи на поддршка на малолетните пациенти, за време на интервенцијата и престојот на Клиниката. Големи напори се вложуваат да се оствари доверлив однос со малолетното девојче и со родителот, и максимално да се почитува приватноста на оваа категорија пациенти – објаснуваат од Клиниката.
По абортусот, девојчињата добиваат препораки за контрацепција и им се укажува за натамошна потреба од психо-сицијална поддршка. Добиваат уште еден совет – да го продолжат образованието.
На почетокот од 2018 година на Клиниката за гинекологија абортирале 4 малолетнички во гестациска старост до 12 недели. Двете од нив се штитеничките на „25 Мај“. Минатата 2017 година абортирале четири малолетнички кои биле до третиот месец од бременоста и уште четири кои ја прекинале бременоста над 12. гестациска недела. Најмногу абортуси имало во 2016 година, вкупно 11. Од нив, пет абортуси биле направени после 12. гестациска недела.
Министерство за труд и социјална политика соопшти дека до Основното јавно обвинителство ќе поднесе кривични пријави против 11 одговорни и стручни лица од Центарот за социјална работа – Скопје за кривично дело несовесно работење во служба и запуштање малолетно лице, а во врска со случајот на 13-годишното девојче од Домот „25 Мај“, кое абортира откако во повеќе наврати било сексуално злоупотребувано. Кривично ќе се гонат сите лица што биле задолжени да постапуваат и да преземаат службени дејствија по предметот на ова девојче, во периодот 2012-2017 година. Исто така, инспекторите поднеле 12 иницијативи за покренување дисциплинска постапка против стручни лица.
(С.С.З)