Затворска ресоцијализација: Еден воспитувач на околу сто затвореници


Еден воспитувач на околу сто затвореници, осуденици кои велат дека никогаш не ги виделе своите воспитувачи, простории наменети за ресоцијализација зафатени со кревети на кои спијат затвореници, вака отприлика изгледа состојбата со ресоцијализацијата на лицата осудени на отслужување затворска казна во земјава, пишува МИА.

Неофицијално, според податоците на невладиниот сектор, околу 60 отсто од затворениците прават рецидив и се враќаат во затворите. Наместо да се ресоцијализираат повеќето од нив во казнено-поправните установи во земјата се докриминализираат.

МИА со цел да добие повеќе сознанија за овој процес ги посети најголемиот затвор во земјава КПД Идризово и Затворот Скопје, познат како Шутка.

Состојбата е далеку од завидна, се прават обиди за подобрување на условите, но целиот процес се уште не е заживеан.

Проблемите се многубројни. Капацитетите за затворско сместување, немање доволно кадри кои би биле вклучени во процесот, реално непостоење континуирани програми кои би се спроведувале во таа насока.

Има помош од странство, УСАИД, Советот на Европа, ЕУ за обука на кадрите за ресоцијализација и за самите осуденици да заживеат и престојот во установите, кои треба да го поправат нивното однесување навистина да служи за таа цел, но по завршувањето на проектите и странските пари процесите се стопираат, државата нема средства да ги продолжи.

Премиерот Зоран Заев лани во септември го посети затворот Идризово. Тогаш рече: „Се срамам што сум премиер на земја каде што затворите се надвор од сите стандарди на хуманост и социјалниот аспект на животот на лицата кои се осудени и издржуваат казна во казнено-поправниот дом Идризово“.

Клучен проблем – преполните капацитети

Во Извештајот во сенка за поглавјето 23, изработен од Хелсиншки комитет и Институтот за европска политика се вели дека пренатрупаноста во затворите и натаму е алармантна, но сепак најкритична е токму во Идризово. Официјално има капацитет за сместување на 1.094 лица, а според Комитет за превенција на тортура таа бројка е 900. Пред амнестијата во него имаше 1.786 лица, што беше пренатрупаност од 163,25 проценти.

Во затворот, стар околу 80 години, се сместуваат речиси 60 отсто од затворениците во земјава. По законот за амнестија, усвоен во јануари, си заминаа 620 лица.

Снежана Нешоска, заменик-раководител на Секторот ресоцијализација во КПУ Идризово, во разговор за МИА вели дека поради пренатрупаност на капацитетот во Идризово до 31 јануари 2018 година било мошне тешко да се работи со толкава бројка.

Во затворот има 25 воспитувачи, а четири се во приемното одделение. Бројот на кадарот за ресоцијализација е недоволен за опслужување на толкава бројка осуденици, која, како што информира Нешоска со амнестијата се намалил на 1.357, заклучно со 11 април, од кои 102 се во бегство.

Во затворот има вкупно 254 вработени, од кои 70 се во администрацијата, во кои спаѓаат и воспитувачите, а другите се униформирани. Има еден психолог, но Нешоска вели дека се потребни повеќе, тој еден не може насекаде да постигне.

-Еден воспитувач, вели Нешовска, пред амнестијата работел со над 120 затвореници, а и сега состојбата не е подобрена.

Казната затвор тука ја издржуваат машки лица осудени на над три години како и машки лица рецидиви, осудени на затвор над шест месеци

Единствено во КПД Идризово постои посебно одделение за женски лица, кои се осудени со правосилна пресуда на затворска казна или малолетнички затвор независно од висината на казната. И единствено тука има доживотен затвор за мажи и жени, како и казна затвор изречена кон машки и женски лица странски државјани и лица без државјанство.

Капацитетот на Затворот Скопје е 128 лица, а по амнестијата казна отслужуваат 68 затвореници, од кои 17 се во затворено одделение, 46 во полуотворено и отворено, а четири во приемно. Во притворскиот дел, пак има околу 200 луѓе, а капацитет е над 300 кревети.

Во разговор за МИА, раководителот на Секторот за ресоцијализација Маријан Јошевски вели таму има шест воспитувачи, меѓу кои педагози, социјални работници, но затворениците немаат психоло. Во Шутка казната ја издржуваат машки лица-примарни сторители, осудени со правосилна пресуда до три години како и машки лица повторници, осудени со правосилна пресуда на казна затвор до шест месеци.

Во Шутка еден воспитувач работи со над 20 затвореници. Според европските правила, појаснуваат од затворот еден воспитувач треба да работи со 10 до 15 затвореници. Сепак во Шутка, оваа бројка се должи на амнестијата бидејќи претходно еден воспитувач работел со 100 затвореници.

Во затворот во Идризово кон крајот на мај се очекува свечено пуштање во употреба на новите објекти, со што конечно ќе се означи крај на првата фаза од реконструкцијата, која е најавувана од 2013 година од претходната влада на Груевски.

Заменик директорот на затворот Феми Јонузи во разговор за МИА вели дека во новите објекти има капацитет за сместување на околу 567 осуденици. Сега сите осуденици, без разлика на третманот, се сместени во еден објект.

Моментална бројка е 260 осуденици со полуотворен третман, а 90 лица во отворено одделение, преостанатите се со затворен третман. Остатокот до 567 во новите објекти ќе се пополни со осуденици, кои со амнестијата ќе добијат помали затворски казни.

– Со законот за амнестија се намалува истекот на казната на одредени лица, што сега имаат затворен третмат и постои можност некои од нив да минат од помалку либерален во полиберален третман и со тоа да се пополни капацитетот во новите објекти, појаснува Нешоска.

Полесно е да воспоставиш контакт со директор, отколку со воспитувач

МИА за време на посетата на двата затвора разговараше со осуденици и нивните искуства со ресоцијализацијата.

Полесно е да воспоставиш контакт со директорот, отколку со воспитувачот, велат некои од нив.

– Најболно е тоа што нема професионалци, кај кои можеш да отидеш и да го раскажеш својот проблем. Начинот на кој тука работат воспитувачите мора итно да се смени. Начинот на кој се однесуваат со нас е еднаков на нула, потешко е да дојдеш до разговор со нив, отколку да дојдеш до директор, заповедник. Командирите ако не на прва, на втора или третаа молба, сепак, ќе те повикаат на разговор за да видат во што е проблемот, вели осуденикот од Идризово, кој отслужува седумгодишна затворска казна за две дела, финансиска измама преку фиктивни фирми и тешка кражба, за кои тврди дека не ги извршил и дека е наместен.

Сместен е во приемното одделение, кое во моментов се смета за најдобро во Идризово, бидејќи, како што вели луѓето тука се најпримерни во однесувањето.

Додава дека при приемот не му е направена професионална проценка. Во приемно има четири воспитувачки, а тој се уште нема разговарано со ниту една од нив.

– Немам видено психолог, има еден психијатар, што е побудала од сите, додава нашиот соговорник, кој е рецидивист.

Во овие седум месеци не бил вклучен во програми за ресоцијализација, сам се ресоцијализира од дома му праќаат расад и сади во градината во одделението.

Нешто што би сменил е сите затвореници да бидат работно ангажирани, а не неколкумина.

– Треба некого да намачкаш за да бидеш работно ангажиран. Може да се работи во пекара, амбуланта, како електричар, столарија, резба односно во препород, ама тоа се затвори пред два месеца, вели осуденикот од Идрозово.

Еден од осудениците во Шутка, кој отслужува затворска казна за учество во толпа, за протестот на 5 мај 2015 година пред Владата за убиството на Мартин Нешковски не е задоволен од новата управа на затворот.

Во разговорот вели дека во затворот разговара само со началикот за ресоцијализација, а со другите не сака да зборува.

Вели нема никаков контакт со надворешниот свет. Вратата се отклучува само за терапија и за исхрана, и, според него, никогаш не било вака.

Се жали дека неколку пати барал да биде прегледан од лекар и оти немаат соодветен лекарски третман.

Програми има, нема континуитет, кадри и услови за работа

Нешоска нагласува дека во Идризово има специфични програми за работа со осудени лица, но досега не им била дадена можност да работат по нив.

– Досега не ни беше дадена можност тоа да го работиме, бидејќи на еден воспитувач доаѓаа по околу 120 осудени лица. Многу е тешко да се работи во група од 120 осуденици, кои ротираат, односно го менуваат третманот од затворено, во полузатворено или отворено. Нема континуитет во процесот, појаснува таа.

Планот на казната на секој осуденик во затворите се изработува во приемното одделение од стручен тим, составен од педагог, психолог, криминолог. Се прави проценка што е унифицирана во сите затвори која ги опфаќа криминолошката, социолошката, психолошка, медицинска анамнеза и врз таа проценка се изработува план и програма за тоа како ќе тече казната. Се изработува индивидуален план на казната, се оценува дали е потребна трудова работа, морално-етничко воспитување и согласно планот се прави спефицична програма.

Јошевски појаснува дека неговиот тим работи со сите затвореници посебно во првите денови од приемот.

Со инструментот за проценка, додава Јошевски, се мери и степен на ризик од рецидивизам.

Доколку осуденикот во Идризово е зависник му се доделува метадонски третмат, што веќе десет години е присутен во затворот. Пред амнестијата бројот на метадонски зависници кои отслужуваат затворска казна изнесувал 260 лица, по амнестијата се намалил на 160, вели Нешоска, но додава дека, сепак, останува прашањето дали таквите поранешни осуденици ќе се вратат поради ново кривично дело.

Некои од затворениците велат дека воопшто не ги ни виделе своите воспитувачи и оти тие се занимаваат со административни работи, наместо со нивна ресоцијализација.

Нешоска не се согласува со тврдењата на некои од осудениците дека воопшто не ги виделе своите воспитувачи.

– Јас бев внатре, имав група од 120 затвореници. Знам кога некој зборува на телефон, кога му е лошо. Но сепак има и друга страна, ако на некој не му излезеш во пресрет и не му исполниш некоја желба, тогаш велат воспитувачот не ми обрнува внимание, додава Нешоска.

Во обрасците за затворениците се водат податоци за осудениците кои ги внесуваат воспитувачите кои работат од првиот ден со нив, но се водат белешки и доколку самите избегнуваат каква било комуникација со вработените.

– Нема временска рамка за разговор со осуденикот, но еднаш неделно се разговара со секој затвореник, истакнува Јошевски.

Досега во Идризово на пример се спроведувале специфични програми за осуденици за сексуални деликти, за оние кои издржуваат долги и доживотни затворски казни и за жени. Тоа се модули што, во рамки на проект, се спроведуваа во повеќе затвори во земјава, меѓу кои и во затворот Скопје.

Јошевски очекува овие програми наскоро да стапат во сила и да бидат вклучени во редовните програми за ресоцијализација.

– Ние се обучивме според тие програми, проектот во женското одделение е сработен. За долгите и доживотните казни сме обучени, но немаме соодветни простории за сето тоа да го спроведеме. Станува збор за работа со група од најмалку девет до десет луѓе, се води дневник за активностите, програмата треба да спроведува пријатна атмосфера за да има ефект, а не третмат да се прави во некоја шупа, додава Нешоска.

Кадрите кои се вработени во Идризово немаат соодветно образование. Дел од нив имаат завршено географија, историја, Факултет за физичка култура, а повеќето од нив се социјални работници.

Дел од воспитувачите биле ангажирани да ги дообразуваат осудените лица, кои немаат завршено основно образование, па наместо да плаќаат надвор дообразување кадрите биле искористени за таа намена. Некои од нив држеле настава по струката, што ја имаат. Но голем дел од нив не сакаа да им пишува на дипломите дека завршиле во КПД Идризово, така што почнала соработка со Работничкиот универзитет Кочо Рацин, од каде добиваат диплома за завршено основно образование.

– Сепак во моментов училницата, каде се вршеле образување на затворениците е зафатена со осуденици. Чекаме во секој момент да се преселиме, за да се продолжи процесот на образување, додава Нешоска.

Додава дека прават се што можат во условите во кои работат.

– Ниту условите на вработените не се нешто подобри од условите во кои престојуваат осудениците. Едно време бевме во една просторија, во која се греевме на ќубме на дрва, а ако немавме дрва си седевме на студено. Сепак, работевме со затворениците, во ниту еден момент никој од нив не беше пропуштен. Ниту еден не е заборавен за годишен одмор, за одење дома, за пакет, за која било погодност. Тие работи одат преку воспитувачот. Две посети и еден пакет гарантира државата, останатите погодности одат со одобрение на воспитувачот, додава таа.

Слободното време на затворениците

Еден од поголемите проблеми, според Нешоска, е слободното време на осудениците.

– Тие имаат премногу слободно време, треба да се работи со нив за правилно да го искористат нивното слободно време, додава таа.

Затворската економија е во прекин. Препород и економија моментално се наоѓаат во независна положба, во еден вид стечај.

– Економија не работи осум години, во рамки на овој сектор функционираа краварство, овчарство, млекара, свињара. Сето тоа функционираше до 2007 година, а потоа полека почнаа да се укинуваат. Дрвната индустрија беше дел од Препород, но ниту тука ништо не работи, во однос на дрвенаријата може малку нешто се работи додека имаме материјали, клупи, каучи, но салонот за мебел е празен, појаснува Нешоска во разговор за МИА.

Самите осуденици, сепак, сакаат да бидат ангажирани, бараат работа во затворот, каде времето не поминува доколку не се ангажираат во некои активности.

– Очекуваме сето тоа да профункционира. Ниту еден осуденик не одбил работа, самите бараат нешто да работат. Тие не се виновни, виновна е пренатрупаноста, нема каде да се работи, нема простории за едукација, вели Нешоска.

Во затворот Скопје отворениот и полуотворениот дел се еден до друг а затворениците се движат заедно во ист круг, кој е издвоен од затворениот дел.

Во отворениот дел затворениците можат да користат спортски терен, библиотека, а во близина е и механичарска работилница во која се сервисираат дел од помалите дефекти на возилата кои ги поседува затворот. Во собите затворениците се сместени по три до четири лица, во кои хигиената ја одржуваат сами, а во секоја соба има телевизор.

Десет затвореници добија можност да посетат кино, мерка која ја најави директорот на затворот Ѓоко Котески заедно со министерот за култура Роберт Алаѓозовски, а која ќе преставува можност за подобра ресоцијализација и подобра атмосфера во затворот во Шутка.

Со мерките се предвидуваат посети на културно уметнички настани за најпримерните осуденици, збогатување на библиотеките, организирање работилници и културно уметнички настани за самата установа од осудениците и со гости уметници.

Директорот Котески најави реактивирање на работилниците во затворот со што ќе им се даде можност на затворениците да го исполнат слободното време.

Од затворската управа најавија нови вработувања во делот на затворот што ќе работи на препород и економија за затворениците за што веќе е побарано одобрение од Министерството за финансии.

Ресоцијализцијата во Идризово најпроблематична, најголеми резултати во Штип

Од Управата за извршување санкции како најпроблематична ја посочија ресоцијализација во Идризово, а најмногу ги пофалија активностите што во таа насока се спроведуваат во затворот во Штип.

Велат дека со решавањето на проблемот со пренатрупаноста во затворите се отвора просторот за решавање и на другите прашања.

Директорот на Управата за извршување санкции во разговор за МИА Јовица Стојановиќ е задоволен како се одвиваат работите во однос на подобрување на состојбата во затворите во Македонија, а во однос на неофицијалната бројка дека 60 проценти од затворениците прават рецидив вели дека такви случаи има, секако затворските услови се една од причините, но не и единствената.

Тука во прашање се и други фактори, самата личност, семејството, начинот на живот, поддршката што ја имаат по излегување од затворот. Вели дека точната бројка на рецидивисти не се знае поради тоа што нема систем за следење на таа состојба.

Од Управата посочуваат дека изминатите години се спроведени повеќе проекти за обука на вработените за процесот на ресоцијализица, но и проекти за самите осуденици, во кои биле вклучени дел од нив.