Заев: Ќе има реконструкција на Владата, ќе се зголеми парламентарното мнозинство


Премиерот Зоран Заев денеска најави дека ќе има реконструкција на Владата и оти почнуваат разговори за зголемување на парламентраното мнозинство.

– Веројатно ќе разговараме со сите опозициски политички партии, освен со ВМРО-ДПМНЕ, истакна Заев по денешниот Форум за владеење на правото во ЈИЕ.

Реконструкцијата на Владата и евентуалните промени во ресорите, како што посочи, ќе бидат договорите со политичките партии и пратениците, кои би ја прифатиле владината програма за влез во парламентарното мнозинство.

Почнувањето на процесот на зголемување на парламентарното мнозинство, според него, ќе значи испраќање сериозна порака до граѓаните, до стопанството, до општеството дека Владата има намера преку посилно и стабилно мнозинство цо Собранието да носи сериозни одлуки во Република Македонија, кои, како што наведе се на повидок и доаѓаат.

– Апсолутно ќе разговараме со сите кои имаат намера да поддржат концепт на едно општество за сите, оние кои се придржуваат до вредностите на ова владејачко мнозинсто, а тоа апсолутно со Законот за јазиците е определено во кој правец ќе се движиме, истакна Заев.

Додаде дека луѓето кои што не даваат шанса на едно општество за сите како концепт, не не можат да бидат дел од парламентарното мнозинство.

– Тие што даваат шанса редно е да разговараме со нив, затоа што некои од нив и досега беа опозиција, а даваат поддршка на вредности што значат едно општество на сите, кое е посветено на реформите и евроатланските интеграции на Република Македонија, рече Заев.

На прашање во врска со измените на Законот за политички партии, Заев кажа дека од претставниците на СДСМ кои учествуваат во работните групи има информации дека добро течат работите.

– Се работи за еден пакет поврзан со реформските процеси, но и она што значи усогласување во државата, како што е изборното законодавство. Убаво е навремено да дискутираме, а не во очи изборите. Во рамки на изборното законодавство јас го соопштив нашиот концепт, дека се залагаме една изборна единица, професионални институции, ДИК да биде административен орган, а политичките партии да учествуваат шест месеци пред изборите, рече премиерот.

Во врска со финансирањето на политичките партии, најави дека ќе поддржат концепт кој ќе ја зајакне независноста на политичките партии и политичарите од екстерното финансирање, тоа значи од донации од физички или правни лица, што секако политичарите ќе ги направи понезависни во иднина.

– Тоа значи дополнителна финансиска можност за финансирање на политичките партии согласно трошковници што се знаат транспарентно, за да можат граѓаните да знаат зошто од Буџетот се финансират овие пари, но истовремено и политичарите да не бидат зависни од било какви центри на моќ, рече Заев.