Заев: Предлогот „Република Илинденска Македонија” е се уште на маса
Предлогот „Република Илинденска Македонија” во Македонија не отпаѓа, изјави премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање денеска пред Кривичниот суд.
Ово предлог, според него, е вреден и е за длабоко размислување, затоа што ги исполнува очекувањата на мнозинството граѓани на двете земји.
– Република Илинденска Македонија е име кое не го загрозува, туку напротив го зајакнува идентитетот на Македонија, а на Грција и дава сложено име со временска одредница, рече Заев.
Посочи дека тој и грчкиот премиер Ципрас целосно веруваат во ова решение и оти тие двајца се само една од кариката во целиот овој процес.
– Ние сме Зоран и Алексис и ние сме повикани како претседатели на владите да ги носиме процесите. Знаете дека уште во првиот момент рековме дека постои опција што може да биде прифатлива за двете страни, а тоа значи да се види како политичките структури и институциите во државата стојат… Има институционални процеси во донесувањето на одлуките. Кај нив тоа е Парламентот преку ратификација на евентуалниот договор за решението, а кај нас се и Парламентот и граѓаните преку референдум и евентуалните уставни промени кои би се случиле затоа што во прашање е пакет, истакна Заев.
Според премиерот, Илинден и нашето Илинденско востание во 1903 и 1944 година немаат никакви територијални претензии и ништо не се загрозува од страна на Грција.
– За нас е важно затоа што не задира во нашиот идентитет, напротив го јакне, го сочувува нашето достоинството и ги постигнуваме условите кои за нас се важни, а исто така грчката страна добива ново име – сложено, добива одредница и уставни промени, рече Заев.
Тој изрази верба дека разговорите ќе продолжат и треба да му се даде шанса на овој предлог кој, како што додаде, верува оти е решение за 25-годишниот спор.
– Зборуваме за пакет, а не за поединечни делови. Не може да се очекува уставна промена во Македонија за било кое решение, затоа прифативме ние уставна промена, затоа што е решение кое не не понижува. Ќе го сочуваме нашето достоинство, а притоа идентитетските прашања се фиксирани, а притоа ги исполнуваме и нивните услови, нагласи премиерот Заев пред Кривичниот суд.
Заев посочи дека состанокот во Њујорк на 24 и 25 меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција и Метју Нимиц е закажан од претходно и изрази верување дека решение може да се пронајде.