Живот со чист воздух или живот за загадувачите


Роберт Несими

Во Македонија општото добро пречесто било жртва на специјални интереси на грст луѓе, кои неказнети газеле по јавниот интерес за да се збогатат и добијат моќ на туѓа сметка. Ова беше посебно истакнато во последната декада со претходната власт, која добиваше сè на што ќе фрлеше око. Еден од ретките исклучоци каде што таа мораше да се повлече беше загадувањето на воздухот во Тетово и пошироко во Полошкиот Регион, каде што затворањето на најголемиот загадувач, „Југохром“, означи ретка победа на јавниот отпор и упорност над тогаш семоќната влада. Тоа, исто така, беше показател за понатамошните случувања, односно доказ за тоа што може да прави едно енергично и активно граѓанство. Затоа е загрижувачко што сегашната влада во овој случај изгледа сака да продолжи онаму кај застана претходната.

За да ги резимираме накратко настаните од минатите години, Полошкиот регион долго време беше најзагадениот дел од земјата, па дури и од Европа, иако е благословен од природата. Како што знаеше секој жител од регионот, и како што покажаа следствените јавни податоци, голем дел од загадувањето доаѓаше од еден единствен загадувач – фабриката „Југохром“. Со закон таа требаше да постави филтри на нејзините оџаци најдоцна до 2014 година. Но, иако работеше со големи профити, фабриката го проби рокот, а потоа државата на неколку пати ѝ даваше продолжувања на истиот. Иако со новиот закон се бараа одредени еколошки стандарди, „Југохром“ продолжи да се однесува како ништо не се случува бидејќи додуша и немаше некој притисок да дејствува поинаку.

Како Полог продолжуваше да се загадува, а Владата тоа воопшто не ја интересираше, беше сосема јасно дека некое решение може да дојде само од активното граѓанство. Предизвикот првично беше прифатен од група активисти познати како „Екогерила“. Настан по настан тие работеа на подигање на јавната свест за енормното загадување, несомнено потпомогнати и од модерната технологија која овозможи секој, во било кое време, директно да може да го гледа нивото на загадување. Јавните протести станаа се попосетени, за на крај протестот во Тетово да достигне невидена посетеност за еколошки прашања, било кога во Македонија. Ова ги допре партиите на власт таму каде навистина можеше да ги боли – гласовите. Под таков јавен притисок Владата немаше друг излез освен да и нареди на „Југохром“ да постапи според закон и да се затвори, се додека не постави филтри со пропишаните стандарди. Загадувањето со ПМ-честички набрзо се намали за 30 до 40 отсто, со што се докажа дека „Југохром“ навистина бил најголемиот загадувач.

Меѓутоа, последните настани покажаа дека новата влада не потроши многу време за да се врати на старите навики на правење бизнис во Македонија. Сега изгледа дека таа од почеток доставила непристојни понуди или во најлош случај директни закани до еколошките активисти од „Екогерила“, за да постигне договор за отворање на „Југохром“ пред време. Разочарувачки е фактот што нивниот план не изгледа ништо подобар од тоа што се обидуваше да го прави претходната власт. Со оправдување дека „Југохром“ вработува многу луѓе од регионот, една од предвидените можности е да се дозволи фабриката да се рестартира веднаш, а филтрите да ги постави паралелно.

Овој предлог е ужасен и преполн со недостатоци. Како прво, „Југохром“ требаше да ги постави филтрите пред неколку години, и требало веднаш да се занимава со тој процес наместо да бара начини да ги запостави еколошките стандарди. Ако навистина беше загрижен за загадувањето и јавното здравство, како што треба да биде секоја општествено одговорна компанија, „Југохром“ одамна ќе ги изградеше филтрите и сега веќе би работел без да загадува. Самиот факт што толку време го одолговлекува процесот и што денес зборуваме за можноста филтрите да се постават паралелно, покажува дека „Југохром“ никогаш не бил искрен партнер и треба да се третира со скепса и сега. А фактот што и Владата е волен партнер во овој предлог покажува дека не треба да ѝ се верува ни на неа.

Второ, невкусно е да се злоупотреби чувствителната тема на невработеност за да му се овозможи некому да продолжи да прави профити, мимо загадувањето и загрозувањето на јавното здравство. Без оглед колку лица „Југохром“ може да вработи, бројката е минимална во однос на 200.000 луѓе од Полошкиот регион кои треба да живеат со нејзините токсини. На пример податоците покажуваат дека бројот на деца заболени од респираторни болести во регионот бил скоро два пати поголем кога „Југохром“ работеше без филтри, а потоа се преполови кога фабриката се затвори. Сега изгледа како Владата да кажува дека е во ред да се трујат илјадници деца, ако со тоа се вработат стотици луѓе. Но, ако вработеноста е над се, можеби е време да дозволиме секаков вид на криминал и вонзаконски активности, ако тоа значи нови работни места.

Без разлика какви се плановите на Владата, сигурен сум дека жителите на Полошкиот регион нема да дозволат да им се одземе тешко издвоената победа над претходниот режим. Единствениот разумен пристап сега е да се продолжи со првичниот план. „Југохром“ не смее да добие посебен третман, треба да го почитува законот исто како другите фирми и да ги постави неопходните филтри пред повторно да почне со работа. Бидејќи Владата има сопствени интереси за рестартирање на фабриката, дали поради невработеноста или други сомнителни зделки, ни таа не е веродостоен и непристрасен арбитар во овој случај. Поради тоа, нејзиниот збор не треба да е конечен, туку треба да се дозволи дополнителна инспекција од независни странски експерти кои треба да потврдат дека еколошките стандарди навистина се исполнети. Инаку ќе знаеме дека режимот продолжува со некои нови политички фаци и истите стари олигарси.