Жан Митрев за успесите и за пречките: Ги лечиме странците, а не можеме нашите


На денешниот датум, во 2000 година, д-р Жан Митрев го оперира првиот пациент во тогаш Специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори“. Низ годините потоа болницата растеше и се ширеше за да прерасне во современ медицински центар кој пред две години се всели во објект со петпати поголем капацитет и се ребрендира во „Жан Митрев Клиник“. Досега се направени над 30.000 операции и има по околу 50.000 прегледи годишно на нови пациенти.

Основачот, академик д-р Жан Митрев, во интервјуто за „Независен весник“ зборува за патот кој го одеше во минатите 18 години, за парадоксите во здравствениот систем и за идните предизвици:  да добие дозвола за трансплантација на органи, ФЗО да покрива повеќе операции за своите осигуреници, за да не мора луѓето да одат во странство и државата да плаќа многу поскапо отколку што би чинело истите интервенции да се прават овде.

Денес правите полнолетство како клиника. Созреавте ли доволно во овие 18 години, и како медицински центар и вие лично, за да се вклопите во здравствениот систем во Македонија?

– Јас го доживувам овој проект како дете кога ќе се роди, па со сите детски болести оди напред. Во конкретниот случај, тоа дете не беше баш прифатено, но не се исполнија предвидувањата дека детето нема да преживее. Поминаа и за мене неверојатни 18 години макотрпна и непрекината работа. Кога им кажав на вработените дека ќе правиме голема прослава, прво што ми рекоа е дека не е јубилејна, дека не се 20 години. Кога реков дека правиме матура, ја сфатија пораката. Можам слободно да кажам дека сме созреани затоа што „положивме матура“. А кај нас матурската најмногу се слави. Другото потоа и не е толку значајно. Полагањето беше со тоа што на крајот на минатата година успеавме да го добиеме американската JSI акредитација, која гарантира врвна медицинска услуга за пациентите.

Од денешен аспект, вредеше ли враќањето од Германија во Македонија? Престанавте ли да се чувствувате како непожелен елемент?

– Штом приказната е актуелна до денес, има значење, затоа што е различно од сѐ друго и затоа што ги менува вообичаените клишеа и стандарди што биле и што се во Македонија. Во сите овие периоди, имав тешки, горчливи и неправедни моменти и длабоко сум се каел што сум се вратил. Но има и моменти што се вредни да се одбележат. По 18 години макотрпна работа, се изменија многу луѓе. И многу од тие што некогаш ми правеа проблеми, по повеќе години станаа дури и мои пациенти, мои пријатели. Тој процес на прифаќање сѐ уште трае оти мојот пристап на работа кон пациентите е суштински различен и секогаш некого интегрира, или загрозува, или побудува завист. Зборувам повеќе за докторската фела. Уште не можам да кажам дека сме комплетно прифатени во системот на здравство и сите услуги што ги даваме не се достапни за пациентите, од финансиски аспект.

Во таа насока, има ли некои поместувања во релациите со Фондот за здравствено осигурување?

– Откако се променија околностите, и со новата политичка гарнитура имаме многу нормална комуникација. Можеме да лоцираме што е проблем на пациентите, што е од од административна природа, а што се недоречености на системот. Порано не можевме ни да разговараме како што треба, сѐ беше некоја непотребна пресија. Се губеше од вид заедничката цел, да дадеме добри услуги особено таму каде што сме ние позиционирани – а тоа е најтешката медицина, борбата за најтешко болните пациенти. Тој дел е чувствителен, независно дали сопственоста е државна или приватна. Тука нема козметика. Има сериозна медицина, поврзана со сериозни трошоци и со високо знаење на голем број персонал. Тоа да не биде искористено според потребите на државата е штета за сите – и за нас како институција и за пациентите, но и за државата. Парадоксално е што многу од тие услуги што ги правиме тука или ги правиме за странци, а не можеме да ги правиме за нашите пациенти. Од друга страна, нашите пациенти бараат лек во странство и тоа државата ја чини многу повеќе.

Освен кардиоваскуларните операции, давате и други услуги. Кои се најмногубројни?

– Имаме огромна палета на услуги што ги користат приватните пациенти. Имаме модерна хирургија, анестезија, интензивна нега, комплетни дијагностички процедури, воведовме персонализирана медицина во генетските испитувања, од пред една недела почнавме и со педијатриски прегледи. Испитуваме и над 300 вообичаени лекови што се користат во секојдневната пракса, а голем процент на пациенти генетски не реагираат на тие лекови. На пример, еден есенцијален лек, Klopidogrel, го добиваат сите пациенти кај кои има стентирање на срце или на други крвни садови. Но на повеќе од 30 отсто пациенти што го пијат, лекот не им дејствува. Ако пациентот добие стент, а лекот не дејствува, пациентот може да доживее повторен инфаркт, повторно да се оперира или да има катастрофални последици. Тие работи не ги покрива ФЗО, пациентите сами ги плаќаат ако можат. Фондот не покрива дијагностика, коронографии, стентирање… токму за пациентите кои евентуално треба да се оперираат.

Каков е соодност на странските во однос на домашните пациенти?

Бројот на странските пациенти расте континуирано со годините. Лани првпат го поминавме прагот 51 отсто да бидат приватни пациенти во однос на пациентите од Фондот. Пред десетина години, 95 отсто беа фондовски осигуреници.

Кои интервенции ги сметате за најголем успех на клиниката и кои ви се предизвик?

Со секојдневната работа, се позиционирам таму каде што се најтешко болните пациенти. Пред неколку години почнавме програма за третман на пациенти во сепса. Воведовме нова технологија за прочистување на крвта на пациентите на специјални машини со специјални филтри и со тоа директно влијаеме на отстранување на бактерии, вируси и сѐ она што не треба да го има во крвта. Со оваа технологија успеваме да излекуваме многу пациенти. Станува збор за посебно тешка група пациенти. Тука се враќаме на истото, дека секоја технологија е поврзана со големи трошоци. Станува збор за големи издатоци, а не секогаш се поврзани со успех. Тоа е болен дел и за нас како даватели на услуга и за пациентот и за неговото семејство. Затоа сме во многу незгодна ситуација.

Сунчица Стојановска Зоксимовска

 

 Повторно побарана дозвола за трансплантации

Најголем проблем за нашите пациенти е што сите не можат да платат приватно за да се лекуваат. Има ли најава дека Фондот би покрил повеќе услуги или би ја зголемил квотата што ви ја дава за одредени интервенции?

– Постои добро расположение и овие проблеми да се решаваат. Едно од најгорливите прашања е трансплантацијата на органи. Ги исполнуваме сите можни услови веднаш да почнеме програма на операции за кои се одлеваат огромни суми во странство. Сега правиме само автотрансплантации на срце кај одредени пациенти, но тоа е мал број. Јас зборувам за трансплантација од донори, пациенти што починале, при што тука влегуваат и бубрези, црн дроб, бели дробови… Имаме комплетни услови, ни треба дозвола за работа за тоа да може да функционира за осигурениците на ФЗОМ. Сите овие години се обидував да добијам можност да правиме трансплантации, но сѐ беше испреплетено со разни административни, некогаш нелогични и наметнати тешкотии. Повторно побарав дозвола пред некое време и се надевам дека тоа ќе се реши. Понудив дека мојот систем е отворен систем, дека не треба приватното и државното здравство да се исклучуваат. Капацитетите за врвна медицина се многу мали секаде во светот и треба да се користат сите ресурси.

 

Да се обелоденат резултатите од операциите на срце кај деца од странски доктори

Што се случува со детската кардиохирургија? Ја почнавте едно време

– Работиме детска кардиохирургија, но со многу намален буџет за разлика од пред 4-5 години. Сега имаме околу 60-70 операции. Од нив, 10-15 зафати се со класично оперирање, а другите се со интервенциско затворање на дефектите на срцето. Бројот на пациенти беше намален со еднострана одлука на тогашниот Фонд. Се активира уште еден тогашен владин проект за детска кардиохирургија. Почнаа да носат разни доктори од странство. Сето тоа е превиено со тајна, се кажуваа некои бројки дека се оперирани 200-300 деца. Поставив прашање колку се преживеани, колкава е стапката на смртност? Тоа се бројки и резултати што мора да се знаат. Досега, како претседател на Здружението на кардиохирурзи на Македонија, немам никаков податок.