Евровизија не е изгубена


“Се вршат интезивни преговори на највисоко ниво меѓу Македонската радио телевизија и Португалската радио телевизија за учество на македонски претставник на најпрестижната музичка манифестација во Европа која годинава ќе се одржи во Лисабон, Португалија од 8 до 12 Мај. Се надеваме на решение, кое во најбрзо време ќе го објавиме официјално, изјави Јон Ола Санд, извршен супервизор за Евровизија на ЕБУ. Паниката во македонската јавност се прошири откако се откри дека Македонија ја нема на списокот меѓу 42. земји-учеснички, објавен од страна на ЕБУ, а како причина  се споменуваше долг на јавниот сервис кон ЕБУ, за кој во МТВ велат дека не е голем.

Идната година Евросонг ќе се одржи под слоганот All Aboard!. Двете полуфинални вечери се закажани на 8 и 10 мај, а големото финале ќе се случи на 12 и дел од него ќе бидат 26 земји од вкупно 42 земји учеснички. Земјите учеснички се : Албанија, Ерменија, Австралија, Австрија, Азербејџан, Белорусија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грузија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Израел, Италија, Латвија, Литванија, Малта, Молдавија, Црна Гора, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Русија, Сан Марино, Србија, Словенија, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Украина и Велика Британија.

Годинава во Киев, Украина, боите на нашата земја ги бранеше Јана Бурческа со темата “Dance alone“ и за жал не се пласира во финалето. Официјално Македонија е дел од Евровизија од 1998 година, кога ова музичко натпреварување се одржа во Бирмингем, Велика Британија. Најдобриот пласман Македонија го имаше во 2006 година, кога наш претставник беше Елена Ристеска со темата “Нинанајна”. Од поранешните Ју-републики само нашата земја и Црна Гора никогаш не успеале да се најдат меѓу најдобрите 10 земји.