Државата ќе си ги брои долговите кон бизнисот


 

Владата и јавноста конечно ќе дознаат колку пари му должат државните органи, јавните установи, фондовите и општините на бизнисот. Предлог-законот за пријавување и евиденција на обврски, кој го најави министерот за финансии Драган Тевдовски, влезе во собраниска процедура. Набавен е софтвер во кој сите институции ќе треба да ги внесуваат податоците за тоа колку должат, кому и од кога, како и кога е крајниот рок за плаќање, за да се воведе ред во буџетските трошења. Ова следува по шокантното откритие по промената на власта лани, кога само по основа на доброволно пријавување неплатени обврски државните институции открија дека му должат 365 милиони евра на стопанството. Бизнисот, пак, тврди дека сумата е далеку поголема.

– Целта на предлог-законот за евиденција на обврските е Владата и јавноста да имаат целосен увид за сите преземени, доспеани и неплатени обврски од страна на органите на државната власт, јавните установи, фондовите и општините, кои законски ќе бидат обврзани да ги евидентираат во еден електронски систем. Минатата година Министерството направи истражување за да утврди колку точно стари неисплатени долгови имаат државните институции, фондовите, јавните претпријатија и општините, во кое дојде до сума на заостанати обврски од 22 милијарди денари за 31 мај 2017. Откако ќе се донесе законот и ќе се стави во употреба софтверот за следење на обврските, Министерството ќе има можност во реално време да ги следи и да ги објави неплатените обврски – велат од ресорот финансии.

Долгот на државата кон стопанството беше табу-тема за претходната власт.

Овие бројки со години наназад се чуваа во тајност, иако бизнисот предупредуваше дека неликвидноста ги јаде компаниите кои не можат да наплатат од државата за да се раздолжат меѓу себе.

За долгот на државата кон стопанството, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески вели дека ништо не е променето, дека ситуацијата е идентична, освен што повратот на ДДВ е забрзан и се одвива добро.

– Клучен проблем е приоритетот на обврските на државата кон приватниот сектор. Ќе инсистираме да се промени досегашната регулатива која нѐ ограничува предвидувајќи да ги наплаќаме побарувањата од општините со дефиниран минимум под кој не можеме да наплаќаме. Тоа преминува во пракса и долговите 11 години остануваат неплатени – рече Азески.

Дека сумата од 365 милиони евра е помала од реалниот долг на државата кон стопанството сметаат од Комората на северозападна Македонија.

– Бројката од 365 милиони евра како долгови на институциите кон стопанството не е реална и тие се поголеми бидејќи, како што самата Влада тврдеше, голем број за задолжувања биле скриени од самите нив во минатото. И нашите сознанија преку нашите членки се дека долговите се во поголем износ – вели Миљаим Амети, оперативен менаџер на Комората.

Тој вели дека го поздравуваат чекорот за донесување законот за пријавување и евиденција на обврските, кој можеби ќе влијае на институционалната свест за раздолжување на институциите кон стопанството. – Меѓутоа, самото евидентирање во електронскиот софтвер не значи дека обврските на институциите ќе се почитуваат и ќе се изврши навремена исплата. Во исто време, треба да се градат систем и стратегија за исплата на истите. Освен тоа, важно е да се каже дека во текстот на нацрт-законот не се уредува делот на постојните долгови кои се доспеани, а не се платени, и тие што сѐ уште не се доспеани. Имено, не се знае дали и тие ќе бидат објавени во електронскиот софтвер – нагласува Амети.

На крајот на мај минатата година Министерството за финансии излезе со бројката на вкупни долгови од 365 милиони евра, од кои само општините отпаѓаат повеќе од 76 милиони. Меѓу најголемите должници беа Охрид со 11,7, Тетово со 8,1 и Карпош со 7,7 милиони евра. Наедно тие се оградија околу целосната вистинитост на овие бројки и најавија целосно системско решение со нов софтвер и закон.

Александра Филиповска