Домашна авиокомпанија ќе врти 90 милиони евра годишно


Паралелно со подготовката за нов тендер за субвенционирање на нискобуџетни компании, откако пропадна првиот на кој се јави единствено „Визер“, Владата најави анализа за исплатливоста да се формира домашна авиокомпанија. Експертите се поделени, има и за и против нов обид за ставање на македонското знаме на опашката на авионите.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески изјави дека анализите правени во минатиот период покажале дека формирање домашен авиопревозник не е исплатливо.

„Правиме нови анализи врз основа на кои ќе видиме дали тоа е исплатлива опција. Земени се како пример земји во регионот, како што е Србија, каде што авиопревозникот функционира по принципот јавно-приватно партнерство“, рече Сугарески.

Идејата за јавно-приватно партнерство за да се оформи домашна авиокомпанија е прифатлива за Ѓорѓи Чачкиров, пилот и поранешен директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

„Со досегашниот начин на водење на авиосообраќајот е избришана цела гранка – со влегувањето на ТАВ ги изгубивме аеродромите, со ‘Визер’ авиокомпаниите, ја изгубивме и шансата за домашна авиокомпанија, како и добар дел од странските регуларни авиокомпании, а АЦВ ја сведовме на неколку стручни лица. Македонија нема авијација. Во времињата кога имавме домашни авиокомпании, 30 отсто од патниците се превезуваа со нив. Тоа беа минимум 300.000 патници, дури ‘Палер’ една година имаше превезено 471.000 патници. Со билет од 300 евра, како за лет со регуларна авиокомпанија, тоа се 90 милиони евра годишно кои ќе се вратат во земјава, живи пари. Домашен авиопревозник значи вработување на домашни луѓе, сите помошни активности ги вршат наши граѓани, гориво се точи од македонски фирми“, објаснува Чачкиров.

За аргументот дека ниту една регионална авиокомпанија со некаква форма на државна поддршка не стои добро, вели дека и покрај финансиските тешкотии, државите постојано ги спасуваат.

„Зошто Владата не објави конкурс и да види дали би имало заинтересирани приватни инвеститори за јавно-приватно партнерство во македонска авиокомпанија“, прашува Чачкиров, додавајќи дека знае инвеститори, за кои единствен услов да инвестираат е државата да не им бара ништо надвор од договорот.

Домашната авиокомпанија би почнала со два воздухоплова земени на лизинг. Ако проектот почне сега, првите авиони под македонско знаме би полетале за една година. Во тој период би се обезбедиле пилоти за 9 посади.

„Има 20-ина македонски пилоти кои летаат за странски авиокомпании. За стјуардесите би требало обновување на дозволите, а може да се најде уште и механичарски кадар. Ако веќе прават анализа, нека земат вистински независна компанија, а не како досега“, сугерира Чачкиров.

Неговиот колега, пилотот Кире Каевски, вели дека за разлика од субвенциите што ги добиваше „Визер“, ЕУ не дозволува државно субвенционирање на домашен авиопревозник. Додава и дека многу ќе чини изнајмувањето на воздухоплови, оти би требало да се стартува со 4 авиони, што не би било поевтино од 200.000 евра месечно, во зависност од типот на воздухопловите.

„А каде се резервните делови за нив, сервисите, договорите за ремонт, просториите, персоналот. Субвенционирањето на ‘Визер’ е поедноставен начин за решавање на проблемот во авиосообраќајот. Формирање домашна авиокомпанија бара голем и сериозен апарат кој многу чини. По закон, фирмата што ќе стои зад авиокомпанијата треба да има депонирани средства за трошоци од 3 месеци без пресметани авиобилети“, објаснува Каевски аргументирајќи зошто во вакви услови не е финанси оправдано основање домашен авиопревозник.

Анита Салтировска