Додевски заминува од челното место на Адвокатската комора


Скопскиот адвокат Никола Додевски, по нешто повеќе од четири години претседателствување со Адвокатската комора на Македонија (АКРМ) си заминува од оваа функција.
Заминувањето на Додевски е повеќе од извесно, иако тој се уште ужива авторитет меѓу неговите колеги, но повеќе од извесно е и тоа дека тој нема да се кандидира за уште еден, нов мандат.

Имено, Додевски веќе има и јавно изјавено дека четири години е сосема доволен период за да се реализира одредена програма. Како што е познато изборот на Додевски се случи на 16. февруари 2013 година, а тој важеше за личен адвокат на тогашниот премиер Никола Груевски и на неговата мајка Нада Груевска.
Она што, исто така, е извесно се однесува на договорениот тајминг за избор на нов претседател. Како што дознаваме Собранието на АКРМ изборот ќе го спроведе на 5 и 6 мај, а местото на збиднување е струшкиот хотел „Изгрев“. Македонските адвокати освен претседател ќе ги избираат и членовите на телата на оваа организација.
Изборот на нов претседател на Адвокатската комора ќе биде интересен и неизвесен како никогаш досега, бидејќи не постои изразит фаворит, иако „блага предност“ му се дава на поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Михајловски – Џанго.
Листата на кандидати за нов претседател ќе биде отворена се до моментот на гласање, а дотогаш членовите на Собранието ќе можат да ги даваат своите предлози и токму поради тоа, се верува дека на листата ќе се најдат повеќе имиња на адвокати.
На само една недела пред изборот на нов претседател на АКРМ веќе се шпекулира со имиња на неколку потенцијални кандидати. Имено, освен споменатиот Љубомир Михајловски, се спомнуваат и имињата на Александар Тортевски, Наташа Трпеноска, Звонко Давидовиќ и Димитар Панчевски.
Учеството на адвокатот Давидовиќ, но и на неговиот колега Александар Тумановски, во Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, ги оддалечува од кандидатура за „прв адвокат“, но тоа не значи дека не може да се случи да бидат избрани во телата на АКРМ.

Целиот текст на правосудство.мк