Дивоградбата на Матка не може да се сруши, во Сарај немале инспектори


Дрвена конструкција и скали што водат од патеката кај кањонот директно до водите на езерото Матка. На таблите со натпис на англиски јазик: „Возење со чамец – Ќенан“ пишува дека се нуди прошетка низ вештачкото езеро што чини 200 денари. Цена пониска отколку на конкуренцијата. Платформа со штици што наликува како иден подиум за кафуле или ресторан. Расфрлан алат.
Знаците во заднина дека станува збор за заштитено подрачје изгледаат цинично кога ќе го видите опишаниот објект во обид, веднаш зад браната на хидроцентралата Матка. Никна преку ноќ, а се доградува со месеци без притоа надлежните инспекции да излезат на терен и да се позанимаваат со дивоградбата. Градските служби апелираат до општинските во Сарај да си ја завршат работата, а од таму гротескно забележуваат дека немаат инспектори за да излезат на терен.

Едниот на боледување, другиот во пензија
„Од каде знаете дека е дивоградба?“, нè прашува Аднан Сараќини, раководител на Секторот за урбанизам во Општина Сарај.
Тој вели дека кај нив воопшто не стасал допис од градоначалникот Петре Шилегов или од други надлежни институции во кој ги известуваат дека треба да преземат мерки за рушење на дивоградбата на Матка.
Во Град Скопје тврдат дека по сопствена иницијатива преку градскиот инспекторат излегле на терен и констатирале бесправна состојба, а за тоа го известиле Инспекцискиот совет, кој треба да преземе дополнителни мерки заради неактивност на градежната инспекција на Општина Сарај.
„Покрај тоа, во координација со министерот за транспорт и врски го известивме Државниот инспекторат, кој треба да излезе на самото место да ја констатира состојбата и согласно со тоа да донесе соодветни одлуки дали да ги одземе ингеренциите во урбанизмот на Општина Сарај“, потенцира градскиот татко Петре Шилегов.
Тој апелираше до Општина Сарај и до градоначалникот Блерим Беџети да почнат да си ги вршат задачите за кои што се избрани и платени од граѓаните.
„Не смееме да дозволиме дивеење во градежниот сектор, особено не во природните богатства и реткости како што е Матка“, вели Шилегов.
Сараќини, пак, ноншалантно објаснува оти општината во која работи се соочува со реални проблеми во капацитетот и затоа не може да постигне да биде секаде на терен.
„Имаме двајца инспектори. Едниот е комунален и тој беше на терен во Матка, но сега е на боледување. Другиот е градежен и замина во пензија. Објавивме оглас за негова замена, но никој не се јавува. Поради тоа, се обидуваме да се покриеме со општините со кои имаме добра соработка, ама не можеме секаде да стигнеме. Јас лично не сум бил на Матка и не сум го видел местото за кое ме прашувате, па не можам да тврдам дали е дивоградба или не е. Ме чуди и тоа што го тврди Шилегов, па тој има редовна комуникација со Беџети, а нашата општина има одлична соработка со Град Скопје. Не знам што сте виделе при вашата посета, но треба да имате предвид дека доаѓа лето и туристичката сезона, околу Матка се менуваат расипани штици, се бојадисуваат, се дотеруваат, што не значи дека се градат или подготвуваат нови објекти“, вели Сараќини за „Независен весник“.
На и околу спорниот објект вчера немаше никој од сопствениците или од најмувачите на чамци. Според нашите информации, објектот е изграден од шестмина браќа од соседното село Глумово, чие влијание во селото и врз општинските власти е големо.
„Тие си работат од лани. Тогаш никому не му пречеше. И сега не се кријат, малку по малку си го шират бизнисот, не им може никој ништо“, зборуваат жителите во Глумово.
Кањонот Матка е прогласен за споменик на природата и е заштитено подрачје од трета категорија, што значи дека не се дозволени активности што би ја загрозиле неговата автентичност. Во студија на УНДП од 2010 година е наведено дека за заштитата на кањонот Матка се грижат 39 институции. На терен – не се грижи ниту една!

Атрактивна дестинација
За скопјани, а уште повеќе за странските туристи, заситени од центарот на градот кој е полн со кичестите споменици, кањонот и езерото Матка се атрактивна дестинација. Матка нуди планинарење, пливање, пешачење, кану, пештерски туризам, алпинизам, историски знаменитости, како и можност за гледање интересни птици и пеперутки. Кањонот содржи средновековни манастири со одлични фрески и многу пештери – дел од нив достапни со чамец преку езерото Матка. Реномираниот британски весник „Гардијан“ во 2015 година вака ја опиша Матка и ја вброи меѓу десетте најубави кањони во Европа, кои се лесно достапни за авантуристите и нудат одлични погледи и добри патеки за шетање.
Ова е најстарото вештачко езеро во Македонија, чија акумулација е изградена во 1938 година преку преградување на реката Треска со брана. Последните години посетителите кон Матка се однесуваат како кон излетничко место, а не како кон споменик на природата. Метежот за време на викендите и нерегулираниот сообраќаен хаос, не му дозволува на градскиот автобус што вози до Матка ниту простор да се сврти на последната станица за да се врати кон градот. Купишта ѓубре што ги оставаат несовесните граѓани се вообичаена слика по завршувањето на излетот. Местото што некогаш привлекуваше со мистична убавина сега има турбофолк-димензија, поточно се повеќе се комерцијализира и се шири ресторанската содржина. А, со тоа ѓубре се повеќе има и околу езерото и внатре и ја губи својата убавина и привлечност за туристите.
„Од 2012 година редовно ја чистиме Матка. Во минатото, проблем беше тоа што за хигиената беше задолжено јавното претпријатие од Општина Сарај, кое немаше капацитет да се справи со сметот што илјадници посетители го оставаа зад себе. Сега, тој дел од работата го презема Комунална хигиена и се надеваме дека ќе биде подобро. Недостига инспекција што ќе ги казнува несовесните граѓани, очигледно е дека едукацијата не е доволна“, вели Блаже Јосифовски од невладината „Ајде Македонија“.
Ѓубрето го нема за време на работната недела, но тогаш нема ниту голем број посетители, особено во зиме или кога времето е постудено.
„Работиме кампањски, во лето ударнички, а зиме полежерно. Од година во година прометот е сè послаб, а не можам да сфатам зошто. Тоа што го има Матка, го нема на друго место. Осумдесет отсто од гостите што остануваат подолго од еден ден се странци, но има и наши луѓе од внатрешноста“, вели менаџер на еден од рестораните во локалитетот.

Матка е навистина прекрасна. Во тоа се уверил секој што барем еднаш ја посетил. Но, истите тие што барем еднаш ја посетиле знаат дека Матка живее препуштена на себеси. Матка нема сопствен спасувачки тим, а изобилува со опасни карпи кои се предизвик за искусните и за помалку искусните алпинисти, како и за обичните планинари – вљубеници во природата. Не постојат ограничувања за движење, секој е препуштен сам на себе, но не дај боже, за помош се чека спасувачкиот тим од Водно. Изминатите години и децении, Матка редовно наплатуваше данок во крв. Колку и да ја тероризираме, Матка останува мистична и затворена во својот свет.

Мистичноста на тајните извори
Кањонот на реката Треска зафаќа површина од околу 5.000 хектари. Познат е по десетте пештери со должина од 20 до 176 метри и двете бездни со длабочина до 35 метри. Матка претставува еден од најголемите рефугијални центри за време на глацијалниот период, што придонело денес на овој простор да се сретнат голем број реликтни и ендемични растенија и животни. Од вкупниот број од илјада видови на растенија, дваесет отсто се реликти. Позначајни се кошаниновата темјанушка и наталиевата рамонда. На локалитетот Матка се откриени два нови видови на вистински пајаци и пет лажни скорпии. Во кањонот се регистрирани 119 видови дневни и 140 видови ноќни пеперутки. Во рамките на кањонот се наоѓа спелеолошкиот парк „Јовица Гроздановски“, наречен според трагично загинатиот алпинист. Паркот е составен од три пештери (Врело, Убава и Крштана), како и една подводна пештера (Подврело).
Поради особеностите на самиот терен и тешката пристапност, во минатото во кањонот Матка биле изградени поголем број на цркви и манастири и останати сакрални објекти. Поради тоа, Матка го носи и името Света Гора. Денес постојат повеќето цркви од средновековниот период, поголемиот дел се зачувани во целост, а некои се урнати или постојат само нивни темели. Покрај верските објекти, високо во кањонот Матка, стојат и остатоците од некогашната средновековна крепост Марков Град. Таа била изградена како збег за населението и манастирските цркви, во времето на доаѓањето на Османлиите.
Од Езерото, водата се користи за добивање на електрична енергија, но и за наводнување на селата во околината. Езерото е порибено и често пати се користи за спортски риболов. Подводната пештера Врело е една од најдлабоките подводни пештери во Европа, која има длабочина повеќе од 203 метри. Мистичноста на Матка ја прават и тајните извори на вода зад кои можат да се најдат голем број пештери. Кањонот на Матка е еден од највеличествените региони во Македонија. Страните на кањонот се вертикални карпи во кои домуваат антички храмови, средновековни цркви и манастири.

Место да се уриваат, дивоградбите ќе се легализираат
Според Законот за градење, работата на општината ја контролираат инспекциите, а ингеренциите може да и се одземат по предлог на Државниот градежен инспекторат. Од Заедница на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) деновиве беше навестено дека ќе продолжи легализацијата на бесправно изградените објекти, а тие што ќе легализираат нема да ги платат само комуналиите туку и дополнителни пенали.
„Не смееме како институција и држава да стимулираме бесправна градба на каков било начин. Мора да најдеме баланс во решението“, објасни градоначалникот на Скопје и прв човек на ЗЕЛС, Петре Шилегов.
Нема да се плаќа по едно евра за метар квадратен, туку најмалку 50 отсто повисоки комуналии за дивоградба. Во државата има околу 70 илјади дивоградби, почнувајќи од балкони преку тоалети до висококатници. Според ЗЕЛС, досега за легализација на куќа од 120 квадрати со потпокрив, балкони и гаража се плаќаа 438.000 денари, а по ново ќе се плаќаат 700.000 денари плус административни трошоци. Граѓаните веќе реагираа дека со ваквата мерка не се решава ништо, освен што се полнат повеќе касите на општините, а дивоградбите ќе се множат и натаму.

Горан Адамовски