Денис Куљиш за судирот во ХДЗ: Претседателката го урива Пленковиќ


Со протестите околу Истанбулската конвенција десничарското крило во ХДЗ сакаше да ја испроба својата сила и да го собори премиерот Андреј Пленковиќ. Лидер на оваа партиска опозиција во самата влада е претседателката на државата. Конвенцијата никој не ја прочита. За неа, всушност, никому не му беше грижа, нагласува еден од најпознатите хрватски новинари Денис Куљиш за најновите настани во Хрватска.

Малкумина надвор од Хрватска разбираат што, всушност, се случува во вашата држава. Да ја земеме, на пример, ратификацијата на Истанбулската конвенција за правата на жените. Никаде во Европа немаше такви протести и таква политичка борба.
– Околу Истанбулската конвенција се мобилизираа сите политички групации внатре во ХДЗ кои сакаат да ја урнат владата. Тоа им беше само повод. Но судирот е многу подлабок. Се работи за тоа дека премиерот Андреј Пленковиќ ја презеде партијата од Томислав Карамарко и отиде на избори со пратеници кои беа десноориентирани. Идејата на Карамарко беше да ја собере целата десница и оние што секогаш беа на маргините, а беа надвор од ХДЗ. Тој или ги собра како коалициски партнери или им ги презеде гласовите. Тој користеше реторика што ја мобилизираше целата десница и формираше една ХДЗ која е многу подесно од онаа ХДЗ во претходниот период, кој вклучуваше конзервативни центрумашки струи. На изборите во 2015 година тој всушност ја формираше новата ХДЗ со сите тие десничари. Меѓутоа, таа десничарска ХДЗ ги исплаши гласачите, без оглед што беа создадени услови да пропадне неспособната влада на СДП, која економски страшно ја уназади Хрватска и ништо не работеше. И, апсолутно дојде време да падне таа влада. Но со засилената десничарска реторика ХДЗ доби премалку гласови и мораше да оди во коалиција со партијата Мост која исто така е од десницата, но е популистичка партија. Тоа немаше перспектива и владата се распадна, така што мораше повторно да се оди на избори, а тогаш на власт во ХДЗ дојде Пленковиќ. Тој немаше време да создава нова партија туку отиде на избори со речиси истите луѓе, додавајќи само неколку свои. Така, изборите ги доби со партијата на Карамарко, но со својата умереност. Избирачкото тело за тоа му даде кредит и победи, но победи со партија која е десна. Сега има голем проблем бидејќи во партијата и во владата има многу луѓе што не се негови истомисленици.

Велите дека тие сега се партиска опозиција во самата влада?
-Така е, и уште ја најдоа претседателката на државата како свој лидер, бидејќи кај нас претседателот е секогаш опозиција на премиерот, без оглед дали се од истата или од спротивна партија. Подобра е ситуацијата кога е од друга партија зашто тогаш се знае дека не може да влијае врз власта, бидејќи тогаш тргува со владата околу некои свои барања. Многу полоша е ситуацијата кога се од иста партија и тогаш претседателот се обидува да се наметне како лидер. Така беше и со Иво Јосиповиќ во однос на Зоран Милановиќ. Истанбулската конвенција беше повод бидејќи опозицијата на Пленковиќ во партијата мислеше дека најлесно ќе го мобилизира своето избирачко тело и пратениците за едно морално прашање, а не политичко, затоа што не можат да тргнат да го уриваат премиерот, кога сите тие се во власта.

Какво е тоа морално прашање, кога со оваа Конвенција требаше да се заштитат правата на жените?
– Никој не ја прочита таа Конвенција. За неа никому не му беше грижа. Таа беше само повод. Црквата не се вклучи целосно и беше на страната на Пленковиќ. Меѓу тие заговорници, многу поважна улога одиграа католичките движења, разните фундаменталисти и други групации. Црквата е многу нервозна затоа што не може да ја поддржи Истанбулската конвенција затоа што е против сѐ она што го менува традиционалното поимање на бракот, улогата на жената.

Од каде доаѓа ова големо скршнување на Хрватска кон национализмот, кон усташтвото, ако може така да се каже. Особено внимание предизвика одлуката на една комисија, на чело со претседателот на академијата, дека во одредени случаи може да се употребува усташкиот поздрав „За дом спремни“.
-Тоа беше некое решение за да не дојде до револуција во ХДЗ. Да е Пленковиќ посилен, таква работа не можеше да се случи. Поранешниот претседател Фрањо Туѓман во февруари 1992 година им даде ултиматум на припадниците на ХОС (Хрватски оружени сили) да ги симнат ознаките и да влезат во хрватска војска. Кој нема да послуша, оди во затвор, а нивните водачи во Херцеговина ги ликвидираа хрватските служби. Туѓман го расчисти тоа радикално, но тоа беше одамна.

Како беше можно на комеморацијата на генералот Слободан Праљак, по неговото самоубиство во Хаг, еден воен злосторник да се слави како најголем херој на Хрватска?
– Таму сите беа Херцеговци. Праљак беше заповедно одговорен за злосторствата. Тој лично не направи ниедно злосторство. Тој не се поистоветуваше со некакво усташтво. Го познавам лично уште пред војната, од Загреб. Кога Тито се враќаше од Кореја, тој го режираше дочекот. Тој никогаш не беше националист. Неговиот татко беше член на УДБА. Сите оние што се собраа на неговата комеморација беа негови политички непријатели. Кога дојде во Херцеговина, тој таму издржа три дена и веднаш го избркаа, затоа што не беше дел од нивната екипа. Тие таму беа само за да крадат и пљачкаат, уценуваат, да извршуваат воени злосторства. Тој е расчинет, воопшто не беше во војската. Пораката од комеморацијата му беше наменета на премиерот Пленковиќ – што мислиш, дека ти можеш да владееш без нас? Со таа комеморација тие се најавија, а со Истанбулската конвенција беше кулминација. Тоа е бомба внатре во ХДЗ.

Малку луѓе знаат дека инфилтрацијата на рускиот капитал во Хрватска влезе на голема врата. Еден од главните промотори е претседателката на државата Колинда Грабар-Китаровиќ. Сите во регионот мислат дека Србија е главната порта за рускиот бизнис.
– Не. Јас мислим дека Александар Вучиќ е голема пречка за ширењето. Не им го продаде НИС на Русите за багателна цена. Откако дојде Вучиќ, рускиот бизнис не се шири во Србија. Русија во Србија не дејствува економски, туку политички и преку медиумите. Таа потплатува луѓе, а најевтино се потплатуваат министрите. Со мали пари играте со локалните актери, а Европска Унија ја плаќа цела Србија веќе 20 години. Ако не беше Европа и сета нејзина помош, па аранжманите со ММФ, каде би била Србија? Не би ја имало на географските карти. Ако сега Вучиќ отиде кај Русите и им рече – колку пари давате Србија целосно да стане ваша сателитска држава, мислам дека ќе понудат милијарда долари. Во Хрватска се влезени во енергијата. Погрешно е да се мисли дека тие имаат некаков план за политичка доминација, а притоа ја користат економијата како оружје. Со продажбата на енергијата тие сакаат да заработат пари, а политиката е само средство во тоа. Целта на нивната политика, на нивната стратегија, е да склучат монополски договори. Така со еден дистрибутер направија договор за испорака на гас за 10 години.

Кој им го овозможува тоа во Хрватска?
– Прво тоа им го овозможуваше владата на Милановиќ, а потоа истите тие луѓе преминаа во владата на Пленковиќ, а ним им се приклучија и некои од оние што сакаат да го урнат премиерот. Сите се собраа на тој проект.
А каква е улогата на претседателската Колинда Грабар-Китаровиќ?
– Таа им е на сите шеф. Во смисла дека на крајот сите се потпираат на неа затоа што мораат да имаат некаква видлива политичка поддршка. Таа активно ги промовира руските интереси. Таа беше кај Владимир Путин, го викаше во посета. Колинда теженее кон некоја моќ. Таа сака да го истисне Пленковиќ од ХДЗ, затоа што смета исто како десничарите дека тој не е вистинскиот ХДЗ, што е будалаштина. Се виде тоа во Саборот, кога се преброија околу гласањето за Истанбулската конвенција – 110 беа „за“, а 30 „против“.

Како можеа хрватските гласачи да ѝ ги простат на ХДЗ сите корупциски афери, сите грабежи на Иво Санадер и онаа групација околу него и по еден мандат на СДП да ги вратат повторно на власт?
– Избирачкото тело е многу реално. Тоа знае дека корупцијата е дел од политиката. Никој не верува дека постои политика која не е корумпирана. Порано постоеше мислење дека СДП е неспособна, а дека ХДЗ е корумпирана. Но после мандатот на Милановиќ се покажа дека СДП е и тоа како отворена за корупција, само што се помалку вешти и помалку безобразни во тоа. Значи, никој не заклучи дека СДП се состои од чесни луѓе, туку дека тоа е една клиентелистичка партија која се интересира како јавните фондови да ги подели на разни начини. Како да се вмрежат тие пари. Гласачите видоа дека лидерот е длабоко корумпиран. И тоа не за големи суми. Потоа видоа дека нема способност за водење на државата во никаква насока, затоа што Хрватска беше целосно изолирана во ЕУ. Таа, всушност, влезе во самоизолација. Потоа, Милановиќ влезе во војна со сите соседи. Имаше една запалива реторика, говореше сешто против Босанците и Србите. Тој мислеше дека ќе може да ги мобилизира десничарските гласови на своја страна. И тогаш целото десно ориентираното гласачко тело го избра, се разбира, ХДЗ. Потоа дојде Пленковиќ, кој имаше позитивен имиџ на млад бирократ, кој е чист и нема ништо спорно во биографијата, кој не кажал ништо лошо, кој не кажал ништо повеќе, иако кажал три реченици помалку. И луѓето му поверуваа. Да имаше некоја способна и чесна партија, сите би гласале за неа. Но, ти избираш меѓу она што е понудено.

Дали верувате во хрватската демократија?
– Апсолутно. Таа издржа неверојатни тестови. Во Хрватска се менуваат партиите, се поминува низ сите процедурални форми, се оди „според книга“. Паѓаа и се менуваа влади, но се оди според процедура, без узурпација. Не велам дека нашиот модел на демократија е успешен, но ние го имаме. Проблемот е што тој демократски модел не дава нужни решенија. Консензусот во Хрватска меѓу партиите е дека не треба да се прави транзиција, дека не треба да се приватизира економијата, дека не треба да се намали државниот апарат, дека не треба да се отпуштаат работници. Сите се согласуваат околу тоа – и левицата и десницата. Но кога ќе го апстрахираш тоа и ќе видиш како функционира политичкиот систем, тоа е демократски натпревар во секој град, во секој регион, во целата држава. Животот не е задоволувачки, но демократијата е задоволувачка.

Љупчо Поповски