Демонтажа на институциите наследени од „режимот“


Се води хајка против мене, не знам од кои причини, беше реакцијата на претседателот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјов, по јавните притисоци да си поднесе оставка. Советот на обвинители е една од двете институции, покрај Антикорупциската комисија, околу кои се развиваат скандали во последните денови. И додека во Антикорупциската комисија почнаа да се нижат оставки, по сличен принцип како и во Државната изборна комисија кон крајот на минатата година, претседателот на Советот на обвинители не размислува засега на таков потег.
Во изјава за „Независен весник“, Штерјов посочува дека има работен стаж од близу три децении во обвинителската струка и дека добро знае што е постапување во согласност со закон и што е судир на интереси. Од тој аспект, вели дека постапил законски и во случајот со именувањето на неговата внука Марија Ѓоргова за обвинителка за организиран криминал. Ѓоргова, претходно доби отказ – без посебно образложение од СЈО, а во случајот со нејзиното ново именување беше спорно тоа што Штерјов помогнал да се овозможи кворум, иако гласал „воздржано“. Законски, за блиска роднинска врска од прв или втор степен, објаснува Штерјов, се смета кога станува збор за родители на сопругата и за браќа и сестри. Во овој случај, вели, нема таква роднинска врска.

Штерјов, по принципот на ротација меѓу членовите, беше избран летоска за претседател на Советот на обвинители, каде што, пак, стана член пред една и пол година, по избор на обвинителите од земјава, а како претставник на влашката етничка заедница.
„Мандатот на членовите на Советот е четири години со право на реизбор. Очекувањата се сега дека нема да го завршам мандатот. Но јас лично не сум размислувал досега на таа тема“, вели Штерјов.

Во последните години имаше повеќе потреси околу Советот на обвинители, особено во периодот кога ова тело ја опструираше работата на СЈО, пред смената на власта на „Илинденска“. Во последниот период околу Советот се развива и случајот со дисквалификувањето на искусната обвинителка Лидија Раичевиќ од „организиран криминал“, за на нејзино место да биде именувана обвинителка од скопското обвинителство со далеку покус стаж во струката.

Претседателот на Антикорупциската комисија Игор Тантуровски, пак, до пред некој ден тврдеше дека нема намера да поднесе оставка за скандалот со патните трошоци, затоа што станувало збор за заговор против Комисијата. За ревизорскиот извештај на УЈП, во кој е забележано дека некои од антикорупционерите пријавувале по три патни налози во еден ден, рече дека се наводи извадени од контекст и дека Комисијата работи регуларно. Тантуровски вчера, сепак, се премисли и ја депонираше својата оставка во парламентот – ден откако истото го направи и претходниот претседател на Антикорупциска, Горан Миленков. Се очекуваше примерот со оставките да го следат уште најмалку тројца од вкупно седум члена на Комисијата, кои беа избрани во април 2015 година во парламентот со мандат од четири години, а во отсуство на тогаш опозицискиот СДСМ. Некои од нив се жалат на притисоци за да се повлечат од функцијата откако Јавното обвинителство отвори предмет за случајот со патните трошоци, а парламентарното мнозинство најави постапка за разрешување, иако таква можност, всушност, не предвидува Законот за спречување корупција.

Во изминатите три години овој состав на Комисијата остана главно анонимен и затворен за јавноста, со исклучок на одредени случаи кога требаше да се одбранат функционери на претходната власт или да се поведат постапки за функционери на поранешната опозиција. Еден од највпечатливите настани од функционирањето на овој состав на Комисијата е тој со прикривањето на анкетниот лист на Никола Груевски за неговата имотна состојба по повлекувањето од премиерската функција. Тогашниот претседател на Комисијата, Миленков, бараше од новинарите да го затворат тоа прашање „еднаш засекогаш“, посочувајќи дека не му е јасно зошто се интересираат за имотната состојба на Груевски кога тој не е веќе на чело на Владата.
Антикорупциската комисија се етаблираше како институција во 2002 година, со таа разлика што меѓу членовите што беа избрани тогаш имаше познати имиња од областа на правосудството, адвокатурата, НВО-секторот (Драган Малиновски, Слаѓана Тасева, Вања Михалјовска, Михајло Маневски…), кои не беа професионално ангажирани, а отворија многу случаи на корупција и судир на интереси во тогашната власт.

Професионализацијата на Комисијата се случи во периодот 2006-2007 година, по што секој нејзин следен состав беше сѐ послаб и понетренспарентен од претходниот.
Принципот на поднесување оставки еден по еден, всушност, започна со ДИК, каде што сѐ уште не е избран нов состав по повлекувањето на осум од вкупно девет члена на Комисијата, поради скандалот со високите надоместоци за изборите. Три месеци по повлекувањето на членовите на ДИК, лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Зоран Заев и Христијан Мицкоски, најавија враќање на стариот концепт на ДИК, со опозицијата на нејзино чело и без експерти, но како преодно решение. Во меѓувреме е најавен договор за друг модел на ДИК, кој би функционирала како административно тело, кое ќе се состанува шест месеци пред изборен циклус.

Адвокатот Драган Малиновски, кој беше член на првиот состав на Антикорупциска, вели дека се зрели условите за воведување друг концепт на функционирање и на ова тело и дека за тоа се воделе повеќе дебати во изминатиот период. Изборот на новите членови на Комисијата за спречување корупција, по повлекувањето на досегашните, според него треба да биде времено решение – за да се доврши мандатот од четири години и евентуално да се подготви новиот концепт.
„Пред сѐ, во иднина, треба да се води сметка за персоналниот состав на Комисијата, така што ќе се изберат независни членови, со интегритет и со професионална заднина во оваа проблематика. И за владејачката гарнитура е подобро да има таков состав на Антикорупциска, кој ќе ја контролира и нема да ѝ дозволува да забега“, вели Малиновски.

Тој посочува на компаративните искуства кои преферираат модел на антикорупциски комисии со директор и совет. Во советот би влегле јавни личности со познавања и искуство од областа на борбата против корупцијата, кои не би биле професионално ангажирани, ама би дејствувале како совест на власта.
Александра М. Митевска