Дваесетина јасени ќе растат покрај Камени мост и Музејот на ВМРО


 

Екипи на Градот Скопје денеска засадија нови дрвја на три локации, и тоа кај Камениот мост, во Ѓорче Петров и во паркот во Чаир. Засадени се над 50 висококвалитетни повеќегодишни садници кои ќе го разубават просторот и ќе придонесат за почиста и поздрава животна средина. На денешната акција присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, градоначалниците на општините Ѓорче Петров и на Чаир, Александар Наумоски и Висар Ганиу, како и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Адриан Муча.

„Продолжуваме со пролетната акција за зазеленување на градот, овој пат на три локации. На овој потег, меѓу Камениот мост и Музејот на македонската борба, засадуваме дваесетина висококвалитетни повеќегодишни садници од видот јасен. Дрворедот кој постоеше на оваа зелена површина пред реализацијата на проектот ‘Скопје 2014‘ беше уништен и заменет со прескапи палми чија судбина е добро позната во јавноста. Ние земавме обврска пред граѓаните да го вратиме загубеното зеленило кое претходната власт го уништуваше каде што ќе стигнеше, додека ние се бориме за секој сантиметар слободен простор за ново зеленило“, рече Шилегов на денешната акција.

Денеска зазелени и просторот по должината на улицата „Македонска војска“, во општина Ѓорче Петров. Засаден е нов дрворед од 10 повеќегодишни садници од видот јасен, за кои се очекува за кратко време да развијат широка крошна.

Третата локација – паркот во Чаир, зад стадионот, е збогатена со нов дрворед од 15 листопадни, декоративни садници од видот јапонска цреша и нови 5 садници од видот јасен. Како дел од оваа акција екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ ги отстрануваа старите стебла кои биле пресечени пред повеќе години и на нивното место засадуваа нови листопадни садници.

По завршувањето на пролетната акција за садење нови 2.000 дрвја, Градот Скопје со активностите за засадување садници ќе продолжи наесен, кога ќе бидат засадени нови 8.000 дрвја. Со тоа, Скопје оваа година ќе добие повеќе од 10.000 нови висококвалитетни садници.

 

 

 

Со почит,

Град Скопје