Дани Димитровска, поп-ѕвезда: Го сакам Кили поради искреноста


Поп-ѕвездата Дани Димитровска по подолга музичка пауза во Скопје го промовираше својот најнов албум, насловен „Град за љубов“, на кој работеше две и пол години со проверениот тим, на чело со Весна Малинова. На албумот се најдоа осум композиции, од кои веќе неколку ѝ се познати на публиката, и неколку нови.

Кариерата ја започна на поп-фестивалот „Макфест“. „Најдобра до сега“, „Не живеам за другите“, „Црно на бело“, „Слободна песна“ се дел од песните кои ја раскажуваат нејзината бунтовност од една страна и емотивната природа од друга. Мајка е на 17-годишниот Лазар и е среќно вљубена. Плени со својот стил на облекување и како заштитно лице на кампањата за борба против сидата.

За албумот „Град на љубов“ доби награда на „Златна бубамара на популарноста“. Како гледаш на наградите, со оглед на оскудната понуда на домашната музичка сцена?

– Сцената се помрдна од место, колку-толку, барем во поглед на квантитетот, ако зборуваме за оскудноста на истата, за која се говори. Наградите се признание за сработеното во поглед на квалитетот и влијаат мотивирачки. Така гледам на тоа и време е наместо да се оцрнува и отепува отепаната сцена, како што е навика последниве години (од сите страни), да ѝ се даде поддршка, бидејќи за отепаноста не постои само една одговорна страна… Инаку, на сцената нема само поп-музика, туку таму се и многубројни алтернативни бендови кои растураат по светот.

 

Беше меѓу најубаво облечените дами, би рекла и најсмелите на „Златна бубамара“. Твој е стајлингот? Беше во црно зашто им се приклучуваш на актерките во кампањата против сексуалното вознемирување во Холивуд или едноставно црната е најелегантна боја?

– Црната е моја боја не поради следење на класиката или тоа што го спомна, едноставно со години наназад спонтано одбирам црни парчиња, веројатно во таа боја најчесто се чувствувам удобно, иако плакарот ми е прошаран и со бели и црвени тонови. За другарките мојот плакар е монотон, за мој вкус е едноставен. Фустанот за „Бубамара“ го имам во плакар веќе некое време, изработен е од Алшар по мој вкус.

Зошто секогаш си во комбинација со Кили?

– Кили е ретко искрен и прекрасен човек, кој нема влакна на јазикот и секогаш ја говори вистината, му се допаѓало тоа некому или не. Пријател ми е со години и секогаш, ама секогаш, при секоја средба, ми ја подига самодовербата одржувајќи ми прекрасни говори за моето постоење во овој облик. Тој е спонтан и на секоја „Бубамара“ не изостанува потребата од неговата експресија. Го сакам поради природноста, отвореноста и искреноста, што го прави голем човек.

Дали во „Град на љубов“ пееш за Скопје?

– „Град за љубов“ е концептуален албум, поттикнат од гадостите што нѐ опкружуваат, занемарувајќи го фактот дека секое плукање е плукање кон себе. Пеам за луѓето во мојот град, за заборавените вредности, за сѐ она што мојот град го прави убав.

Кој дел од Скопје го сакаш, а кој сакаш да го избришеш?

– Не постои бришење, постои само прифаќање, созревање и менување. Моето маало Пролеќе секогаш ми е во срцето.

Имаш прекрасни песни во твојата кариера. Дали и песните од новиот албум се во твој, препознатлив манир?

– „Град за Љубов“ има приемчив мек ритмичен звук, не би го карактеризирала, не сакам рамки, би било контрадикторно бидејќи пеам за слобода. За слушање е…

На времето беше вртена на Ем-ти-ви, беше специјална гостинка на престижните Европски музички награди, прва поп-пејачка од Македонија која позираше на црвениот килим како Бијонсе, беше највртен наш изведувач на „Ем-ти-ви Адриа“. Како е сега ситуацијата?

– Да, бев. Во тоа време кога и „Ем-ти-ви Адриа“ беше тоа што беше. Сега е сега, и работиме во сега. Како ние артистите, така би требало и медиумите… заеднички. Џабе едната страна работи и гледа напред ако другата страна кочи и влече назад.

Беше заштитно лице на кампањата за борба против сидата. Дали и понатаму си ангажирана на ова поле?

– Да.

Синот Лазар е тинејџер. Каква мајка си сега?

– Онаква каква што е потребно, во согласност со неговите потреби. Тој беше мој горд придружник на годинашната „Златна бубамара“.

Дали си среќна на приватен план?

– Да, насмеана и благодарна за сите убавини во животот.

 

Лејла Сабит    Фото: Б. Грданоски