Грчко МНР: Нова демократија да покаже елементарна сериозност за националните прашања


Како политички несоодветна постапка, кругови од грчкото МНР го карактеризираат ставот на грчката опозициска партија Нова демократија, „да ги стават на сметка на Министерството за надворешни работи и министерот Никос Коѕијас, ставовите на министерот за надворешни работи на ПЈРМ Никола Димитров“, објави грчката државна новинска агенција АНА-МПА.

Неофицијалната реакција од Министерството за надворешни работи на Грција се однесува на изјавата на одговорниот за надворешна политика Јоргос Кумуцакос, кој упати критики до грчката влада дека „се чини дека прифаќа дека Грција, наводно има иредентистички аспирации кон соседот“ идека „логиката на идентификација на Грција и Скопје во прашањето со иредентизмот е неприфатлива“.

Истите кругови (од грчкото МНР) потенцираат дека веќе е време Нова демократија да покаже елементарна сериозност во нашите национални прашања, коментирале кругови од грчкото МНР за АНА-МПА и додале дека „опозициската партија нема право да ги става на сметка на владата ставовите на трети земји“.

Како што јави МИА од Атина, истите извори од Министерството за надворешни работи на Грција, потсетиле дека шефот на грчката дипломатија уште од 7 март 2015 јасно ги поставил прашањата со иредентизмот и дека без ефикасно справување со нив, не може да има решение. А во тие рамки се и преименувањата на аеродромот и автопатот.