Грција се договорила со кредиторите за пакет реформи


Европската комисија соопшти дека Грција постигнала договор со своите меѓународни кредитори за пакет реформи.

Комисијата соопшти дека Грција ќе ги претстави реформите на состанокот на министрите за финансии од еврозоната – Еврогрупата, на 24 мај и ќе ги спроведе реформите пред другата средба на 21 јуни. Не се соопштени повеќе детали.

Грција е на пат да излезе од должничка криза, која ја турна земјата во најголемата финансиска криза досега. Атина од 2010 година доби рекордни 260 милијарди евра.

Грчкиот министер за финансии Еуклидис Цакалотос соопшти дека Грција и претставниците на нејзините кредитори постигнале прелиминарен договор за напредокот на земјата по пат на реформи, за време на последниот преглед на договорот за спас.

– Договорот на ниво експерти е завршен. Имаме согласност за сите прашања, изјави Цакалотос додавајќи дека договорот ќе биде одобрен на претстојната средба на Еврогрупата.