Груевски не сака да се брани за „мерцедесот“
Поранешниот премиер Никола Груевски одби да даде одбрана за случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство. Екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека е очигледно оти нема негова вина со набавката на блиндираниот „мерцедес“, односно по изведувањето на доказите на Обвинителството и на одбраната, произлегува дека не го сторил делото за кое што е обвинет.
„Согласно поуката што ја дадовте на почетокот на процесот, не сум должен да ја изнесувам мојата одбрана“, рече Груевски пред судот.
Тој имаше можност да одговара на прашањата на неговите адвокати, како и на обвинителите, но се откажа. Истото го стори и другиот обвинет Ѓоко Поповски. Веднаш потоа, се изведоа дополнителните докази прибрани во текот на постапката.
Претходно, траеше надмудрувањето на одбраната и на обвинителите околу тоа дали и кој треба да одлучува за изземањето на специјалните обвинители Стевчо Донев и Ленче Ристовска како што побара Груевски. Донев рече дека барањето на адвокатите за изземање на обвинителите е со цел да се одложува јавната расправа и предложи судењето да продолжи бидејќи не постојат никакви пречки за тоа. Судијката Добрила Кацарска повторно даде пауза за да може одбраната да ги разгледа поднесоците од СЈО.
По одморот, Донев достави известување од специјалната обвинителка Катица Јанева дека нема законска основа за барањето на одбраната за изземање.
На денешното рочиште присуствуваа обвинетите Никола Груевски и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски. Во „Тенк“ е обвинета и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, но постапката за неа е издвоена поради „ризична бременост“.
На наредното рочиште закажано за 14 мај, адвокатите ќе се произнесат за дополнителните докази, а за рочиштето по тоа, Кацарска им рече да ги спремаат завршните зборови. Откако ќе бидат дадени завршните зборови, ќе остане само судот да ја донесе пресудата.