Греми 2018: Кедрик Ламар со осум номинации
САД- Раперот Кедрик Ламар има најмногу, осум номинации за претстојните Греми награди кои ќе се одржат во Лос Анџелес на 10 февруари. Најмногу номинации добија претставниците на хип-хоп музиката, од каде доаѓаат пет од шесте најмногу номинирани артисти.
Ламар е очекувано номиниран зашто беше активен на неколку полиња, соработуваше со артисти од неколку жанрови и беше задолжен за музиката на филмот „Black Panther“.
Песната „All of the Stars“ е номинирана за Песна на годината и Снимка на годината. Разликата помеѓу двете категории е во тоа што во првата категорија се наградува авторот на песната, додека во втората се наградува изведувачот. Во конкуренција за двете награди се уште и „The Middle“ на Зед и Марен Морис, „Shallow“ на Лејди Гага и Бредли Купер, „God’s Plan“ на Дрејк и „The Joke“ на Карлајл.
Дрејк е номиниран и за Албум на годината за неговиот „Scorpion“, а помеѓу номинираните се и „H.E.R“ на Х.Е.Р., „Beerbongs and Bentley“ на Пост Малоун, „Dirty Computer“ на Жанел Моне, „Golden Hour“ на Кејси Масгрејвс, како и саундтракот на „Black Panther“.
Неколку нови лица се појавија на музичката сцена годинава, а жирито на Греми наградите не заборави на нив. Помеѓу номинираните за Најдобар нов изведувач се најдоа Дуа Липа, Џорџа Смит, Грета Ван Флит, Бебе Реџа, Марго Прајс, Х.Е.Р., Лук Комбс и сестрите Клои и Хејл.