Гласачките правила на „ремонт“. Ќе стане ли Македонија една изборна единица?


Моделот за избор на пратеници, според партиски извори, е една од темите што треба да се отворат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во една од работните групи што ги формираа двете партии, меѓу другото, и за нови измени во изборната регулатива и за двотретинските закони од реформскиот пакет.
Почетната позиција од која тргнува владејачкиот СДСМ, според информациите, е пропорционален модел со државата како една изборна единица, наспроти пропорционалниот систем според кој се спроведуваат парламентарни избори уште од 2002 година, но така што Македонија е поделена во шест изборни региони. Социјалдемократите се залагаа за една изборна единица и пред последните парламентарни избори во 2016 година, односно додека се водеа преговорите во Пржино за надминување на политичката криза. Едно од прашањата на кои се потроши најмногу енергија во текот на тие преговори меѓу партиите беа крупните измени во изборната регулатива кои, сепак, не навлегоа во моделот на гласање.
Сега СДСМ ја актуализира повторно идејата за една изборна единица, за што очекува поддршка и од партиите од албанскиот блок и од помалите партии на политичката сцена, на кои повеќе им одговара овој модел за да не се растураат гласовите на што ќе ги добијат.
Соговорници од СДСМ сметаат дека со една изборна единица може да се реши и прашањето за гласањето на дијаспората, чии гласови би се слеале на кандидатските листи на партиите заедно со гласовите на избирачите во државата и секој глас би имал еднаква вредност. Наспроти тоа, за време на пржинските преговори беше воспоставен пропорционален систем и праг на излезеност во дијаспората, така што оттаму во 2016 година не беше избран ниту еден пратеник – од можни тројца. Од СДСМ велат дека се свесни дека на овој начин големите партии ќе изгубат неколку пратеници, ама дека тоа е во интерес на демократијата и плурализмот во парламентот. Така ќе има повеќе парламентарни партии, додека актуелниот модел ги фаворизира големите политички субјекти.
Од друга страна, според информациите, кај СДСМ, но и кај другите поголеми партии нема расположение за воведување т.н. отворени листи, на кои гласачите, покрај партија би гласале и за еден од понудените кандидати на таа листа. Иако ваков пропорционален модел функционира во многу земји со поголема демократска традиција, објаснувањето за тоа зошто не се воведува кај нас е дека на таков начин би биле, наводно, загрозени помалите партии за сметка на големите.
Нема информации засега дали за новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ би било прифатливо пропорционалниот модел да се трансформира во една изборна единица. Од опозициската партија неофицијално велат дека немаат поголеми забелешки за досегашниот систем на гласање, освен за високиот праг кој, според нив, е поставен во 2016 година за иселениците на кои, пак, премиерно им беше овозможено да гласаат надвор од Македонија по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт. Но на гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва се појавуваа симболичен број иселеници кои избира по еден пратеник во три изборни единици. Сепак, од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат на старата партиска заложба за враќање на класичниот мнозинскиот модел, со објаснување дека така доаѓа до израз и личноста на кандидатите и нивниот рејтинг во базата. Сепак, компаративните примери говорат дека овој модел сѐ поретко е во примена во европските земји, наспроти пропорционалниот, така што како негова „замена“ сѐ почесто се оди на воведување отворени листи.
Од друга страна, има информации дека се разговара и за евентуален нов концепт на Државната изборна комисија, по најновите промени што беа направени пред изборите во 2016 година, кога првпат во Комисијата влегоа тројца експерти. Ова прашање, наводно, го отворила ВМРО-ДПМНЕ, која, како што неофицијално се наведува, се залага за враќање на претходниот модел, кога сите девет члена на ДИК беа партиски претставници, во последниот случај на четирите најголем партии.
На маса во разговорите меѓу партиите, според информациите, е и финансирањето на политичките субјекти, во насока на поголем интервенционизам и субвенционирање од страна на државата, за да се избегнат злоупотреби. Се очекува да се отвори и прашањето за тоа кој ќе ги спроведува парламентарните избори, со оглед на временото решение што беше усвоено за гласањето во 2016 година, кога предизборно се формираше преодна техничка влада, со учество на тогашната опозиција, со министри и дополнителни заменик-министри, во неколку ресори од важност за изборниот процес (МВР, финансии, земјоделство и труд и социјална политика).
Следните парламентарни избори, доколку бидат во редовен термин, би се одржале во втората половина на 2020 година.

Александра М. Митевска