Глас
ЛЕЈЛА САБИТ
Добриот глас далеку се слуша.
Лошиот-уште подалеку.
И на сцена и во животот.
Пеете соло или во хор.
И на сцена и во животот.
Можете да имате глас, а може и да го изгубите.
И на сцена и на избори.
За успех ви се потребни и глас и стас.
И на сцена и во животот.
Може да ве прати добар или лош глас.
И во работата и во животот.
Денот не се препознава по утрото ниту човекот по гласот.
По дождот доаѓа сонце, а длабокиот глас може да е жена.
Секој глас е важен.
И на поединецот и на народот.
Треба внимателно да ги слушате и да ги уважувате.
И на сцена, и на избори и во животот.
Слушателите ќе одлучат дали ќе им аплаудираат, исвиркуваат или ќе ги вратат на бис.
Ќе ги наградат или ќе ги казнат.
Тие пак ќе одлучат дали ќе се повлечат, ќе продолжат со кариерата или ќе живеат на стара слава.
Уште едно дежа ву ни се случува во Македонија.
Дека животот и Евросонг се најмалку музика, а најмногу политика.
Не ни е битно учеството или победата, туку сеирот.
Гарванлиев се брани, МРТ молчи, а јавноста обвинува.
Што ќе надвладее, разумот или страстите?
Македонија е на потег!