Гајле


ЛЕЈЛА САБИТ

Некој заспива со гaјле, некој се буди со гајле, некој не бере гајле, некој има мало, а некој големо гајле.

Нема човек или држава без гајле. И на Запад и на Исток. Гајле си имаат и богатите и сиромашните, секој си го гледа своето гајле, баш ми е гајле за твоето гајле.

Кога имаш илјада гајлиња како да немаш ниту едно. Кога имаш само едно гајле, како да имаш ептен гајле.

Некогаш гајлето ви тежи како товар цел живот, а некогаш одмавнувате со рака, демек гајлето ќе го решите за миг.

Некој молчи за гајлето, некој го споделува, некој дозволува гајлето да го јаде, а некој си наоѓа издувен вентил да се справи со гајлето.

Лето или зима, гајлето не избира сезона. Некогаш ќе ви тропне на врата како неканет гостин, а некогаш го очекувате како многу важен гостин.

Некогаш доаѓа сам, некогаш во двојка, во друштво или со деца. Со подарок или без подарок.

Некогаш како кираџија, на определено време, а некогаш неjќе да си замине, со неплатени сметки, па мора да викате полиција.

Тенка е линијата меѓу среќата и гајлето, како сонцето и дождот. Знаат да се измешаат

па на небото да се појави виножито.

Зависи со какви очи гледате, што е за вас среќа, а што гајле, што е добро, а што лошо, што е убаво а што грдо, што е успех, а што неуспех.

Во лето за некого градот, езерото и планината се море, градските плажи се песочни плажи, Охрид  е Капри, Маврово е Сен Мориц…

Сите сакаат да се пржат, никој не влегува во вода, сите сакаат да ловат, а не да вдишуваат чист воздух.

Секој со своето гајле, нели?