Гасоводот низ Водно за експертите на вистинско место, за граѓаните одземање на белите дробови на Скопје
Изградбата на магистралниот гасовод од Скопје кон Гостивар со крак кон Тетово низ Водно предизвика широки полемики во јавноста. Експертите и Владата сметаат дека се гради токму таму каде што треба, а невладините организации, пак, порачуваат дека со изградбата на гасоводот низ Парк шумата Водно се одземаат белите дробови на градот.
По сугестиите на невладините организации Владата и Македонски енергетски ресурси (МЕР) делумно ја изменија трасата на магистралниот гасовод и од 25 на 10 метри ширина го намалија појасот каде ќе поминува со што значително се намали бројот на дрвја што треба да се исечат на трасата на гасоводот. Сепак, невладините организации не се согласуваат со измените и сметаат дека гасоводот треба да оди по северната страна на Скопје, односно по Скопска Црна Гора, а не по Водно. Тие со жив штит го попречија продолжувањето на изградбата на гасоводот.Со цел да се надмине состојбата и за решавање на недоразбирањата во Град Скопје се одржа јавна дебата на која своите ставови ги изнесоа сите заинтересирани за изградбата на гасоводот на Водно, односно Владата, МЕР и експертската јавност од една страна и невладините организации предовдени од активисти од иницијативата „Го сакам Водно“ од друга страна. Дебатата не даде конкретни резултати поради што е закажана нова што треба да се одржи во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Гасоводот се реализира на вистинското место
Гоце Бурзевски, поранешен раководител во ГАМА задолжен за имотно правни односи и експропријации при изградбата на магистралниот гасовод од Крива Паланка до Скопје вели дека гасовод по правило се гради вон населени места при што се води сметка колку што е можно да се избегнуваат ниви и поседи.
– Коридорот преку Водно е најпогоден, бидејки нема приватни поседи ниту населби, значи изградбата може да оди непречено со однапред одредена динамика. Се гради по срт, што е идеално, бидејки нема свлечиште, ниту тлото е подлежно на ерозија. Трасата во најголем дел оди низ жбунести самоникнати растенија, вели Бурзевски.
Гасоводот, додава, е дел од стратегискиот развој на државата и се реализира по точно одередени коридори, координирани со меѓународни институции и комисии како и со добавувачите на гас во случајот со Водно тоа е Коридор 8.
– За делот од гасоводот на Водно што треба да поминува низ шумата треба да се исечат само 1,7 хектари дрвја. Тоа е површина од околу 3,5 фудбалски игралишта. Ако се има предвид дека вкупната пошумена површина на Водно е околу 4.500 хектари излегува дека треба да се исечат само 0,07 отсто, односно седум на 10.000 или поточно на секои 10.000 дрвја ќе се исечат само седум, потенцира Бурзевски.
Според него, разликата во исплатата која би се јавила доколку се оди по друга траса каде ќе има експропријација може да се искористи за садење на нови дрва и сепак да биде неколку пати поевтино.
Не се возможни радикални измени на трасата
Бурзевски смета дека не се возможни радикални измени на трасата и оти може да се прават само локални измени за да се избегнат одредени делови, но мора да се води сметка за радиусот на кривината на цевката заради пуштање сонда низ цевките – интелигентен пиг или торпедо.
– За да се почне измена на трасата мора да се почне со зкривување на цевката најмалку километар пред месото што се сака да се забиколи. Тоа е така зошто од време на време низ цевката се пушта интелеџент пиг, а тоа е еден вид на торпедо полно со електроника кое оди низ цевката и од внатре ја испитува трасата дали има некакви аномалии. Во првата фаза кога се пушта гасоводот се случува да пронајде и некое животинче кое влегло за време на заварувањето на цевката. Затоа е неопходно да има одреден радиус на кривина на трасата и тој е условен од торпедото за да може непречено да се движи, појаснува Бурзевски.
За да се исполни барањето на невладините организации, односно за да се заобиколи Парк шумата Водно, потенцира, неопходно е да се вратат изведувачите за километар или два наназад за да почнат со кривината.
– Во градските мрежи има помал притисок на гасот и таму можат да се прават кривини на гасоводот. Кај магистралниот гасовод има притисок од 58 бари или 58 тона на сантиметар квадратен. Постои опасност од експлозија и затоа треба да биде надвор од населени места. Во текот на експлоатацијата може да се појави коризија или мало дупче кое може да предизвика експлозија доколку до него допре искра. Затоа се гледа да не биде во населено место, вели Бурзевски.
Промената на трасата, потенцира, ќе значи одлагање од најмалку пет години на реализацијата на проектот и плаќање на значителни суми на пенали на банките од кои е земен кредитот за реализација на гасоводот, како и исплата на изведувачите за досега изведените работи и пенали заради неможноста да продолжат со работата.
– Проектот е направен согласно законски прописи и критериуми и добиени се дозволи од околу 20 институции. Започната е реализација, пројден е Вардар, исплатени се средства за експропријација. Ако се прекине ќе има загуба поголем од 10 милиони евра, а и банките нема да дозволат, ќе има наплата на камати и загуби на изведувачите, вели Бурзевски.
Компарацијата со Партизанска нема врска со реалноста
Компарацијата од „Го сакам Водно“ со Партизанска со делот каде што треба да сесече шумата е направена единствено да остави погрешен визуелен впечаток и нема врска со реалноста. Широчината на трасата е намалена од 25 на 10 метри, а и голем дел од трасата оди по постоечки пат кој веќе е широк 3-4 метри. Со еден збор делницата повеќе ќе личи како патот кон Водно отколку на Партизанска, појаснува Бурзевски.
Според него, цевката за гасоводот се поставува на длабочина од 1,6 метри што значи дека слободно може да се засадат грмушки и плиткокоренести растенија, а покрај тоа трасата може да се користи како патека за планинарење и за велосипедизам.
– Јас не бирам страна и говорам како човек со искуство од изградбата на првиот гасовод во Македонија. Таму каде што е изграден сега воопшто не можете да забележите дека некогаш се градел и ќе го препознаете само по едно столбче офарбано во жолто на секој километар кое е за катодна заштита. Поставено е под низок напон и се користи за антикорозивна заштита. Другото е ниви и се посеано и обработено, бидејќи цевката се поставува на длабочина од 1,6 метри и слободно може да се обработува дури и со длабоко орање, појаснува Бурзевски.
При алтернативна траса скоро по правило се сече истата количина на шума
Доколку се избере алтернативна траса за гасоводот од Скопје кон Гостивар со крак кон Тетово, посочува Бузревски, скоро по правило ќе се сече иста количина на шума.
– Покрај тоа ќе се оди низ населени места, што значи дека исплатата за експропријација ќе биде драстично поголема поради што динамиката нема да може да се следи според зададените рокови. Воедно ќе треба да се вкрсти со водоводот од Рашче и со обиколницата околу Скопје, а и повторно ќе треба да се преминува Вардар. Ќе треба да се направат нови геолошки истражувања зошто почвата може да биде ерозивна и нема да може да се оди по срт, бидејки трасата ќе биде многу подолга и тогаш ќе се сечат драстично поголеми површини на шума. Доколку се повторат врнежите од пред две години кои предизвикаа поплава во Стајковци и околината ќе се уништи и гасоводот. Доколку, пак, оди по сртот на Скопска Црна Гора ќе биде многу подолг гасоводот и сигурно ќе се исече многукратно повеќе шума, вели Бурзевски.
Сето тоа, според него, ќе предизвика доцнење на проектот од најмалку пет години, раскинување на договори со банките со многу правни последици и финансиски импликации, потреба од изработка на нова физибилити студија и нов проект, нов елаборат за експропријација и други проценки, нови договори со подизведувачи,..
– Воедно ќе постои неизвесност дали и кога ќе се реализира проектот за гасоводот поради евентуални проблеми со експропријација, каков што е примерот со изградбата на булеварот „Водњанска“ во Скопје каде и по многу години дел е непрооден поради еден објект за кој сопственикот не дава согласност да биде урнат и не може да се договори со градските власти за неговата пазарна вредност. При изградбата на гасоводи како и на други капитални објекти, секогаш најкомплексен и најголем проблем е решавањето на имотно-правните односи. Доколку се појави некој технички проблем тоа се сведува само на технички предизвик а не и проблем бидејки секогаш се наоѓа техничко решение, потенцира Бурзевски.
Гасификацијата, додава, претставува еден комплексен систем со кој се врши пренос на гас низ цевковод и кој се раководи според точно одредени техничко технолошки прописи и процедури специфични за овие системи. Самото тоа што гасот е експлозивен го става овој ситем во посебна категорија.
– Бев раководител во ГАМА задолжен за имотно правни односи и експропријација, дел од менаџерскиот тим кој 1991 со екипа на експерти од Газпром направи идеен проект, а потоа и главен проект. Гасоводот почна да се гради на почетокот на 1993 и беше завршен за 27 месеци, и пуштен во употреба 1995. Имавме среќа што проектант и изведувач беа русите кои имаат енормно искуство во вакви проекти и од кои сите ние многу научивме, посочува Бурзевски.
Кога ја градевме трасата од Крива Паланка до Скопје, која е во должина од 90 километри, вели тој, секаде наидувавме на шуми.
– Но, гледавме која е помалата штета што ќе се прави затоа што со тие пари што ќе се дадат доколку одите низ приватен имот на граѓаните може да се насадат многу повеќе дрвја од тие што се сечат. Тогаш за имотно-правни односи плативме 2,5 милиони долари, а во сегашни услови тоа би били многукратно поскапо. За тие пари може да се пошуми цело Водно, рече Бурзевски.
И повторно да се проектира магистралниот гасовод би поминувал низ Водно
Проектанти на магистралниот гасовод од Скопје до Гостивар со крак за Тетово се ДИК Чакар&Партнерс кои соработуваат со Украинци и не се сомневам дека е избрана токму трасата која е најповолна, бидејќи најголемиот дел оди по срт, а токму таму нема можност за ерозија, порачува Бурзевски.
Според него, доколку и некоја друга компанија го проектира гасоводот ќе ја избере истата траса, бидејќи е најбезбедна и не е потребна експропријација, а и, потенцира, нема никаква економска оправданост да се измени. Тоа, вели, е најидеалната траса доколку не ги земеме во предвид трите фудбалски игралишта со шума што треба да се исечат.
– Секаде каде што може се оди по терен каде има државно земјиште и по срт заради ерозија и свлечишта. Секаде е наједноставно да се оди по сртот, а Водно е идеално за тоа. Во делот каде што оди трасата има само самоникнати жбунчиња и е многу каменест и карпест. Таму кадешто е предвидено да пројде гасоводот се оди по веќе постојна пеешачка патека која и така е ширко од три до четири метри. За пофалба е што се успеа од 25 метри работниот простор да се сведе на 10 метри широчина. Кога ќе се изгради гасоводот патеката може да се прошири и да се користи и за велосипедизам, рече Бурзевски.
Проектот за гасовод на Водно ги има сите неопходни документи
За изградба на магистралниот гасовод низ Водно по нарачка на Министерство за транспорт и врски во декември 2009 година е изработена Физибилити студија со Идеен проект од ПРОСТОР ДОО Куманово, ЕНЕРГО СИСТЕМ ДОО Скопје, ЕИХП Загреб, ГАСТЕЦ Софија и ПЕТРОЛ Љубљана. Основен проект е изработен од ДИК Чакар&Партнерс, а ревизија на Основниот проект направи Градежен Факултет Скопје. На 23 декември 2016 година добено е правосилно Одобрение за градење издадено од Министерство за транспорт и врски, а има и Решение за Студијата за оцена на влијанијата врз животната средина издадено од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Предвидено е гасоводот да биде во вкупна должина од 9,3 километри со ширина на работен појас од 10 метри. Со тоа се опфаќа вкупна површина 9,3 хектари. Само 2,8 километри од гасоводот треба да поминува низ шума која просечно треба да се сече во ширина од шест метри. Со тоа, според Македонски енергетски ресурси, ќе се исечат околу 1,7 хектари или 1.400 метри кубни дрвна маса од вкупната површина од 4.573 хектари со која располага Парк шумата Водно. Водно, пак, има вкупно 2.593 хектари шума.
За изработка на Физибилити студија, основен проект, ревизија на основен проект, студија за оцена на влијание врз животна средина веќе се потрошени 1,9 милиони евра, за изградба, надзор, експропријација, измени, проценки, и други трошоци досега се потроешни 7,8 милиони евра или вкупно 9,7 милиони евра.
Тоа според МЕР, ќе биде директната штета на буџетот на државата во случај на пролонгирање на проектот, бидејќи нема да може да се продолжи со градба во другиот дел од делницата, и нема да се користат истите цевки што се веќе вградени, заради немање можност од линиска катодна заштита. Тоа воедно ќе значи и пролонгирање за најмалку пет години, прекин на градбата на целата делница од лот5, односно од Скопје до Гостивар со крак за Тетово, раскинување на договорите за заем, и сите други договори со сите правни последици заедно со големи и непознати финансиски импликации.
Ќе биде неопходно изработка на нова физибилити студија, нов основен проект, ревизија на основен проект, студија за оцена на влијание врз животна средина, проценки, елаборати, експропријација, нови постапки за сите договорни услуги низ Скопска Црна Гора, трошоци до одобрение за градба, подолга траса или скапа експропријација, пенали од обврски од договорите или доплнителни најмалку 10 милиони евра.
Неизградбата на гасоводот низ Водно главна причина за слабата реализаицја на капиталните инвестиции на Министерството за транспорт и врски
Како што велат од Министерството за транспорт, согласно сите студии, анализи, како и оценки на експертите, трасата преку Водно е најоптимална, а овој стратешки проект мора да продолжи. Потребно е откочување на работите, се привршува експропријацијата, а градежната оператива има капацитет да ги реализира планираните работи. За ставката гасификација се алоцирани 1,984 милијарди денари, а се реализирани 8,6 проценти.
– Во изминатиот период имавме дебати, најавени се и нови од страна на Министерството за животна средина на кои многу јасно ги соопштуваме сите аргументи зошто гасификацијата односно гасоводот на Водно треба да продолжи, што значат финасиските средства, најважно од се што значи заштитата на животната средина и за сите други аргументи кои ги имаме зошто не треба да настане промена на трасата што е зацртана на Водно, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на прес-конференција.
Според него, токму закочувањето на изградбата на гасоводот низ Водно е главната причина за слабата реализација на капиталните инвестиции на Министерството од сметката заеми. (МИА)