Во 13 грчки градови ќе се протестира за името


Во 13 градови од северниот дел на Грција во среда, на 6 јуни, во 19,30 часот, ќе се одржат 13 паралелни протести за „грчкиот карактер на Македонија“.

Пела, Кавала, Драма, Серес, Кукуш, Поликастро, Воден, Лерин, Костур, Птолемаида, Катерини, Лагадас и туристичкото место Неа Мудања на Халкидики, се местата каде организаторите, „Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“, ги повикуваат граѓаните да излезат на собир за да се „спречи криминалот со предавање на името на Македонија на фалсификаторите на историјата“.

-Ако некои во грчкиот Парламент сакаат да ѝ се спротивстават на народната волја не треба да има ни најмал сомнеж дека тие ќе се соочат со народниот бес што не заборава, ниту пак простува. Се бара подготвеност од секој Македонец и од секој Грк и Гркинка, за да ја одбраниме нашата Македонија, стои во повикот од организаторите, од „Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“, објавен на социјалните мрежи.

Како што во понеделникот јави дописничката на МИА од Атина, организаторите преку овие протести „ќе се обидат да ги потсетат политичарите во земјата дека грчкиот народ донел одлука во врска со името“.

Во дел од грчките медиуми од утрово се појави вест дека организација под името „Комисија за заштита на правата на влашки Грци што живеат во Скопје и заштита на грчкиот карактер на Македонија“, најавува протест во центарот на Атина на денот кога евентуалниот договор би се гласал во грчкиот Парламент.